Во седиштето на НАТО деновиве се редат кризни состаноци поради засиленото распоредување на руски војници на границите на Украина. Темата беше во фокусот и на телефонскиот разговор меѓу претседателите на САД и на Русија.
Реклама
Со цел уште еднаш да ѝ се искаже морална поддршка на Украина, денеска заеднички виртуелен состанок одржуваат на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите членки на НАТО. Американкските ресорни министри Ентони Блинкен и Лојд Остин симболично ќе присуствуваат лично на овој состанок во седиштето на Алијансата во Брисел.
Двајцата министри во моментов се во посета на Европа како сигнал за обновените трансатлантски амбиции на новата американска администрација, што НАТО многу го поздравува. Во седиштето на Алијансата деновиве се одржуваат кризни состаноци на барање на Украина поради засиленото стационирање на руски војници на границите на земјата.
Ситуацијата на теренот е сѐ потензична, потврдуваат и набљудувачите на ОБСЕ. Помеѓу 9 и 11 април, набудувачката мисија на ОБСЕ во Доњецката област во Украина забележала 367 прекршувања на примирјето помеѓу Украина и бунтовниците поддржани од Русија. Во соседниот регион Луганск имало 224 прекршувања на примирјето. Во претходната недела, Организацијата за безбедност и соработка во Европа регистрираше само вкупно 26 инциденти.
Столтенберг: Русија да ги запре провокациите
Значи, насилството се зголемува во источна Украина. Украинската влада ја обвинува Москва за ова. Веќе со недели Русија стационира сѐ повеќе војници во бунтовничките области, на границите со остатокот од Украина, на анектираниот полуостров Крим и во Црното Море. Според проценките на НАТО, станува збор за десетици илјади војници. Кремљ не ги негира движењата на војската, но инсистира на тоа дека тие не се подготовки за инвазија или војна.
„Ова е најголемото распоредување војска од окупацијата на Крим во март 2014 година“, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Брисел. „Ние сме сериозно загрижени. Распоредувањето на Русија е неоправдано и не може да се објасни. Русија мора веднаш да ги запре провокациите и веднаш да ја деескалира ситуацијата", гласеше барањето на Столтенберг. Сличен повик од Брисел упати и американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен по средбата со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.
Кулеба пак го повика НАТО да мобилизира натамошни средства за „одвраќање“ на Русија. Тој побара нова рунда економски санкции и „директна помош за развој на нашите можности“ без да навлегува во детали.
Самит во трета земја
На оваа тема вчера телефонски разговарале и претседателите на САД и на Русија, Џо Бајден и Владимир Путин. Бајден притоа ја истакнал непоколебливата поддршка на САД за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ја повикал Русија да ги намали тензиите, соопшти Белата куќа. Во соопштението се додава дека Бајден изразил загриженост за засиленото распоредување на руски војници на Крим и на украинската граница.
Ова е само втор разговор на Бајден со Путин по неговото стапување на функцијата во јануари годинава. Американскиот претседател притоа предложил во наредните месеци да одржи самит со Путин во трета земја. Кремљ потврди дека Бајден предложил таква средба, но не откри како одговорил рускиот претседател.
Руски претставници продолжуваат да возвраќаат со остри критики на пораките од Западот. „САД и другите земји на НАТО намерно ја претвораат Украина во буре барут“, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Министерот за одбрана Сергеј Шојгу пак вчера изјави дека концентрацијата на војниците долж границата со Украина е подготовка за, како што рече, закана од НАТО. Тој ги опиша тековните маневри како одговор на, како што рече, континуираните напори на САД и на НАТО за зголемување на нивното воено присуство во близина на границите на Русија.
Хронологија на поморските тензии помеѓу Украина и Русија
На инцидентот на 25 ноември, во кој руски бродови ракетираа украински воени пловила, му претходеа месеци на тензии во Азовското Море. ДВ пишува за главните фази на конфронтацијата во Керчкиот проток.
Фотографија: Universität der Bundeswehr
Соработка меѓу Украина и Русија - на хартија
„Сите прашања поврзани со Азовското Море и Керчкиот проток треба да се решаваат само со мирни средства заеднички или со договор помеѓу Украина и Русија ...“ Ова се зборовите од преамбулата на Договорот меѓу Украина и Руската Федерација за соработка во користењето на Азовското Море и теснецот Керч, постигнат во 2003 година.
Фотографија: Imago/Russian Look/S. Fomine
Конфликти во Керчкиот проток - врз која основа?
Според меѓународното право, трговските и воените бродови треба слободно да пловат во Азовското Море и теснецот Керч. Сепак, по анексијата на Крим од страна на Русија во март 2014 година, реалноста во Азовското Море почна да се движи сѐ подалеку од овој правен принцип.
Фотографија: Reuters/A. Bainozarov
ЕУ ја критикува Русија
Ситуацијата се влоши со отворањето на Керчкиот мост, кој ги поврзува Таманскиот и Кримскиот полуостров. Пред тоа, според резолуцијата на Европарламентот од 25 октомври 2018 година, руските инспекции во Азовското Море беа селективни и не го нарушуваа слободното движење на бродови и товар. Но, од пролетта 2018, според прес-службата на ЕУ, Москва демонстративно создава пречки во трговскиот превоз.
Фотографија: picture-alliance/Winfried Rothermel
„Прекумерни“ проверки во Азовското Море
Проверките на бродовите од и кон украинските пристаништа руските граничари ги одолговлекуваа по неколку часа. Пристаништата, трговците и превозниците имаа значителни загуби. Според податоците од Киев, од крајот на септември 2018 година, повеќе од 200 бродови биле подложени на интензивни проверки, меѓу кои 120 биле со знамиња на земјите на ЕУ.
Фотографија: picture-alliance/Tass/V. Timkiv
Аргументите на Русија
Во меѓувреме, руската страна ги обвинува Украинците за ескалација во Азовското Море. Така, на крајот на март 2018 година, Украина го запре и потоа го конфискуваше рибарскиот брод „Норд“ во Азовското Море кој е регистриран на Крим.
Фотографија: Facebook/DPSUkraine
Керчката криза
Најголемиот инцидент досега во теснецот Керч се случи на 25 ноември, кога патувањето на украински воени бродови од Одеса кон Азовското Море заврши со гранатирање од страна на руските граничари кои тврдеа дека Украинците нелегално ја преминале руската граница. Сите три украински брода беа запленети и испратени до пристаништето Керч.
Фотографија: Reuters/P. Rebrov
„Нелегално ја преминаа границата и влегоа во територијалните води“
Русата безбедносна служба ФСБ тврди дека украинските бродови „илегално ја преминале границата и влегле во територијалните води на Русија“. На состанокот на Советот за безбедност на ОН, заменикот-амбасадор на Русија, Димитри Појански, присилното запленување на бродовите го образложи со „основано сомнение дека тие превезуваат радикали кои се заканиле дека ќе го кренат во воздух мостот на Керч".
Фотографија: Reuters/P. Rebrov
Поморското право ѝ дава право на Украина
Како што вели Даниел-Еразмус Кан, професор на Универзитетот на Бундесверот во Минхен, преминувањето на Керчкиот проток е регулирано на ист начин како и преминувањето на Босфорот или кој било друг морски теснец во светот. „Според Конвенцијата за поморско право од 1982 година, Украина има неограничено право на транзит низ Керчкиот теснецот. За ова, не е потребна дозвола од Русија", вели Кан.