НАТО испраќа авиони, бродови и војници во источните членки
16 април 2014![](https://static.dw.com/image/17573255_800.webp)
Присуството на војска од другите земји членки на НАТО би требало да ја зајакне безбедносната гаранција на Алијансата за земјите од Источна Европа кои се дел од Алијансата. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен (на насловната фотографија) денеска (16.04) во Брисел изјави: „Доколку е неопходно, во наредните недели и месеци ќе следуваат и други мерки.“ Бродовите би требало да бидат распоредени во „Балтичкото море, источниот Медитеран и ако неопходно и на други места“, додаде Расмусен.
Плановите на НАТО за одбрана се „преработени и зајакнати“, рече генералниот секретар на алијансата. Во изјавата за медиумите тој не прецизираше колкав број војници ќе бидат испратени: „Ќе бидат доволно за да ја подобрат нашата подготвеност“, нагласи Расмусен.
На прашањето дали оваа одлука на НАТО ќе влијае на разговорите кои утре (17.04) треба да ги водат ЕУ, САД, Русија и Украина во Женева, Расмусен одговори дека НАТО ги презел воените чекори за кои верува дека се неопходни, додавајќи дека „политичкото решение е единствениот излез“.