100811 Jugendgewalt Frankreich
20 август 2011
Што се случи шест години потоа, дали за луѓето во Клиши су Боа нешто се промени?
Оној кој сака да патува од Париз до Клиши су Боа пред себе има тежок пат: прекачување од метрото во трамвај, па потоа во автобус. Овде официјално живеат 30 илјади луѓе, три четвртини од нив имаат помалку од 800 евра месечно за живот. Тоа е малку, вели заменикот-градоначалник Мезин Абеделаки, но сиромаштијата не е најлошото: „Целосно сме отсечени. На оној кој сака да работи или студира во Париз, да учествува во културниот живот, му требаат еденипол час до центарот. А дотаму има само 15 километри“.
Жигосани жители и акумулиран бес
Да се излезе од Клиши су Боа е тешко, во секој поглед. Конкурирањето за работно место со поштенски жиг од предградието завршува директно во корпа за отпад. Овдешните жители се жигосани, без шанса, често гневни. Во октомври 2005 година гневот се излеа. Две момчиња бегајќи од полицијата се сокрија во трафостаница и загинаа. Со недели потоа во Франција беснееја безредија.
Биланс: тројца загинати, илјадници опожарени автомобили, опустошени продавници и банки, трауматизирани жители. Ним тогашниот министер за внатрешни работи Никола Саркози им вети дека ќе ги исчисти нивните квартови од криминалците: „Вам ви е доста од нив, од овој отпад, ќе бидете ослободени од него“. Полицискиот час и масивната присутност на полицијата ги запреа безредијата.
Премала помош од државата
По изборот за претседател Никола Саркози претстави т.н. „План за надеж“. Навистина се создадоа шанси, смета заменикот-градоначалник Абделаки: „Ако ги немавме парите кои тогаш ни ги дадоа на располагање, немаше да можеме пропаднатите стари згради да ги замениме со нови станови, ниту да ја изградиме повторно изгорената спортска сала“.
Но, овие инвестиции се премали. Каква корист од новиот полициски комесаријат во Клиши су Боа кога нема ниедна агенција за вработување, културен центар или понуди за младите во нивното слободно време. Квартот едноставно има и натаму лош имиџ.
И во 2007 и последно во 2010 година во Франција повторно гореа автомобили и продавници. Невработеноста на младите повторно порасна, моментно е над 40 проценти. Заменикот-градоначалник од Клиши су Боа и натаму се бори за нормална состојба во предградието. Но, не навестува ништо добро: „Ако се заостри повторно економската криза и државата рече-поради неа нема повеќе да добивате пари, ситуацијата пак ќе стане експлозивна. Пред нас има уште многу за да ги совладаме проблемите“.
Автор: Јулија Борута/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска