Насилство во Ерусалим, Западниот Брег и Појасот Газа
30 март 2012Во регионот на Ерусалим денеска (30.03) дојде до судири меѓу стотици палестински демонстранти и израелската полиција. Безбедносните сили употребија гумени куршуми, солзавец и други средства за да ги разбијат демонстрантите кои фрлаа со камења. Насилство изби на контролните пунктови во Западниот брег, северно и јужно од Ерусалим, и на влезот во стариот дел на градот, кадешто се наоѓа џамијата Ал Акса. Лекари во Појасот Газа соопштија дека Израелците употребиле и боева муниција, за да попречат демонстрантите да стигнат до граничниот ѕид. Едно лице било сериозно повредено.
Поради најавените протести од страна на Палестинци и Арапи во Западниот брег, израелските безбедносни сили претходно го блокираа регионот и ги зајакнаа безбедносните мерки во земјата. Палестинците од Западниот брег, со мали исклучоци, не смеат да влегуваат во Израел. На 30 март Палестинците го одбележуваат денот кога во 1976 година, на протести против запленувањето земја, од страна на израелската полиција беа убиени шестмина израелски Арапи. Тие тогаш протестираа против плановите на израелската влада да конфискува земја во реонот Галилеја, во северниот дел на Израел.