1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

НАТО, имаме проблем!

3 јуни 2022

Каква и да беше Алијансата пред војната во Украина - НАТО беше едно и единствено. Денес, во услови на прокси војна меѓу Западот и Русија, сведоци сме на најмалку 5-6 спротивставени НАТО ограноци. Пишува Ивор Мицковски.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

На Катерина Велика и припаѓа идејата дека со цел Руската империја трајно да ги обезбеди своите граници, таа мора постојано да ги проширува. Во одредена мера, истата логика важи и за НАТО Алијансата, нешто што го практикува од самиот свој почеток. Во 70 години, преку 8 бранови на проширување, НАТО премина од 20 на 30 членки. Пристапувањето на Шведска и Финска претставува логичко продолжение на таа тенденција.

Се разбира, руската инвазија врз Украина одигра клучна улога во одлуката на Стокхолм и Хелсинки, две историски неутрални земји, да побараат влез во Алијансата. Руската инвазија поттикна многу повеќе од само ново проширување. И ја поврати егзистенцијалната причина за постоење на Северноатлантската Алијанса, дополнително го зајакна источното крило на Сојузот, ја оправда политиката на отворени врати кон сите европски држави и дефинитивно ги замолкна противниците на НАТО експанзијата или оние кои тврдеа дека е во состојба на „мозочна смрт“.

Невозможно е да се игнорираат суштински позитивните последици од најновото проширување на НАТО на Северот, со кое Балтикот би се трансформирал во внатрешно езеро на Алијансата и би се опколила Москва од Мурманск до Сочи. Тоа неизбежно ќе ја примора Русија на поголемо поморско присуство и поставување на нови антиракетни и ракетни, како и противавионски системи во регионот на Санкт Петерсбург и Калининград. Подеднакво, фактот дека границата помеѓу Русија и НАТО речиси би се дуплирала, Москва ќе мора да распореди нови копнени сили и да ја модернизира постоечката воена инфраструктура во Карелија и во регионот на Мурманск. Стратешката рамнотежа би се променила и во арктичкиот регион, каде Москва би морала сама да се соочи со силите на компактниот Запад.

Повеќе од авторот: Дали Путин веќе ја загуби војната?

Воедно, влезот на Шведска и Финска во НАТО покренува дополнителни сомнежи и проблеми за Русите во однос на идната неутралност на Украина. Ако на Стокхолм и Хелсинки им биде дозволено да се определат кон НАТО без барање на мислење од страна на Москва, тогаш зошто истото не би важело и за Киев?! Ако руските генерали стравуваа од дострелот на балистичките ракетите поставени во регионот на Харкив кон Москва, тогаш што да мислат за оние од Финска кон Санкт Петерсбург, чија дистанца би била уште помала.

Фотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/picture alliance

Сега, настрана противењето, уценувањето и ценкањето на Турција поврзано со идното проширување на Алијансата, тука некаде и завршуваат слатките маки на НАТО сојузот. Колку што војната во Украина го сплоти Западот и ја зајакна обединетоста помеѓу НАТО членките, подеднакво, продолжувањето на војната и на судирот со Русија, почнува да покажува одредени проблематики, поделби и потенцијално неединство во рамки на Алијансата.

Првиот проблем кој се наметнува е стратешки, односно, дека воената и политичката ефикасност на НАТО не е пропорционална со нејзината територијална екстензија, која секако дека има своја цена: почнуваат да растат внатрешните несогласувања и тензиите помеѓу земјите-членки кои изразуваат и се раководат од различни интереси. Како пример можеме да го наведеме турското противење или користење на темата проширување за остварување на свои регионални интереси. Или пак, растечките грчко-турски превирања и несогласувања. Или пак фактот, дека шестото, седмото и осмото проширување на НАТО кон Албанија, Хрватска, Црна Гора и Македонија, и донесе повеќе проблеми на Алијансата отколку предности. Или, дека деветтото евентуално проширување буди сериозна загриженост кај многу членки од воен аспект, а да не зборуваме за евентуалното идно проширување кон Кипар, БИХ, Грузија и Украина, кое најблаго кажано се доживува како критично.

Или поинаку кажано: НАТО, имаме проблем!

Каква и да беше Алијансата пред војната - НАТО беше едно и единствено. Денес, во услови на прокси војна помеѓу Западот и Русија и потенцијален директен судир помеѓу НАТО и Москва, сведоци сме на најмалку 5-6 спротивставени НАТО ограноци. Првиот и најважен е секако САД, заедно со својот блед сосед Канада. Во тој дел од светот растечки се алармизмите поврзани со бесконечното проширување на Алијансата и со растечкиот број на „security consumers“, кои ги ставаат во се потешка позиција традиционалните „security providers“, туку пред се мислејќи на Америка. Американските должности и облигации спрема сојузниците од Европа, како и ризиците кои тие ги носат, само се зголемуваат, додека американската безбедност не добива ништо за возврат. Потоа, тука е проблемот што главните безбедносни ризици и предизвици за Вашингтон не се локализирани во Европа, туку во Азија и Индо-Пацификот. Факт е дека од компактноста на НАТО најголем бенефит извлекува САД, заради нејзините обиди да го поврати униполарниот хегемонизам, но, факт е и дека економската, политичката и воена моќ на Вашингтон не е истата онаа од пред 20 години. Светската рамнотежа забрзано се трансферира кон Азија и незападните земји и таа тенденција ќе продолжи. Америка се наоѓа приморана да троши време и ресурси на Европа, кога реално и гори под нозе во Азија и таму е фокусиран нејзиниот примарен интерес. Помалку и апсурдно, градењето на нова НАТО компактност, обидите за враќање на глобалниот американски лидершип на Стариот континент, ја ограничува Европа од стекнување на стратешка и воена автономија, која пак на Америка сериозно би и го олеснила дуелот со Кина. 

Повеќе од авторот: 9 Мај – Еден датум, многу различни визии за Европа

Потоа тука се Скандинавско-Балтичко-Балканските ограноци раширени по оската на три стратешки мориња: Арктичкото, Балтичкото и Црното море. Токму тука е сместена и американската противруска авангарда и главните европски сателити на Вашингтон. Почнувајќи од најважниот сојузник Полска, преку Балтичките држави, па се до Скандинавската четворка и Балканското дуо Бугарија и Романија. Овие држави имаат највеќе што да изгубат од рускиот империјализам, додека се уште добро ги држи сеќавањето на СССР доминацијата и нивниот лимитиран суверенитет. За овие земји целта од припадноста кон НАТО е една и единствена: сведување на Русија на рангот на одметната држава, засекогаш исклучена од равенката за паневропска суперсила. Некои од овие држави одат и подалеку, надевајќи се на тотален распад на Руската федерација и тоа во следниот распоред: пад на Путин, соборување на режимот, распад на Русија.

Веднаш до нив доаѓа Велика Британија, поголем католик од папата Америка, земја која го има најагресивниот пристап во конфликтот, која ја завршува валканата европска работа за Вашингтон, која обезбедува најголем квантитет на оружје и е најдобар воен обучувач за украинските трупи. Лондон отиде дотаму што се понуди како безбедносен гарант за Шведска и Финска до нивниот влез во НАТО. Перфидниот, но и прагматичен Албион способен за секакви политички пируети сепак знае дека што и да направи ќе биде прегрнат од Вашингтон, нејзиниот светилник и ѕвезда водилка, особено во ерата на „Global Britain“, барем додека опстои како „United Kingdom“.

Потоа доаѓаат спротивставените ограноци, некои како група за себе, други како солисти. Нивните приоритети се дијаметрално спротивни од погоре наведените земји: Украина да победи, но Русија да не изгуби. Или барем, тие да не ги изгубат односите со Москва.

Лидери на оваа линија се земјите од европската четворка, Франција-Германија-Италија, а од поново и Шпанија. Нивната цел е јасна: војната да заврши што побрзо, затоа што ги загрозува нивните интереси, особено на енергетски план. Нивната идеја за нов европски безбедносен поредок не ја исклучува Русија, туку напротив, ја смета и понатаму за интегрален дел. Најнастојчив на ова поле е Макрон, донекаде и Италија, но клучна за негово остварување и понатаму е Германија. Германија е најголемата европска централна сила, историски осцилирачка помеѓу Истокот и Западот, принудена од внатрешната реалност и интереси, особено енергетските и економските, да биде во блиска врска со Русија. Германија е поделена помеѓу оригиналната Бундесрепублик која има аверзија кон Путин и поранешната ДДР, односно, остатоците од Прусија и Саксонија кои се историски блиски со Русија во секоја форма и на секој можен начин.

Повеќе од авторот:  На Запад, од ништо - нешто ново

Особено битен солист е Турција на Ердоган, самоопседната и егоцентрична регионална сила, клучна за НАТО и нејзините интереси на Блискиот Исток, Балканот, во Средоземјето, Северна Африка, Кавказот и Црното море. Турција е единствената земја која има свои војници лице в лице со Русија и единствената која проба да направи обид за примирје помеѓу Москва и Киев. Мотото на Анкара е: Никогаш не бирај страна - гледај ги само сопствените интереси. Тоа и дозволува да го уценува НАТО и да се ценка со САД околу влезот на Шведска и Финска во Алијансата, каде за возврат бара серија на концесии и компензации од Вашингтон. Од враќање во програмата на Ф-35, модернизирање на Ф-16, екстрадиција на курдски терористи, листата на Ердоган е долга, за конечно да постави знак на еднаквост помеѓу експанзијата на НАТО на Северот со турската експанзија во Сирија. Бајден не гледа со симпатии кон Ердоган, но свесен е дека мора да го испочитува. 

Назад во војна: Украинците се враќаат дома

02:08

This browser does not support the video element.

И конечно, малата Унгарија на Орбан, која не престанува да сонува повторно да стане голема. Орбан отворено ја бара „украинска Транскарпатија“ каде живее големо унгарско малцинство и која Украина само на хартија ја контролира. Орбан е отворен одработувач на Путин и подеднакво отворен саботер на европските санкции против Русија. Трпението на Западот и некои европски престолнини со Будимпешта е при крај, и во многу блиска иднина може да се најде во позиција да биде избркана или принудена самата да си замине од ЕУ, и ставена на маргините на НАТО.

За крај можеме тука да ја споменеме и Украина, која нема ништо со НАТО, но подеднакво, нема ни ништо добиено од НАТО, туку само од засебни земји-членки на Алијансата. Иритацијата и фрустрацијата во Киев од НАТО е огромна, како што огромна е загриженоста на Вашингтон од растечките поделби во Сојузот, предизвикани од војната во Украина. Вашингтон е трајно посветен кон независноста и борбата на Киев, но и таа посветеност има свои граници. Ако САД осетат дека заради Киев ја губат својата европска империја, тогаш многу поверојатно е дека ќе го жртвуваат Киев за Брисел. Во таа насока одат и новите помирувачки тонови или контрадикторни изјави од Белата куќа, каде особено преку колумната на Бајден за Њујорк Тајмс, може да се прочита меѓу редови дека САД нема да се противи на евентуален договор помеѓу Киев и Москва кој би предвидувал територијални концесии, се разбира завиткано во обланда - доколку Украина така одлучи.

Последно што и треба на Америка е прешироко НАТО со раскарани, поделени и отворени за руска и кинеска пенетрација Европејци, сега кога е повеќе од јасно, дека дуелот со Кина почнува да се загрева.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми