1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО во 21 век

8 февруари 2006

НАТО е повторно на цена. Скоро три години по ирачката војна која ја предизвика најдлабоката криза во неговата историја, Европејците и Американците повторно се единствени: за светската безбдност во 21 век е надлежен пред се НАТО, иако тоа нема да биде едноставно да се спроведе.

НАТО пред предизвиците на 21 век
НАТО пред предизвиците на 21 векФотографија: AP

Иако трансатлантските расправии за ирачката војна му припаѓаат на минатото, а заканите и натаму се слични, владее неединство за поуките од неа. За разлика од Американците, Европејците и натаму сакаат да останат штедливи во буџетите за одбрана.

Кризите како иранската, на Блискиот исток или дури во Северна Кореја во иднина треба да бидат теми на алијансата, бара германската канцеларка Ангела Меркел:

„Денес НАТО е спојот на трансатлантските интереси и на неговите вредности. Мора да биде место на кое ќе се водат политички разговори за новите конфликти во светот, и треба да биде место на кое ќе се координираат политичките и воените акции„ .

Трансатлантското разбирање за безбедноста е запишано уште пред половина век во повелбата на НАТО, но во ирачката војна тој договор не беше почитуван. Германија и Франција не беа само против воената акција, туку активно се обидуваа да ги спречат американските планови. Тој спор со Вашингтон е минатио. На обете страни од Атлантикот деновиве самокритично се вели дека го запоставија дијалогот во сојузот. Пред една година во Брисел американскиот претседател Џорџ Буш го покажа првиот знак на попуштање:

„Во овој век сојузот меѓу Европа и Северна Америка е главниот столб на нашата безбедност. Нашето блиско пријателство е основата за мирот и благосостојбата во светот. Нема да не разделат никакви привремени дебати, никакви привремени разлики во мислењата на владите, ниту една сила на светот„.

И во европските метрополи порасна сознанието за НАТО и трансатлантското партнерство, иако во различни размери. Генералниот секретар на алијансата Јап де Хоп Шефер меѓутоа, е сигурен:

„Задоволен сум што годинава можам да кажам: состојбата во алијансата е добра. Повеќе од кога и да е НАТО денес се бара и секако може да ги исполни очекувањата„.

Единство меѓу партнерите владее особено при анализата на заканите: меѓународниот тероризам е на врвот на листата. Американскиот министер за одбрана Доналд Рамсфелд:

„На нашите држави и народи им е објавена војна. Нашата иднина зависи од единството во битката против тероризмот, која канцеларката Ангела Меркел со право ја оцени како најголем предизвик за нашата безбедност во 21 век„.

Меѓутоа, духовите се поделени околу прашањето како да се реагира на оваа закана. За разлика од Вашингтон, европските сојузници не се гледаат во војна против тероризмот и одбиваат експанзивна воена политика. Германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг:

„ Од новите членки на НАТО бараме 2 насто од нивниот буџет за одбрана, а ние самите да останеме на 1,4. Но морам да бидам реален: ако германската влада мора да заштеди во буџетот 35 милијарди евра, тогаш не можам да ветам дека ќе биде зголемен делот од буџетот за одбрана„.

А, токму тоа со години го бараат американските политичари како Доналд Рамсфелд:

„Реформа на НАТО не е можна со нула тарифа. Можно е за нашите влади да е полесно парите од даноците да ги трошат за потребите и желбите дома. Но, ако не инвестираме до одбраната и безбедноста, тогаш ги ставаме во опасност нашите татковини„.

За 2007 година владата во Вашингтон повторно планира рекорден буџет за одбраната. Франција, Германија и другите држави од Европа напротив, по крајот на студената војна масивно штедат. Експертите го оценуваат заостанувањето во воената технологија на повеќе од една деценија. Европските партнери во НАТО се во состојба да спроведат широки воени акции само со поддршка на САД. Американците радо би виделе поголема одговорност на НАТО во кризните региони, на пример на Блискиот исток. Меѓутоа, пред се традиционално критички настроената кон Американците, влада во Париз, бурно реагира против таквите планови. НАТО не смее да се растргне, вели француската министрека за одбарана Мишел Ајо-Мари. Но, и Париз прифаќа посилен ангажман на алијансата во глобалната војна против тероризмот. За ова прашање би можел да се случи следниот спор. Германската канцеларка Ангела Меркел:

„Сакаме и мораме да го спречиме развојот на иранското атомско оружје. Нуклеарната програма на Иран со право буди сомневања дека не станува збор за мирољубиво користење на атомската енергија, туку дека станува збор за воени опции„.

Како да се спречи тоа во последна инстанца? Влијателниот американски сенатор Џон Меккејн воопшто не се воздржува да каже:

„Сите опции мораат да бидат на маса. Има само една работа полоша од воен удар против Иран. Тоа е нуклеарно вооружен Иран„.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми