1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО планира бројни маневри наместо мисии

Карла Блајкер/ Жана Ацеска 30 октомври 2013

По крајот на мисијата на ИСАФ во Авганистан, НАТО планира спроведување повеќе маневри. Вежбата која ќе се одржи во ноември е најголемата во последните 7 години, а ќе биде изведена на источниот дел од регионот на НАТО.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Трупите од повеќе земји - Германија, Италија, Полска, САД, Турција и Летонија дванаесет години соработуваа со Авганистанците. По повеќе од една деценија војниците на НАТО-трупите ИСАФ се уигран тим. За околу 130 илјади жени и мажи од сите 28 земји-членки заедничката работа и комуникација беа секојдневие.

Но, за најголемиот дел од нив стигна завршната фаза, зашто до крајот на 2014. година НАТО ја завршува мисијата во Авганистан. За заедничката работа на трупите на НАТО да не прекине целосно, Алијансата планира во следните години одржување повеќе вежби.

„Од мисија, во состојба на готовност“, така главниот командант Филип Бридлав ја нарекува оваа стратегија.

Воени вежби со шест илјади војници

Најголемата воена вежба од овој вид во последните седум години НАТО ќе ја спроведува од 2. до 9. ноември во Полска, Летонија и Источното Море. Во маневрите „Steadfast Jazz“ (Непоколеблив џез) ќе учествуваат околу 20 земји членки на Алијансата, 350 возила, 60 авиони и хеликоптери, 12 бродови и една подморница.

Функционер на НАТО во разговор за Дојче веле изјави дека тема на вежбата ќе бидат како хуманитарни акции, така и борба против пиратите, антитерористичка одбрана, а ќе бидат симулирани и сајбер-напади, на кои раководните сили ќе треба да одговорат од „работната маса“.

Фотографија: Jay Directo/AFP/Getty Images

На овие маневри главна улога ќе има Единицата за брза интервенција на НАТО, која е подготвена во најкратко можно време да биде испратена, ангажирана и да помогне насекаде каде има потреба, од, на пример, ураган како Катрина во САД до земјотрес како оној во Пакистан во 2005. година.

Поврзаност преку повеќе вежби

При маневрите како „Steadfast Jazz“ (Непоколеблив џез) со Единицата за брзи интервенции во мали размери може да се испроба успешноста на одредени ангажмани, истакнува НАТО-експертот Карл-Хајнц Камп за Дојче веле. Единицата за брзи интервенции на Алијансата служи како еден вид лабораторија за промените кои му претстојат на НАТО по завршувањето на мисијата ИСАФ.

„Борбената мисија на НАТО во Авганистан, од аспект на Алијансата ја имаше предноста за перманентна заедничка соработка на сите 28 членки“, вели Камп, кој од 4. ноември ќе ја преземе функцијата директор на Академијата за безбедност во Берлин. Претходно тој шест години беше директор за истражувања во Колеџот за одбрана на НАТО во Рим.

„Во Авганистан НАТО стекна способности кои ги немаат другите институции, ист јазик, исти командни правила, исти начини на постапување. Тоа е како сите да користат иста компјутерска програма, а не 28 различни“, изјави Камп.

Андерс фог РасмусенФотографија: Reuters

По 2014. година веќе нема да ги има заедничките структури во оваа форма. Затоа генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен во 2012. година ја основа Иницијативата заеднички сили. Таа треба да се погрижи за останување на натамошна поврзаност на воените сили на земјите од НАТО преку заедничка обука, на пример преку повеќе маневри, како што дознава Дојче веле од претставниците на НАТО.

Русија не е непријател

Тоа што вежбата „Steadfast Jazz“ ќе биде одржана во Полска и Летонија, длабоко во источниот дел на НАТО, во никој случај меѓутоа не треба да претставува сигнал до Русија, истакнува командантот Бридлав. Се работи само за увежбување на воени способности, што е вообичаено во секоја армија. За време на Студената војна Советскиот сојуз и нивниот Варшавски договор се сметаа за главни непријатели на НАТО.

„Кога се одржуваат маневри, често брзо се поставува прашањето - за каков случај конкретно? Кој би нападнал?“, вели Екехард Бросе, научник-гостувач во Фондацијата Наука и политика и донеодамна заменик-амбасадор на Германија во НАТО во Брисел.

„Ако се вршат маневри во Европа, веднаш се прашува, дали се тие насочени против Русија? Одговорот секако е - не, зашто Русија е еден од најблиските партнери на НАТО“, вели Бросе.

Испраќање сигнал

Во септември руските и белоруските армии и самите одржуваа воени маневри. Воената вежба „Запад“ меѓу другото беше изведувана на границата кон Полска и балтичките држави. На неа како набљудувачи беа поканети функционери на НАТО. Алијансата исто така покани руски офицери на маневрите „Steadfast Jazz“, вели Бридлав и додава дека се‘ треба да се одвива транспарентно.

Екехард БросеФотографија: Ekkehard Brose

До тензии дојде неодамна кога Русија пролетва најави изградба на воздушна база во Белорусија, на границата со Полска и Литванија. НАТО-експертот Камп затоа вежбата „Steadfast Jazz“ ја оценува како смирување на Полска и Балтичките држави.

„НАТО мора на земјите кои се чувствуваат загрозени да им сигнализира дека ги штити“, вели Камп.

„Вежбата е повеќе насочена кон внатрешен ефект отколку нанадвор. Таа е знак за обхезбедување“, додава тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми