1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО привремено ги затвора вратите за проширување

Б. Георгиевски/ртр22 април 2016

НАТО нема да се проширува во блиска иднина, тврди американскиот амбасадор во Алијансата. Главна причина е противењето на Москва и опасноста од натамошно слабеење на Русија.

Фотографија: picture-alliance/UPPA W. Dabkowski

Нема шанси за проширување на НАТО во блиска иднина поради страв дека тоа ќе ја дестабилизира Русија, изјави американскиот амбасадор во воената алијанса. Ваквата најава ќе ги разочара земјите од Балканот како и Грузија кои се надеваа на побрз прием.

Даглас Лут вели дека НАТО се наоѓа на „пресвртна точка“ и се соочува со превирања кои можат да се споредат единствено со условите на крајот на Студената војна, и Алијансата поради тоа не сака да ги влошува внатрешните слабости на Русија.

„Од практични причини мислам дека нема дополнителен простор на кус рок, во следните неколку години, а можеби и подолго, за дополнително проширување на НАТО“, изјави Лут на Аспен Безбедносниот форум во Лондон.

„Мислам дека Русија игра важна улога во стратешкото опкружување и стратешкото опкружување ќе притисне кочница за проширувањето на НАТО“.

Даглас Лут (десно), амбасадор на САД во НАТОФотографија: Getty Images/Afp

„Доколку ја прифатите претпоставката... за руските внатрешни слабости и можеби и постојаното опаѓање, нема смисол сега да притискаме натаму и со тоа веројатно да го забрзаме или да го дестабилизираме тоа опаѓање“.

Во декември минатата година, НАТО ја покани Црна Гора да се приклучи во првото проширување од 2009 година, чекор кој предизвика бес во Москва која се спротивставува на натамошното проширување во поранешните комунистички земји од источна и југоисточна Европа.

НАТО и‘ даде ветување на Грузија дека ќе ја прими во членство во 2008 година, а и други балкански земји како Македонија и Босна и Херцеговина се многу заинтересирани за членство, а во тој правец се движи и Украина.
Лут вели дека политиката за нови членки останува отворена, но сите 28-членки треба да се согласат за канење нови членови, а веројатноста за тоа е мала.

„Нема шанси да постигнеме консензус во блиска иднина за прием на Грузија или Украина“, вели тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми