1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наследството на Магна карта

Ш. Пипер (ард) / БГ15 јуни 2015

На 15. јуни 1215 година, на брегот на реката Темза беше потпишан еден од највлијателните документи во светската историја, иако, самиот никогаш не беше спроведен на територијата на таа држава.

Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Arrizabalaga

За да избегне граѓанска војна со незадоволните барони, англискиот крал Џон го потпишува документот, кој всушност имал карактер на мировен договор. Во истовреме, Magna carta libertatum (Големата повелба на слободата) за првпат во Англија на поданиците им ги гарантира основните права. Дејвид Карпентер, професор по воена историја на лондонскиот Кралски колеџ, вели дека револуционерното во законот било и тоа што владетел морал да одговара пред законот.

Големата повелба на слободата се состои од 63 поглавја и 3.550 зборови - на латински. Принципите и денес звучат модерно. Секој има право на фер процес, никој не може без пресуда да заврши во затвор, никој не може да биде оданочуван без да се води сметка за неговите интереси. Но, не постои една единствена Магна карта, туку неколку верзии на првобитниот текст.

Влијанието на Големата повелба

Во првите векови од постоењето немала големо значење, но од 17. век започнал нејзиниот победоносен од. Стана мит, симбол, икона на слободата. И тоа многу повеќе одошто се наведува во нејзината содржина, вели Џулијан Харисон од Британската библиотека.

Потпишувањето на Магна картаФотографија: picture-alliance/ dpa

Магна карта на многумина им послужи како проекција. Во 1689 година напишан е нацрт-законот за правата (Bill of Rights), француската Декларација за човековите права сто години подоцна, а Универзалната декларација за човековите права беше донесена во 1948 година. Сите иницијатори за усвојување на овие документи се повикуваа на „Големата повелба“.

Хедер Роуланд, библиотекарка на Лондонското антикварско друштво потсетува дека втемелувачите на САД, но и Махатма Ганди водејќи на Индија во независност во 1947 година, се раководеле од принципите на тој историски документ. Но, Роуланд дополнува дека денешното значење на Магна Карта се‘ уште не им е јасно на сите Британци, и дека на британскиот правосуден систем му недостасува Устав кој до крај би го разработил духот на „Големата повелба“.

„Чудно е дека тој англиски документ влезе во уставите ширум светот или барем влијаеше врз нив- од САД до Тонга, а ние се‘ уште немаме пишан Устав“. Тоа, според неа, е иронија на историјата.

Во меѓувреме, Магна карта стана и дел од масовната култура. Американскиот рапер Џеј-Зи нарече еден од своите албуми „Magna Carta Holy Grail“. Тоа покажува дека документот и по 800 години има култен статус.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми