1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО: усогласено со Русија околу Украина, и натаму дисхармонија околу Ирак

10 декември 2004

На министерската средба на НАТО, со учество и на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, неочекувано е усогласен заеднички повик претстојното повторено гласање од вториот круг на претседателските избори во Украина да биде слободно и фер. Но, не беа надминати разликите во другите спорни прашања.

За последен пат на говорницата во НАТО како американски министер за надворешни работи: Колин Пауел
За последен пат на говорницата во НАТО како американски министер за надворешни работи: Колин ПауелФотографија: AP

Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер се обиде да го релативизира спорот со Русија околу Украина. Пред само неколку денови министрите за надворешни работи на Русија и на САД Лавров и Пауел имаа вербален дуел поради Украина; сега заеднички со Русија е упатен повик за слободни и фер избори, што Шефер го нагласи како голем напредок: “Тоа не е и не смее да биде конфронтација и ривалитет Исток-Запад. НАТО, се разбира, има голем интерес за консултации и разговори со Украина, и се надевам дека колку што е можно поскоро и ќе ги водиме”.

НАТО овој пат сепак ја откажа средбата со украинскиот министер за надворешни работи за да не ја легитимира старата влада, која пак Русија веднаш ја призна.

По прашањето за мисии за обука на безбедносни сили во Ирак затегнатоста остана. Американскиот министер Колин Пауел уште еднаш изврши притисок во таа насока, но останаа многу од старите задршки на Европејците во врска со ирачката војна. Германија и други земји од Алијансата одбиваат да ги стават на располагање своите офицери од интегрираните штабови на НАТО, што според Пауел е многу загрижувачко: “Ние очекуваме дека единици или лица кои припаѓаат кон некој интегриран штаб, ќе станат негови клучни партнери. Кога претстои некоја мисија, а некои велат дека не можат да дојдат поради овој или оној посебен национален услов или исклучок, тогаш тие им нанесуваат штети на веродостојноста и здруженоста на штабот и на организацијата”.

Критиките на Пауел не можеше да ги прифати и сфати германскиот министер Јошка Фишер, кој укажа дека Германија врши обука на ирачки сили за безбедност, само што тоа не го прави во Ирак: “Ние сме во една необична ситуација овде да бидеме критикувани за нешто, што всушност одамна го правиме. Ние веќе долго време вршевме обука, кога овде во НАТО одвај започнуваше дискусијата за тоа. Но, за нас е јасно: ние не испраќаме германски војници во Ирак – тоа постојано го велевме”.

Ова, инаку, беше проштална посета на Пауел. Како еден од поумерените членови на владата на Буш тој припомогна да не стане уште поголема трансатлантската затегнатост на кулминацијата на ирачката криза. Сега Пауел најави и дека Буш наскоро ќе ги посети ЕУ и НАТО. Но, конфликтите и натаму постојат – тоа стана јасно и овој пат во Брисел, и покрај сите објави за хармонија. Во наследничката на Пауел, Кондолиза Рајс, Европејците можеби ќе имаат партнерка која е помалку подготвена на компромис.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми