1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО: Со топови против врапци

Барбара Везел/превод: Ж.А.11 февруари 2016

Германија и Турција побараа поддршка од НАТО во бегалската криза. Алијансата треба да помогне при справувањето со шверцерски банди. Но, тоа не е задача на воениот сојуз, смета Барбара Везел.

Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Kizil /AA Agency

Некои идеи можат да се објаснат само со очајот на нивните творци. Значи, Ангела Меркел и нејзиниот турски колега Ахмет Давутоглу мора моментно да се прилично при крај со нервите, секој од свои причини. Двајцата бараат поддршка во справувањето со бегалската криза, а притоа таа не се однесува толку на практичниот аспект, туку повеќе во себе содржи политички иницијативи. Бидејќи во ЕУ никако не тргнува напред, двајцата шефови на влади затропаа на вратата на друг голем сојуз. НАТО, конечно, функционира врз принципот на наредба и послушност во случај на договорена мисија.

Ова не е задача за НАТО

Првата реакција во круговите на НАТО беше прилична шокираност: Борбата против шверцувањето луѓе не е воопшто воена задача а уште помалку некаква која спаѓа во надлежност на Алијансата. И генералниот секретар Јенс Столтенберг првично реагираше дипломатски: мора да се разгледаат поконкретно барањата на двете земји-членки. Генерално, кај другите партнери од НАТО постои мал ентузијазам за ангажман во турско-грчките морски теснеци.

Но, германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен конкретизираше: можно е користење на морнарицата на НАТО, стационирана токму во источниот дел од Средоземното Море. Таа е во мисија на смирување на нервозата на Турците предизвикана од присуството на руските бомбардери во сириско-турската гранична област. Сега дел од овие бродови, според идејата, би требало ги поддржуваат морнариците на Турција и на Грција во ловот на криумчари во водите меѓу двете земји. А кога ќе бидат откриени вакви гумени криумчарски чамци и ќе бидат спасени бегалците, според германската замисла, тие веднаш треба да бидат вратени и истоварени на турскиот брег.

Задача за крајбрежната стража, а не за воените бродови

Се разбира, во оваа мисија не смее да се пука, но сепак силен е впечатокот дека постои желба за употреба на топови за заплашување врапци. Воените бродови се најмалку соодветни за исполнување на ваква задача, која без проблеми би можеле да ја извршуваат добро опремените крајбрежни стражи на Грција и на Турција, ако тоа го сакаат.

Барбара ВезелФотографија: DW/B. Riegert

Дали овде НАТО треба да служи како политичка надзорна инстанца за да им покаже со пример на двете земји-членки како тоа се работи? Или треба да ги растовари Грците и Турците, за да не мора тие самите да интервенираат? Зашто, точната цел е нејасна, а практичната полза повеќе од сомнителна.

Всушност, НАТО би морал првостепено да се зафати со затруените турско-грчки односи за воопшто да овозможи ваков ангажман. Грците инсистираат на тоа дека НАТО смее да оперира само во турските води.

Притоа, меѓу турскиот брег и грчките острови постојат многубројни т.н. сиви морски зони, без национална надлежност. Може ли човек да си замисли НАТО-фрегатите да пловат во цик-цак линии бркајќи криумчарски чамци, кои нема да смеат да ги следат во грчките морски моди, или како би требало да изгледа тоа?

НАТО мисијата треба да го сврти погледот од потфрлувањето на ЕУ

Овој ангажман на НАТО е само расипништво, губење време и непотребно трошење ресурси и претставува претежно симболичка политика. Целата акција служи само на граѓаните на вклучените земји да им се „одглуми“ одлучна акција. Притоа, на сириско-турската граница веќе се одвива следната бегалска драма, во која десетици илјади луѓе од Алеп бараат заштита.

Државната заедница би требало да се концентрира на нивна помош, наместо да се впушта во утнати воени ангажмани против криумчарите. Тие и онака се помалиот дел од проблемот, а ако на бегалците им биде блокиран еден пат, тие ќе најдат друг. Бегалската криза во прва линија ја покажува елементарната неспособност на ЕУ за заедничко и солидарно дејствување. А тука НАТО, за жал, не може воопшто да помогне.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми