Насилство во германскиот фудбал
10 октомври 2009
Фудбалот не е само „најубавата споредна работа на светот“. Во него се огледуваат и сериозни општествени проблеми, како што се меѓуетничките тензии, непријателството кон странците, ксенофобија и нетолерантност од секаков вид. Меѓу феномените во Германија е на пример носењето навивачки дресови со две осмици. Зад овој нумерички симбол се крие нацистичкиот поздрав „Хајл Хилтер“, бидејќи буквата „х“ е осма по ред во абецедата. Неонацистите меѓутоа исто така се обидуваат и да се инфилтрираат во спортските здруженија, па дури и да основаат свои, т.н. „национални фудбалски здруженија“. Во исто време во Германија има и спортски здруженија, во кои што членуваат разни мигрантски заедници. Така од напред се создава експлозивен набој: „Има ситуации каде што одделни играчи, но и цели тимови се познаваат од напред и имаат одредени слики и предрасуди едни за други од претходни средби. Па така на некој натпревар играат на пример ’нацистите против канаците’, што е погрдно име за странците и посебно за Турците во Германија. Можете да си замислите каква е атмосферата на теренот и на трибините, кога натреварот почнува во ваков предзнак“, објаснува Ангелика Риблер, психолог и експерт за спортски конфликти од Хесен.
Профилакса
За да се спречат вакви конфликти поврзани со фудбалските натпревари, во Германија се одржуваат превентивни курсеви за спортските функционери, како и за членовите на спортските клубови и здруженија. На тој начин се подготвуваат на конкретни конфликтни ситуации, но исто така се постигнува и отпорност на неонацистичка пропаганда. Што се однесува конкретно до играчите, Риблер препорачува: „Фудбалерите во принцип не сакаат да слушаат некакви филозофи, туку сакаат да се концентрираат на нивната игра. Затоа за помладите нудиме кусреви по фер-плеј, во кои на разигран начин ги наведуваме да размислуваат за односот едни кон други, кон противникот на теренот, кон тренерот и судиите.“
Курс по деескалација
За постарите пак се нуди тренинг по деескалација на конфликти, при кој станува збор за тоа како соодветно да реагираат на одредени провокации од противниците или од публиката. Освен тоа на фудбалерите им се објаснуваат и различни стратегии на помирување кога се во прашање сооиграчи, за на тој начин да дејствуваат смирувачки, наместо да дозволат да бидат вовлечени во конфликтот на другите.
Автор: Пандели Пани / Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска