Наскоро и Велика Британија ќе биде даночна оаза?
5 јули 2016Со значително даночно растоварување британскиот министер за финансии Џорџ Озборн (на фотографијата) сака да ги наведе странските претпријатија да не ја напуштаат Велика Британија по гласањето за брегзит. Како што на викендот пишуваше весникот „Фајненшел Тајмс“, данокот на приход за претпријатијата треба од сегашните 20 проценти да биде намален на помалку од 15.
Таа стапка би била најниска во споредба со сите земји со големи економии. Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), таа во просек изнесува 25 проценти. Пониско даночување на претпријатијата во Велика Британија веројатно би ги налутило другите земји од ЕУ, оти тоа може да води кон натпревар за намалување на даноците, а со тоа и до опаѓање на приходите од данокот.
Со таквите планови Озборн сосема очигледно реагира на стравувањата дека по решението за брегзит претпријатијата би можеле да ја напуштат земјата поради несигурноста во врска со идните односи на Велика Британија со ЕУ. И повеќе големи британски претпријатија веќе јавно предупредија во врска со добивката по брегзит.
Подобрување на конкурентноста
„Корпорејт такс“ е данок на приход за одредени правни лица (капитални трговски друштва, задруги, здруженија, фондации). Тој може да води кон двојно оданочување, ако од веќе оданочената добивка на некое претпријатие се поделат дивиденди на косопствениците, на кои акционерите се обврзани да платат данок.
Министерот Озборн за „Фајненшел Тајмс“ изјави дека британското стопанство мора да се подготви за подобрување на конкурентноста по излегувањето од ЕУ. Пред референдумот за брегзит од негова уста не можеше ништо да се слушне за намалување на даноците. Напротив, тој првобитно најавуваше дека во случај на изјаснување за напуштање на ЕУ, Велика Британија би морала со покачување на даноци и со мерки за штедење да прибере околу 30 милијарди фунти.
Ирска како пример
Пример на кој се угледува Озборн очигледно е Република Ирска, која веќе со децении води агресивна политика на намалување на даноците, и покрај лутењето на другите индустриски држави. Во годините пред избивањето на финансиската и економска криза во главниот ирски град Даблин тоа привлекуваше јата од големи банки, а сега таму се слеваат хај-тек фирми кои стопанисуваат на интернет.
Во Даблин Гугл веќе има 4 згради, а во соседството се населија повеќе ИТ-концерни. Во стаклените канцелариски кули подигнати на поранешните пристанишни докови се сместени Фејсбук, Амазон, Пејпал, Твитер, Дропбокс и Ербнб. Причината е очигледна: фирмите плаќаат во Ирска помалку данок отколку на други места во светот. Добивка на претпријатијата оданочена со само 12,5 проценти – толку ниска стапка на данок нема во ниедна друга индустриска земја.