1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО и здравјето во Србија - приказна без крај

Саша Бојиќ
15 мај 2018

Речиси две децении по НАТО-бомбардирањето на СРЈ, Србија планира да основа државна комисија за испитување на последиците од воздушните напади.

Radioaktivität im Kosovo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Проектилите од специјална и извонредно тврда легура која содржи и осиромашен ураниум имаат облик на стреличка долга најчесто околу 30 сантиметри. При удар во оклоп на тенк или ѕид на бункер, проектилот развива висока температура - околу 1.200 степени - што му помага да мине низ пречката речиси без отпор, и притоа дополнително се заострува. А откако ќе мине низ неа, ураниумот согорува до крај и така го зајакнува уништувачкото дејство, на пример, го пали резервоарот со гориво во тенкот или муницијата во него. Веднаш по согорувањето започнува нагло ладење и создавање на радиоактивна прашина, односно аеросоли, микронски честички кои во организмот најчесто се пристигнуваат преку дишење.

Од крајот на НАТО-бомбардирањето на СР Југославија до денес не престануваат дискусиите за делување на радиоактивниот ураниум врз здравјето на српското население. Ни меѓу лекарите и научниците не постои консензус за тоа, дали ураниумот е воопшто штетен по здравјето на луѓето.

„Осиромашениот ураниум е многу слаб“, тврдеше на пример, уште во 2001 година, Сиску Салома, раководителка на Финската државна агенција за заштита од зрачење. Нејзиниот Институт за медицина на трудот проверуваше дали има траги на ураниум во организмот на финските војници на КФОР кои беа на Косово по бомбардирањето и оцени дека сите вредности на ураниумот во урината на војниците биле во нормални рамки.

Професорот Хервиг Перецке од Истражувачкиот центар за животна средина и здравје во Минхен за германското радио ДЛФ изјави дека „со веројатност која се граничи со сигурност“, може да „се исклучи можноста дека ураниумската муниција има врска со заболувањата од леукемија“, и наведе дека леукемија можат да предизвикаат и бензолите присутни во горивото на воените возила, но и вируси, особено ако знаеме дека војниците се нашле во средина која според вирусниот состав е поинаква од онаа на која се навикнати.

Муниција со осиромашен ураниум во магацин во ИракФотографија: picture alliance/EPA

Најевтино техничко решение

Салома и Перецке се дел од научната струја која генерално ја отфрла каузалната врска меѓу осиромашениот ураниум и можните тешки заболувања. Тоа е и основниот став на НАТО. Западниот блок ја користи ураниумската муниција главно затоа што е најевтина од сите расположливи технички решенија.

Од друга страна, група експерти собрани околу Меѓународната лекарска организација за превенција на атомската војна, велат дека тоа решение е погубно за животот на погодените подрачја. Во нивната студија „Здравствените последици од ураниумската муниција“ од 2012 година тие наведуваат дека осиромашениот ураниум е високо токсична супстанца чиј продор во организмот може да има најтешки последици за погоденото лице, но и за нивното наследство.

„Во почвата и водата, ураниумот го апсорбираат и растенијата; на тој начин тој стигнува во ланецот на исхрана“, пишува во студијата која ги опфаќа сознанијата за здравствените проблеми на лицата кои биле во контакт со осиромашен ураниум од првата Заливска војна во 1991 година досега.

Истражувањето на ОН

Српската организација за борба против рак пренесува дека меѓу 2000 и 2010 година во Србија се забележани 15 илјади дополнителни заболувања од рак во однос на бројот кој бил очекуван врз основа на дотогашните статистики, и дека дополнителните заболувања однеле 10 илјади жртви.

Португалски и италијански војници во Косово мерат радиоактивност во 2001 годинаФотографија: AP

Невладините и некои политички организации во Србија, меѓу кои во прв план беа Зелените, од самиот почеток бараа да се истражат последиците по здравјето на населението на контаминираната почва. Дури една година по бомбардирањето на Југославија, Канцеларијата на ОН за заштита на животната средина

УНЕП, под притисок на меѓународната јавност, формираше тим кој отиде на терен да ја испита состојбата.
Условите и начинот на работа на тој тим, го опиша претседателот на Зелените Борис Антонијевиќ:

„НАТО призна вкупно 112 локации кои не се сметаат за воена тајна и чии кординати ги обелодени. Од нив, експертската група на ОН посети 11 локации и тоа по мислење, оние кои беа најпристапни и најисчистени, односно, со најмала можност за присуство на осиромашениот ураниум“.

Оттука, УНЕП соопшти дека најголемата опасност за здравјето била „два часа по бомбардирањето, кога директно се вдишуваат прашината и честичките на осиромашениот ураниум“. Потоа, доколку ситните честички се разнесуваат по околината „степенот на нивната радијација е низок и нема штетно влијание врз здравјето на граѓаните“.

Дводецениско доцнење

Тим од српски експерти, од кои најголем дел научници од Институтот Винча, не смееја да го посетат Косово, па се ограничија само на југот на Србија - подрачјето на Прешево, Бујановац и Медвеѓа. Нивните резултати властите во Белград ги игнорираа. Ги забележа новинарот Зоран Петровиќ, кој за ДВ во 2005 година изјави:

„Во периодот од 2000 до 2003 година, констатирано е дека во таа зона, смртноста од малигнитет е зголемена за 2,5 пати. Прешево имаше т.н. стандардизирана стапка на смртност од 0-4 случаи на 100 илјади жители. Во споредба со тоа, во 2003 во Прешево беше забележана смртност од 63 лица на 100 илјади, а во Бујановац дури 122 лица“.

Државната комисија за истрага на последиците од НАТО-бомбардирањето на Србија во 1999 година, која треба да биде формирана во Србија, ќе започне со работа со речиси дводецениско доцнење. Непознато е колку долго ќе работи и кога би можела да ги објави резултатите од своето истражување. Ураниумската муниција сѐ уште е составен дел од вооружувањето на повеќе од 20 земји, меѓу кои се и САД, Русија, Велика Британија, Кина, Шведска, Саудиска Арабија и Ирак.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми