1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Наркобосот Ел Чапо е прогласен за виновен

ЕМФ / дв
13 февруари 2019

Озлогласениот мексикански наркобос Хоакин Гузман, познат како Ел Чапо, веројатно остатокот на животот ќе го мине во затвор. Судот го прогласи за виновен, а казната ќе биде соопштена дополнително.

Mexiko, Mexiko City: Joaquin "El Chapo" Guzman
Фотографија: picture-alliance/AP/E. Verdugo

По шестдневни консултации, поротата го прогласи 61-годишниот Хоакин Гузман за виновен по сите 10 точки на обвинението. Казната ќе биде дополнително соопштена од страна на судијата Брајан Куган. Судијата веќе најави дека Гузман мора да смета со доживотна казна. Смртната казна, која е дозволена со американскиот сојузен закон, во случајот на Ел Чапо е исклучена по договор помеѓу САД и Мексико, откако наркобосот беше испорачан од Мексико.

Повеќе„Ел Чапо“ конечно во САД

За најтешкото кривично дело - членство во злосторничко организација, законот во САД предвидува доживотна казна. Останатите точки од обвинението се однесуваат на производство и интернационално ширење на кокаин, хероин и марихуана, како и употреба на огнено оружје и перење пари. Според обвинението, картелот Синалоа под раководство на Гузман во периодот од 1989 до 2014 година во САД прошверцувал речиси 155 тони кокаин и големи количества други дроги.

Цртеж од судската сала на кој се прикажани обвинителите неспоредно пред прогласувањето на Гузман за виновенФотографија: Reuters/J. Rosenberg

Дванаесетчлената порота заседаваше околу 35 часа во период од шест дена. За вината на Гузман дискутираа осум жени и четири мажи. И да беше осуден по само една или неколку точки од обвинението, Ел Чапо ќе добиеше долгогодишна  или доживотна казна затвор. Ослободителна пресуда, со оглед на доказите, од почетокот на процесот изгледаше многу тешко веројатна.

Обвинителството во текот на двомесечниот судски процес поднесе огромен доказен материјал и повика повеќе од 50 сведоци. Адвокатите на Гузман, наспроти тоа, повикаа само еден единствен сведок и својата одбрана ја завршија за 30 минути. Нивната стратегија главно се базираше на тоа да ги претстават како лажговци сведоците на американската влада, односно како лица кои со своите изјави против Гузман само сакаат да си ја намалат сопствената затворска казна.

Ел Чапо на почетокот на 2017 година беше испорачан на САДФотографија: picture-alliance/ZUMA/Prensa International/Ho/Pgr

Обвинетиот се откажа од лично сведочење. Гузман е сместен во силно обезбедуваниот затвор во Менхетен, Њујорк. Не се знае дали казната ќе ја отслужи таму или ќе биде преместен во друг затвор.

На Гузман, кој поради тоа што е висок само 1,60 метри го доби прекарот „Ел Чапо“ (Кусиот), му успеа двапати да избега од затвор: во 2001 година избега во корпа за алишта за перење, а во 2015 годинапреку тунел кој до неговата ќелија го ископале негови соучесници. Ел Чапо повторно беше уапсен и на почетокот на 2017 година беше испорачан на САД.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми