Насилни протести во Холандија по анти-Ковид рестрикциите
ЖА / агенции
25 јануари 2021
Во повеќе холандски градови дојде до насилни протести против полицискиот час, воведен како анти-корона мерка, уапсени се преку 200 лица.
Реклама
Заострените мерки за сузбивање на коронавирусот во повеќе холандски градови предизвикаа безредија. Кратко пред почетокот на полицискиот час во 21 часот во неделата, според полицијаата, дошло до немири во десетина градови.
Во Холандија ова е првпат да се воведува полициски час по Втората светска војна. Ограничувањето на движењето останува во сила до 9 февруари и е воведено со цел да помогне во спречување на ширењето на посебно заразната мутирана варијанта на вирусот, која се појави прво во Велика Британија. Од 21 часот до 4 часот и 30 минути граѓаните во Холандија треба да останат во своите домови, за непочитување на мерката следуваат казни од 95 евра.
Во Ајндховен и Ден Хаг се ограбени продавници и подметнати пожари. Во Ајндховен полицијата со солзавец ги растерала стотиците демонстранти, кои запалиле повеќе возила, уапсени се преку 30 лица.
Градоначалникот на Ајндховен, Џон Џоритсма, употреби драстични зборови за ескалацијата на протестите – доколку ситуацијата се развива на овој начин, „се движиме кон граѓанска војна“, изјави тој пред новинарите.
Немири имало и во Тилбург, Еншеде, Венло, Роермонд, Бреда, Арнхејма и Апелдорн, полицијата соопшти дека на повеќе места била нападната со петарди и камења. Само во Амстердам се уапсени најмалку 170 лица.
Во јужната провинција Лимбург близу германската граница, на помош била повикана и воена полиција. Во Еншеде насилниците фрлале камења врз болница, а дури кон полноќ ситуацијата во повеќето градови се смирила.
Претходната вечер дојде до безредија во малиот град Урк северно од Амстердам, каде млади лица, како што соопшти полицијата, го запалиле корона тест-центарот на здравствениот завод.
Како коронавирусот го промени животот
Пандемијата на коронавирусот го промени од корен начинот на живот на каков што луѓето беа навикнати.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!