1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„НАТО сака дијалог со Русија“

Роман Гончаренко/ЖА20 април 2016

Раководителот на Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер го поздрави оживувањето на разговорите во Советот НАТО-Русија. Меѓутоа,тој предупредува дека не треба да се имаат преголеми очекувања.

Фотографија: Getty Images/AFP/P. Malukas

Дојче веле: Советот НАТО-Русија повторно заседава денеска, по пауза од речиси две години. Алијансата ги прекина контактите во 2014 година, по руската анексија на Крим. Руската новинска агенција Интерфакс цитира извор од руското Министерство за надворешни работи, според кој потегот на НАТО наместо до решение на проблемот, доведе до дополнително влошување. НАТО тоа го согледал и самиот иницирал обвновување на разговорите во рамките на Советот. Направи ли своевремено НАТО грешка?

Волфганг Ишингер: Последното што ни е потребно во сегашниот момент на најопасната ситуација по крајот на Студената војна е евтина меѓусебна размена на пропагандистички аргументи. Точно е, и тука руското министерство има право, дека суспензијата на работата на Советот НАТО-Русија во 2014 година не беше ѕвезден момент на дипломатијата. Јас лично учествував во подготовската на основачките акти на Советот НАТО-Русија во 1990-те години. Намерата ни беше да се создаде тело кое ќе функционира како орган на кризен менаџмент. Последниве денови на двапати имаше „блиска средба“ меѓу руските воени авиони и американски воен брод и авион. Погрешно притискање на копчето може да води до ескалација со несогледливи последици.... Затоа е важно состанување на Советот НАТО-Русија. Негова прва задача, ако би се прашувал јас, би била 24-часовен, седум дена неделно заеднички воен кризен превентивен менаџмент. Руските и западните офицери мора заеднички да се погрижат за избегнување на вакви можни инциденти.

Значи, верувате дека преку Советот НАТО-Русија може да се спречат вакви инциденти како оние во Балтичкото Море?

Сигурно Советот самиот не го може тоа. Но, тој може да си постави задача да формира заеднички кризен штаб.

Зошто Русија прави вакви инциденти во Балтичкото Море кратко пред средбата со НАТО?

Од западен аспект работите изгледаат поинаку отколку од руски. И тука констатираме, постојат различни гледања на нештата, исто како по прашањето што се случи на Крим и во Источна Украина. Во овој случај руската страна вели дека НАТО (САД, Западот) ја влоши ситуацијата преку огромно вооружување на источната граница. Ние можеме да кажеме дека работите се поинакви, но мораме да се соочиме со фактот на постоење различни перцепции кај двете страни. Како може НАТО да води двојна стратегија? Од една страна, на нашите источни партнери да им нуди безбедносни гаранции, кои тие со право ги бараат со оглед на настаните во Украина, а истовремено на руската страна веродостојно да и‘ сигнализира дека Русија не треба да стравува од Запад.

Волфганг ИшингерФотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert

На дневниот ред се првенствено две теми: Украина и Сирија. За што друго треба да се разговара?

Од Советот НАТО-Русија, кој за жал во минатото не одигра никаква посебно блескава високополитичка улога, не можеме да очекуваме повеќе од она што тој може да пружи. Тој е дипломатска врска и инструмент за контакт. На својата прва средба по подолга пауза тој не може да лиферува оперативни одлуки во најтешките актуелни кризи. Ако можам да изразам надеж во поглед на Украина, тогаш тоа би било НАТО и Русија да размислат околу прашањето како да се најдат модалитети за планираните избори во Источна Украина да бидат одржани под фер и меѓународно прифатливи услови. Сегашната мисија на ОБСЕ често е оневозможувана во работата првенствено од страна на сепаратистите. Ако е така, зошто да не се води сериозен разговор со Русија за мисијата да може да набљудува и од руската страна на границата? Но, да не очекуваме премногу.

Каков сигнал посакувате од средбата во Брисел?

Би сакал не само Западот, туку и Русија повторното отворање на овој канал за разговор да го смета за потврда на темелниот принцип на западната стратегија водена со децении: одлучна заштита на НАТО-членките, нивната територија, а од друга страна - подготвеност за отворен и сеопфатен дијалог со Русија во насока на партнерски односи. НАТО не сака во Европа да создаде нова граница Исток-Запад, која едноставно само би се протегала илјада километри поисточно од старата, која порано водеше низ Германија. Ние сакаме надминување на овие граници. Затоа ни е потребен дијалог со Русија и мораме чекор по чекор да најдеме начин за намалување на меѓусебната отровна пропаганда, како и меѓусебните воени заканувачки гестови. Западот тоа не го може сам, мора да соработува. Можеме да испратиме сигнал на подготвеност за градење доверба и дијалог и да се надеваме дека во Русија тој ќе биде разбран како таков преку повторниот почеток на разговорите во Советот НАТО-Русија.

Волфганг Ишингер е германски правник и дипломат. Тој беше секретар во Министерството за надворешни работи, како и германски амбасадор во Вашингтон и Лондон. Од 2008 година тој раководи со Минхенската конференција за безбедност.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми