Повторно американските воени маневри пред Северна Кореја?
СН/ агенции
29 август 2018
Затоплувањето на односите меѓу САД и Северна Кореја се чини дека заврши. Воени вежби со Јужна Кореја се повторно можни, порача Пентагон. За суспензијата на маневрите недостасува основа.
Реклама
Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис (насловна фотографија) најави укинување на суспензијата на воените вежби на Корејскиот полуостров, донесена како „гест на добра волја“ по средбата на претседателот на САД, Доналд Трамп со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во јуни.
„Како што знаете, донесовме одлука за суспензија на најважните воени вежби како гест на добра волја по самитот во Сингапур. Немаме планови за суспензија на други маневри“, им рече Матис на новинарите.
Преговорите за денуклеаризација на Северна Кореја не даваат многу резултати, поради што Трамп ја откажа планираната посета на државниот секретар Мајк Помпео на Пјонгјанг.
Шефот на Пентагон не наведе кога ќе бидат продолжени вежбите, но рече дека војската ќе се консултира со американските дипломати задолжени за преговорите со Пјонгјанг пред донесување на одлуката.
„Нема да продолжиме со маневри. Ќе видиме како ќе напредуваат преговорите“, изјави Матис.
Пентагон во јуни објави дека главните воени вежби со Јужна Кореја „се суспендирани на неодредено време“. Во Јужна Кореја се стационирани околу 28.500 американски војници.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.