1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО самитот и проширувањето во фокусот на коментарите

Горан Чутаноски1 април 2008

Германските весници му посветуваат големо внимание на претстојниот самит на НАТО во Букурешт. При тоа посебно се осврнуваат на дискусијата околу амбициите на Украина и Грузија да и’ се доближат на Алијансата.

Претседателите Џорџ Буш и Виктор Јушченко во КиевФотографија: AP

Денешен „Зиддојче цајтунг“ објавува цела страна посветена на самитот во Букурешт, а во коментарот оценува дека најтешката задача за шефовите на држави и влади од 26-те земји членки овој пат е поврзана со прашањето на проширувањето. Во текстот понатаму читаме:


„Зголемувањето на Алијансата од 26 на 29 членки е всушност решена работа: Хрватска, Македонија и Албанија треба да станат полноправни членки. Според членките на Сојузот тие ги исполниле условите – со еден мал исклучок. Според мислењето на Грција Македонија носи погрешно име. Значи Грција би можела да го блокира приемот, што меѓутоа би ги смалило шансите и на Албанија, иако тоа никој официјално не го поврзува на таков начин. Со тоа би се загрозило т.н. балканско проширување, опасен сигнал со оглед на напнатостите околу Косово. Алијансата сакаше токму нив да ги амортизира со директното присуство во соседството.

Вториот проблем е уште покомплициран, бидејќи САД поддржани од земјите од Средна Европа сакаат да ги примат Украина и Грузија во т.н. Акционен план, еден вид бланко чек за прием во следната рунда проширување. САД притискаат за тоа бидејќи претседателот Буш сака да си го украси заминувањето од функцијата со две држави кои се стремат кон слобода и демократија. Но, дел од Европејците на чело со Германија пружа отпор. За нив овие две држави уште не се доволно стабилни „ – посочува „Зиддојче цајтунг„.


Во весникот „Рајнише пост“ на истата тема читаме:


„Едно е јасно: ниту Украина, ниту Грузија нема да добијат покани за пристапување кон Акциониот план на Алијансата. Т.н. „стари европски држави„ под водство на Берлин порадо ќе му го скршат атерот на американскиот претседател на заминување, отколку да ја навредат Москва. Критичарите на таквиот европски курс можат да оценат дека тоа е потклекнување под притисоците на Русија, која на намерите за проширување одговара со воена реторика. Но, односите со Москва се ионака доволно оптоварени поради спорот околу ракетниот штит на Американците и околу независноста на Косово. Европејците се стремат кон стратешко партнерство со Русија и сакаат нови енергетски гаранции од неа. Кооперација наместо конфронтација, поврзување наместо опкружување – тоа го налага сегашниот историски миг„ – оценува „Рајнише пост“.


Весникот „Нојес Дојчланд“ коментира на следниот начин:


„Москва со скепса гледа на засилените обиди на САД да се инфилтрираат на пост-совјетската територија. Освен тоа владите во Берлин и во Париз вака ја оценуваат ситуацијата: Алијансата би можела наскоро да преземе еден вид остаток од Груција без покраините Абхазија и Јужна Осетија кои се стремат кон отцепување. И Украина е нестабилна поради отпорот на голем дел од населението против членството во НАТО. За вакви две нестабилни држави нема смисла да се трампат односите со Русија, која Алијансата би ја загубила за долги години„ – калкулира во име на Европејците „Нојес Дојчланд„.


Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми