НАТО вознемирен поради руските акции во Сирија
8 октомври 2015 Состојбата во Авганистан и руските акции во Сирија, тоа се големите теми на состанокот на НАТО-министрите за одбрана во Брисел. Пред средбата, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг повторно со остар тон ја критикуваше Русија поради повредите на воздушниот простор на Турција. Тој на тоа не гледа како на инциденти, туку на смислен напад.
Притисокот во најголем дел доаѓа од Турција: рускиот амбасадор во Анкара досега трипати беше повикуван на консултации. Русија ќе мора да престане со оваа пракса, му беше порачано. Состојбата во регионот е експлозивна. За првпат од крајот на Втората светска војна, западните сојузници се поставени наспроти сојузот на Русија на ист воздушен простор.
Откако во средата, руските сили во Сирија ја поддржаа копнената офанзива, фронтовите се поделени: „Русија не се бори против ИД“, обвинува Столтенберг, „туку целта и се опозициските групи и цивилите“. Путин сега се наметна како актер на сцената, сметаат во Германија.
НАТО ја повикува руската влада да почне со преговори и да се бара политичко решение. Но наместо тоа, Алијансата набљудува, како што рече амбасадорот на САД во НАТО Даглас Лут, „импресивна руска воена парада“ во Сирија: модерна артилерија, ракети земја-воздух, борбени авиони и хеликоптери, воени бродови и околу 500 копнени трупи.
„Контрашкото однесување на Русија не е од помош“, вели американскиот амбасадор. „Таа ја комплицира воената, политичката и хуманитарната состојба во Сирија“. Притоа, голем е и ризикот дека може да дојде до судири со силите кои ги поддржува западната алијанса. НАТО политичарите и воените команданти се во контакт со Москва. Оттаму добиле ветување дека ќе бидат известувани за воздушните напади во Сирија, за да се спречат инциденти и судири.
Сирија во моментов е поле за судир на две алијанси со спротивставени интереси, вели американскиот амбасадор: од една страна САД, арапските држави и членките на НАТО, а од друга: владата на Асад, Иран, милицијата на Хезболах и Русија. Но, Путин нема да успее со воени средства да постигне долгорочно решение, вели тој.
Одложување на повлекувањето од Авганистан
Втората голема тема е состојбата во Авганистан. Освојувањето на Кундус од страна на талибанците и даде нов правец на дебатата за Авганистан во НАТО: плановите за повлекување на САД и сојузничките трупи кои останаа таму сега се доведени под прашање.
Сојузниците ќе бараат од американскиот министер за одбрана Картер да го продолжи мандатот на неговите трупи во земјата, и со тоа да овозможи останување и на другите сојузнички војници. Од германската страна потврдија дека се подготвени да го продолжат мандатот на нивните војници, доколку тоа го сторат и останатите партнери и пред сѐ САД. Сега се чека одлука на Белата Куќа. Во прв ред се работи за продолжување на актуелниот мандат, а не за почеток на борбени активности.