1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наредната година ќе биде решавачка за консолидацијата на преодниот процес за Западен Балкан

31 октомври 2007

Регионот е конфронтиран со тешки проблеми” – цитира весникот “Фајненшел Тајмс Дојчланд” оцени од стратегиски документ на Европската Комисија за натамошно проширување на ЕУ, кој треба да биде објавен наредната недела

„Ди цајт“ - лого на магазинот

“Основа за алармирачките тонови е што моментно во секоја од државите во регионот се отвораат тешкотии. Како првенствени Комисијата го набројува и натаму нерешениот спор меѓу Србите и Косоварите околу незавсноста на Косово, несигурната европска иднина на Србија, патот на Босна кон целосно суверена држава и неделотворните влади во Македонија, Албанија и Црна Гора... Сосем воопштено, на Балканот се ’нужни повеќе дијалог и дух на толеранција‘. Функционирањето на државата во Босна е ’попречувано од меѓуетничка затегнатост‘. Во Србија ’остануваат силни екстремистичките партии и националистичката реторика и негативно влијаат врз севкупната политичка клима‘. Во Македонија ’честата затегнатост и недоволната кооперација меѓу политичките актери влијаат врз нормалното функционирање на институциите и ги кочат реформите” - пренесува, покрај другото, “Фајненшел Тајмс Дојчланд” од се’ уште необјавениот стратегиски документ на Комисијата на Европската Унија.

Магазинот “Ди Цајт”, пак, се задржува на актуелната ситуација околу Косово. “Фантомската армија”, како што ја нарекува таканаречената Албанска национална армија (АНА), се закани дека “војната е неизбежна, освен ако Косово добие целосна, интернационално призната независност”. Нејзиниот српски пандан “Гардата на цар Лазар” татни ќе ги протера сите косовски Албанци ако конечно не се откажат од сонот за сопствена држава. За овие закани во написот се вели:

“Ни самонаречените ’борци за голема Албанија‘, ниту самоименуваните бранители на ’светата српска татковина‘ војнички не треба сериозно да се сфатат. Но, тоа не е поентата. Екстремистичките групи често пати имаат добар осет за севкупната политичка клима. Со кратките војнички настапи АНА и Гардата на цар Лазар сигнализираат дека ги насетија растечката фрустрација и нетрпение на своите сонародници. Кај Албанците на Косово тие растат оти се’ уште ја нема ветената независност. Тие растат и во Србија каде иритирачкиот збор Косово рефлексно предизвикува милитантна таговна песна за ’загрозеното Српство‘.”

Во написот понатаму се анализираат можните сценарија, меѓу кои повторно станува актуелна и поделбата на Косово, која обете страни во спорот претходно веќе ја отфрлија, па се вели:

“Но, веќе сега се случува тивко ’прочистување на границите‘: Албанци, кои живеат северно од реката Ибар, им ги продаваат куќите на Срби, Србите кои живеат јужно од Ибар ги продаваат на Албанци. Но, со тоа работата не е решена. Во доверба косовско-албанските политичари кажуваат што сакаат за возврат за северно Косово: прешевската котлина на југозападот на Србија со мнозинското албанско население. Тоа, пак, би можело да изроди идеи за поделби кај албанското малцинство во Македонија, а и во република Српка во Босна” – се вели во написот во магазинот “Ди цајт”.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми