1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО го зголемува притисокот врз Русија

Бернд Ригерт / Елизабета М. Фиданоска2 април 2014

Министрите за надворешни работи на земјите на НАТО денеска во Брисел ја завршуваат двоневната средба, во чиј фокус е односот кон Русија. Вчера беше прекината целокупната практична цивилна и воена соработка со Москва.

Фотографија: Reuters/Francois Lenoir

НАТО мора да прави шпага. Од една страна, им дава уверување на земјите членки кои се наоѓаат на границата со Русија безусловна поддршка, а од друга страна не сака да поттикнува натамошна ескалација. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер гледа со скепса кон барањата на својот полски колега Радек Сикорски за трајно распоредување на голем број војници на НАТО на полска територија: „Мислам дека би било паметно сегашната ситуација да не се користи за евентуално заострување на спиралата на насилство.“

Сикорски и претставниците на балтичките земји не се сосема задоволни со уверувањата дека нема да бидат прифатени агресивните чекори на Русија, велат дипломати на алијансата кои учествуваа на седницата на Советот на НАТО. Сепак, сојузот сите заклучоци го донесе едногласно, уверуваше на прес-конференцијата потоа генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен. Тој најави замрзнување на секаков вид соработка со Русија - и воена и цивилна.

Заедничкиот Совет НАТО-Русија нема да одржува седници, но алијансата сепак е подготвена за дипломатски контакти со Моксва. Каналите остануваат отворени. „Навистина не верувам дека кој било во Европа сака воена конфронтација. Мора да одиме и натаму по патот на дипломатијата. Притоа е енормно важно светот да разбере дека сме решени да ги заштитуваме и браниме нашите сојузници и нашето население“, рече Расмусен.

Расмусен: Мора да одиме по патот на дипломатијатаФотографија: Reuters/Francois Lenoir

Повеќе авиони за Балтикот

Набљудувањето од воздух, кое НАТО го врши веќе 10 години над земјите од Балтикот, може да биде засилено доколку командантите на НАТО во Европа тоа го сметаат за нужно. Повеќе држави, меѓу кои и Германија, понудија испраќање свои ловци пресретнувачи кои можат да бидат стационирани во Литванија и Естонија. Од кругови на НАТО се вели дека за вакво нешто во моментов има многу малку потреба. Повеќе станува збор за симболичен акт. Русија досега не реализирала никакви „провокативни“ летови на границата.

Штајнмајер и Кери во БриселФотографија: picture-alliance/AP

Над Полска и Романија се веќе засилени летовите за набљудување со Авакс-авиони. Освен тоа, САД во Полска испратија дополнителни борбени авиони со околу 300 војници. Треба да бидат зајакнати и американските трупи во Романија, најави Пентагон. Германија, пак, би можела во Балтичкото Море да испрати уште еден брод за набљудување.

Министрите за надворешни работи на НАТО го уверија шефот на украинската дипломатија Андри Дешчицја, кој беше на состанокот во Брисел, дека ќе има потесна политичка соработка со неговата земја. Германија, како што се вели, би можела да испрати инструктори за цивилните лица вработени во украинското Министерство за одбрана. Меѓутоа, директна воена помош или заеднички НАТО-маневри на украинска почва нема да има.

Потесни врски со Украина

НАТО би требало да се потпре на дипломатија, смета германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер: „Мислам дека денеска (01.04) се дискутираше со ладна глава. Секој виде дека во судирот околу Крим во моментов не напредуваме, поради тоа што ставовите на Русија и на Западот се многу оддалечени. Сепак, имаме обврска да не дозволиме ситуацијата да се развива по свој тек, туку треба донекаде да се задржи контролата, во полза и на самите граѓани на Украина.“

И покрај интерните дискусии за натамошните постапки, НАТО настапува единствено, нагласи Штајнмајер. За тоа има и добра причина: „Ова не е само сериозен конфликт, туку е најсериозниот конфликт со децении кој сме го имале во Европа. Тоа никој не го потценува“, изјави шефот на германската дипломатија во Брисел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми