1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО испраќа сигнал до Русија

Кристоф Хаселбах / Е.М. Фиданоска28 мај 2015

Во северна Евроа почнаа заеднички маневри на шест држави на НАТО и неутрални земји, наводно за да вежбаат за мисија на ОН. Безбедносниот експерт Улрих Кин за ДВ зборува за смислата и ефектите од маневрите.

Фотографија: Reuters/I. Kalnins

ДВ: Господине Кин, западните маневри се опишуваат како „најобемни од својот вид“. Колку се тие значајни?

Улрих Кин: За меаверите има три причини. Прво, НАТО сака да испрати сигнал до Путин дека алијансата има воена и политичка волја, доколку е неопходно, да се држи до своите обврски кон сите членки на сојузот, значи и кон трите држави на Балтикот. Второ, тоа е сигнал до земјите на сојузот од исток дека алијансата има волја и е подготвена да ги брани во секое време, па и во случај на можна руска агресија. Трето, заедничките трупи треба да се подготват за да можат да одговорат на нови воени предизвици, како на пример руското „хибридно“ водење војна на Крим или во источна Украина. Оттука, маневрите се многу значајни.

Каква улога игра учеството на маневрите на неутрални држави како Финска и Шведска, но и Швајцарија?

Од новите руски маневри се чувствуваат загрозени пред се‘ Финска и Шведска. Постојано има речиси повреда на воздушниот простор од страна на руската авијација. Оттука, веќе има први гласови во Шведска и Финска кои бараат приклучување кон НАТО. Учеството на овие држави на Путин му сигнализира дека Русија веќе не е партнер од доверба, туку се сфаќа како сериозна закана. Вкупно, може да се констатира силна милитаризација на европската безбедност.

Улрих КинФотографија: OSCE/Micky Kröll

Дали официјалното објаснување, дека станува збор за вежби за мисија на ОН, не е по малку смешно кога секој знае дека вистинската причина е руската закана?

Овие маневри недвосмислено покажуваат кон Русија. Сигналот е: „Русија ѕвечка со сабји, но ние сме подготвени!“ Образложението дека се работи за вежби релевантни за ОН е изговор. Политички намерата е на Путин да не му се дава повод за медиумска пропаганда. Воениот сигнал е недвосмислен.

Колкава е, според Вас, заканата за членките на НАТО - Естонија, Летонија и Литванија, како и државите кои не се членки - Шведска и Финска?

Реално погледнато Русија не може да си дозволи сериозно да им се заканува на трите балтички земји. Во екстремен случај - нуклеарен судир - САД би морале да бидат подготвени да ги „разменат“ Бостон, Њујорк и Вашингтон за Талин, Рига и Вилнус. Иако ваквиот начин на гледање на работите остава впечаток на екстремност, тој ја содржи логиката на застрашување. Тоа го знае и Русија. Истовремено, Кремљ во Украина докажа дека може успешно да дејствува во сивата зона под прагот на отворена војна. Тука НАТО во моментов има одбранбени дефицити и трите балтички држави со право укажуваат на дупката во заедничкиот одбранбен сојуз. Тука НАТО мора да поработи на правните одредници.

Улрих Кин е експерт за односите меѓу НАТО и Русија на Институтот за истражување на мирот и безбедносна политика на Универзитетот Хамбург

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми