1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наскоро задолжителна вакцинација против ковид во Германија?

29 јануари 2022

И Бундестагот се вклучи во дебатата: ќе мора ли сите да се вакцинираме против коронавирус? Марсел Фирстенау има разбирање за поборниците за задолжителна вакцинација, но е сепак против, поради многу отворени прашања.

Berlin Impfung in der Sage Beach Bar und Restaurant
Фотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Три часа! Во парламентот ретко се дебатира толку долго околу една тема. Самото тоа покажува дека се работи за нешто многу важно. А што е во моментов поважно од борбата против корона-пандемијата? Мнозинството недвосмислено би одговориле: ништо не е поважно од тоа. Поради тоа е добро 736-те пратеници во германскиот Бундестаг да одвојат онолку време колку што е потребно за расправа и аргументација околу контроверзните прашања: што мислите за задолжителна вакцинација против коронавирус? Треба ли Германија да го следи примерот на Австрија?

На ова нема јасен одговор ниту владејачката коалиција составена од Социјалдемократите, Зелените и Либералите, која е на власт околу 50 дена. Јасен во смисла дека доколку би се гласало за ваков закон, би можела да се потпре на сопственото мнозинство. Поради тоа критичарите му префрлаат на канцеларот Олаф Шолц дека не успеал да се справи со првиот поголем предизвик.

Лицемерна критика за канцеларот Олаф Шолц

Сепак, секој што го користи ова за да ја толкува лидерската слабост на наследникот на Ангела Меркел, изнесува лицемерни аргументи. Особено ако сте во истиот брод, бидејќи ниту вашите редови не се збиени на емотивната тема корона. Тоа се однесува и на Демохристијаните кои на последните парламентарни избори во 2021 заминаа во опозиција.

Со исклучок на АфД, која е отворено против ковид мерки во земјата, ниту една од другите партии немаат усогласен став во однос на задолжителна вакцинација. Неусогласеноста на останатите партии не е политички неуспех, туку одраз на разумна промисленост. Конечно оваа одлука – без никакво претерување ниту патетика – е прашање на живот и смрт.

Човечки е да е греши, но може да делува и збунувачки

Речиси никој не очекуваше дека пандемијата ќе трае волку долго. Се сеќавате ли на големите ветувања дека сѐ ќе заврши брзо кога ќе се појават вакцините. Во меѓувреме целиот свет знае дека тоа беше фатална грешна проценка. Бидејќи вирусот постојано мутира, а имунитетот од вакцините е покус и послаб од очекуваното. Омикрон варијанта на вирусот, која е најраширена во моментов, е пример за тоа.

Пред нејзиното појавување најголемиот дел од политичарите се изјаснија против задолжителна вакцинација – меѓу нив и вирологот и актуелниот министер за здравство, Карл Лаутербах. Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така се промени од противник во поддржувач. Неговите аргументи како и на многумина од оние кои го сменија мислењето гласат: стапката на вакцинација е премногу ниска. Иако според последните бројки (26 јануари) во меѓувреме е речиси 74%.

Лоша кризна комуникација

На почетокот на пандемијата се зборуваше дека таканаречениот имунитет на стадо кај населението ќе се достигне со квота на вакцинација од 60% до 70%. Бројки кои со секоја нова мутација се коригираат нагоре. Во меѓувреме се зборува за потреба од најмалку 90% вакцинираност на населението. Тоа можеби е точно, но постојаното зголемување на потребната стапка на вакцинирани кај многумина предизвикува сомнеж во кризниот менаџмент.

Марсел ФирстенауФотографија: DW

И сега? Бројот на заразени секојдневно достигнува нови рекорди, но се намалува бројот на тешки случаи, а особено значајно е тоа што се намалува бројот на корона-пациенти на интензивна нега во болниците. Кон средината на декември 2021 имаше речиси 5000 хоспитализирани, но од тогаш бројот е преполовен. Но зошто? Бидејќи  Омикрон е многу позаразен од претходните варијанти, но помалку опасен.

Многу пропаднати надежи

Во меѓувреме и најпознатиот германски виролог, Кристијан Дростен од берлинската болница Шарите вели дека во одреден момент треба вирусот „да се остави да циркулира“, бидејќи не можете постојано да го вакцинирате населението со нови и нови бустер дози. Тој вели дека во одреден момент стана јасно дека одобрените вакцини многу малку штитат од Омикрон. Но, и покрај тоа се продолжи со кампањата за ставање на трета, бустер доза.

Причина: со бустер вакцина се спречува развој на тешка форма на болеста. Засега не се знае кога ќе се појави нова вакцина против Омикрон, која е доминантната форма на вирусот во моментов. Шефот на Бионтек, Угур Шахин се надева дека тоа ќе биде во март. Но многу често и претходните надежи поврзани со оваа тема пропаѓаа. Што ќе биде кога ќе се појави нова мутација на вирусот и повторно ќе биде потребна нова вакцина?

Загриженост и сомнеж

Во меѓувреме милиони луѓе имаат случаи на повторно заразени во семејството, или во кругот пријатели, но и заразени и покрај бустер доза. Па така сѐ помалку им веруваат на ветувањата.  И сертификатите за вакцинација одеднаш се важечки само девет, наместо 12 месеци. За прележан се смета само три месеци по заразата, а не шест како досега. Бустер дозата првично беше препорачана да се прими по 6 месеци, а во меѓувреме тоа е преполовено на три месеци.

Сето ова предизвикува загриженост па дури и сомнеж и кај веќе вакцинираните. Па така, во ваква ситуација да се бара задолжителна вакцинација не е баш добра идеја. Оти според досегашното искуство никој не може да гарантира дека поголема стапка на вакцинација автоматски ќе доведе и до крај на пандемијата. Бидејќи повеќето порадо би платиле казна, отколку да се вакцинираат и затоа што би се очекувала поплава од тужби.

И доброволна вакцинација може да доведе до целта

По првичната расправа во Бундестагот, каде сѐ уште не е поднесен предлог закон, сега започнува жешката фаза. Заговорниците на задолжителна вакцинација сакаат таа да биде воведена до крајот на март. Тие се свесни дека населението е уморно од корона пандемијата. Но и покрај разбирливото нетрпение, работите треба да се одмерат трезвено. Гласање врз основа на чувство или расположение би било неодговорно. 

Ова е прашање на совест. Поради тоа е добро, тоа што владата не поднесе предлог закон во Бундестагот и одлуката им ја префрли на сите пратенички групи во Парламентот. И со оглед на широко распространетата неизвесност, треба да се потсети дека – нема обврска за задолжителна вакцинација. Сѐ уште можеме да се потпреме на доброволна вакцинација.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми