1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилството запре, демонстранти ќе спијат пред Собрание

28 април 2017

Полицијата ги евакуираше пратениците, новинарите и службениците од парламентот. Билансот на повредени дополнително ќе се утврдува. Иванов повика на лидерска средба. САД и ЕУ го признаа изборот на Талат Џафери

Mazedonien Proteste im Parlament
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Ситуацијата во и пред Собранието е мирна по полноќ, по интервенцијата на специјалните единици на полицијата кои ги растераа демонстрантите. Детонации од шок - бомби се слушаа во поширок радиус од центарот на Скопје, а демонстрантите во групи беа растерани кон околните улици. Полицијата приведуваше дел од оние, кои се уште се обидуваа насилно да влезат во Собранието преку задниот влез. Наспроти Собранието остана група демонстранти од иницијативата „За заедничка Македонија“ кои најавија дека ноќта ќе ја поминат на отворено, дека ништо не е завршено и дека протестите ќе продолжат. 
Полицијата вели дека по извршената евакуација (на пратеници, новинари и службеници во парламентот), во 22.35 часот била издадена наредба полициските службеници на терен да извршат уште една проверка на сите работни простории во Собранието. МВР соопшти дека до 23.30 часот во Градската општа болница 8-ми септември, Градска болница Св. Климент Охридски и во Клинички Центар лекарска помош побарале 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници. Дополнително во Касарната Ѓорче Петров лекарска помош укажана е на уште седум лица.
„Исто така издадена е наредба на полициски службеници при Секторот за внатрешни работи Скопје за проверка на болниците во градот за утврдување на број на повредени лица и нивна здравствена состојба“, се наведува во соопштението. 
Билансот од насилството во парламентот се десетина повредени граѓани и полицајци, и најмалку четири пратеници од мнозинството. Меѓу нив се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, Зијадин Села, Максим Димитриевски, Дамјан Манчевски, а физички грубо беше нападната и Радмила Шекеринска. На некои од тв-снимките се забележува дека повредени биле и пратениците Оливер Спасовски и Хари Локвенец. 
„Во Македонија врие“, „Хаос: шок-бомби и крвави пратенички глави“, „Kрв и искршени стакла“ се дел од насловите за насилството во македонскиот парламент. Фотографии од повредениот Заев се појавија во повеќе регионални медиуми. 

Најтешко повреден беше Зијадин Села. Фото: Зоран Заев и пратеници на СДСМФотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev

Упад во парламентот
Се започна околу 19 часот кога демонстранти и организаторите од иницијативата „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во Собранието, а полицијата не успеа ги спречи, по што во законодавниот дом завладеа вистински хаос. Дел од демонстрантите почнаа да фрлаат столчиња, да демолираат и физички да ги напаѓаат пратениците од мнозинството, кои половина час претходно во согласност со изборната волја на граѓаните, одредбите од Уставот, деловникот и законите, го избраа пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на парламентот. Насилството што уследи откако Џафери даде заклетва и потпиша свечена изјава, наиде на жестоки реакции од ЕУ и САД, кои го признаа изборот на новиот претседател на парламентот и најавија соработка со него. 
По бројните меѓународни реакции, се огласи и претседателот Ѓорге Иванов, кој избега од новинарски прашања. Повика на смирување на тензиите, на разум и на одговорно однесување на сите надлежни институции, но не изостана и обвинување од негова страна. 
„Пратениците се најодговорни за враќање на состојбата во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија, кои денеска беа прекршени“, рече Иванов, и ги повика лидерите на парламентарните партии утре да дојдат во неговиот Кабинет, за да ги разгледаат сите опции за смирување и наоѓање излез од новонастанатата состојба. 
„Иванов подеднакво со Груевски и Вељаноски е виновен за крвавото сценарио во Парламентот и за тоа ќе сноси сериозна одговорност“, реагираа од СДСМ. 
„Ѓорге Иванов е извршителот на Никола Груевски. Иванов работеше спротивно на Уставот и неговите должности пред граѓаните со тоа што го поддржа насилието на Груевски, и заедно со Груевски и со Трајко Вељаноски свесно работеше на омраза и поделби во државата“, соопшти СДСМ.

Полицијата им дозволи на насилниците да влезат во Собранието и немо набљудуваше додека беа напаѓани пратениците.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Организатори на насилството: „За Заедничка Македонија“Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Одговорност за Чавков
Реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој укажа дека со Бирото за јавна безбедност раководи директорот Митко Чавков, без чие знаење и наредба не смеат да се спроведат или одбијат полициските овластувања. 
„Според Кривичниот законик, вршењето на грубо насилство од страна на група над повеќе граѓани кое во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв е тешко кривично дело. Очигледно е дека непостапувањето на полициските службеници е производ на незаконска наредба и злоупотреба на службената положба. За ваквите постапки одговорност сносат и претпоставениот и извршителите“, се вели во соопштението на ХК. Оттаму го повикаа Секторот за внатрешна контрола при МВР и јавното обвинителство да спроведат итна истрага за утврдување на одговорност кај сите инволвирани во денешните насилства. Насилството го осуди и Народниот правобранител. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми