1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО - партнерството има своја цена

Барбара Везел
24 март 2021

Ентони Блинкен на НАТО му вети обновено партнерство со САД. Од него произлегуваат и нови обврски со прилично висока цена, што се гледа на примерот со Кина, смета Барбара Везел.

Belgien Brüssel | NATO Treffen der Außenminister - Antony Blinken
Фотографија: Virginia Mayo/AFP/Getty Images

Ако сме целосно искрени, хаотичното време на владеењето на Доналд Трамп на извесен начин беше и сосем удобно. Неговото повлекување од партнерствата во интернационалните организации и неговото речиси напуштање на НАТО, ги ослободи Европејците од обврската од своја страна да прават поголеми напори за политичка заемна соработка и заедничка одбрана. Со оглед на тоа што беше разјаснето и прашањето за вината, човек можеше опуштено да се тргне на страна и да сонува за стратешка автономија .

Сега американскиот министер за надворешни работи јасно порачува – Вашингтон сака нов почеток. Тој вети фер третман на партнерите, доколку го сносат својот дел од товарот. Посебно во Германија, се надеваме, никој не гаеше илузии дека дебатата околу зголемувањето на трошоците за одбрана сега е окончана. Напротив, на Берлин ќе му биде многу потешко пред оваа американска влада да го оправда бавното темпо.

Да зборуваме за Кина

Притоа, не станува збор само за пари и оружје, туу и за други способности. Тие мора да бидат усогласени на изменетите закани, побара Блинкен. На темата во Европа одамна се зборува, но досега речиси ништо не е направено. А Ентони Блинкен инсистира на целосен ангажман, не само магичната цел од два проценти за воен буџет, туку во игра се и политичките „дарби“. За германската влада така се отвораат нови шанси, на пример внатрешно јакнење на НАТO преку логистичка или економска поддршка.

-повеќе на темата: Блинкен – ревитализација на НАТО и критики за Северен тек 2

„Некои од нашите партнери одат во погрешен правец“, вели американскиот министер за надворешни работи. Притоа мисли на Русија, а уште повеќе на Кина. По најновата средба, се чини дека дефинитивно меѓу Пекинг и Вашингтон „тиквата пукна.“ Блинкен меѓутоа признава дека дел од Европејците имаат комплексни односи со Кина и не секогаш ќе бидат на иста линија со САД.

Технолошките зависности на Европа

Сепак тој препрачува заедничко пресретнување на заканата предизвикана од кинеската агресивна политика.

Мора да се затворат пукнатините кај технологиите и инфраструктурата кои ги користи Кина за вршење притисок. На сите ни се познати стратешките  продукти, од Г5, преку чиповите до финализирање на батерии, кои Кина може да ги  искористи како политички лост во однос на Европа.

Барбара Везел, автор на коментарот

На почетокот на неделава ЕУ веќе доживеа колку ќе ја чини директното судирање со претседателот Ши Џинпинг. Санкциите против дел од партиските кадри од Џинјанг поради протерување на Ујгурите во основа беа во умерени дипломатски размери. Реакцијата од Пекинг напротив беше преувеличана и несоодветна. Спорот сега се заканува да го загрози договорот за инвестиции кој ЕУ во декември го склучи со Кина.

-повеќе на темата: Столтенберг за ДВ: Мора да се соочиме со Кина

Дoговорот посебно ѝ лежеше на срце на Ангела Меркел, но всушност е веќе стара политика. Прво, беше грешка да се протне кратко пред стапувањето на должност на Џо Бајден. Второ, новото агресивно однесување на Пекинг не може веќе да се запре со вакви договори. Само ако Европејците изградат заеднички фронт со САД, штетите за кинеската економија би биле толку големи, што можат да изнудат копромиси.

Одбраната и политиката се нераздвојни

Она што исто така следи од новата линија на американската влада: НАТО мора да стане повеќе политички. Тоа го побара порано и францускиот претседател Емануе Макрон со својата формулација „НАТО е клинички мртов“. Но, тоа не е толку едноставно, зашто претпоставува радикален пресврт во секојдневието на Алијансата. Наместо организирање воени маневри, членките треба да развиваат стратегии со кои на пример ќе контрираат на руските експанзионистички стремежи и плановите за вооружување.

-повеќе на тематаНАТО одамна е во кома

Ентони Блинкен притоа и во областа на одраната повторно ги враќа на агендата демократските вредности. Значи, крај на љубовта на Доналд Трамп кон малите и големи диктатори во светот. Кога демократијата и човековите права се загрозени, мора да се дигне гласот, гласи сега мотото. Европејците тука можат да почнат да расчистуваат во сопствената куќа – па да продолжат кај НАТО-партнерот Турција.

-повеќе на темата: Турција - проблематичното дете на НАТО

Во поглед на најавеното  враќање кон заедништво со САД, владите во Европа од една страна ќе чувствуваат олеснување. Од друга страна, веројатно разбраа дека идните години нема да бидат баш пријатни, дека ова партнерство ќе има и забележлива политичка цена.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми