1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штитеничката на Меркел најави оставка од партиската функција

БГ /РТР
10 февруари 2020

Анегрет Крамп-Каренбауер најави дека ќе се повлече од лидерската функција во владејачката германска ЦДУ и нема да се кандидира за канцелар на следните избори. Оставката се должи на скандалот во покраината Тирингија.

Kanzlerin Merkel und AKK Mimik
Фотографија: Imago Images/J. Schicke

Крамп-Каренбауер беше избрана за наследничка на Ангела Меркел на кормилото на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во декември 2018 година, но не успеа да го наметне својот авторитет врз партијата. Минатата недела, покраинскиот огранок на ЦДУ ја игнорираше нејзината волја и гласаше за избор на покраински премиер заедно со десно-радикалната АфД. Настанот предизвика огромна политичка бура во Германија.
Минатата година, Крамп-Каренбауер им порача на делегатите на партиската конференција да ја поддржат нејзината визија за Германија или да ја сменат од функцијата. Делегатите и ја дадоа поддршката, но многумина останаа неубедени од нејзиното лидерство.

Нејзиниот неуспех да наметне дисциплина во партијата во покраината Тирингија само го намали нејзиниот кредибилитет.

Внатрепартиските ривали на Крамп-Каренбауер, бизнисменот Фридрих Мерц и актуелниот министер за здравство Јенс Шпан веќе подолго време ја меркаат нејзината функција.

Крамп-Каренбауер денеска на партиското раководство му порачало дека нема намера да се кандидира за канцелар следната година, и дека налето ќе се повлече и од партиската функција. Засега таа сепак ќе остане министер за одбрана во владата предводена од Меркел.

Следните парламентарни избори во Германија треба да се одржат следната есен, но нарушените односи меѓу владејачките конзервативци и социјалдемократи би можеле да доведат и до вонредно гласање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми