1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кои се црвените линии на НАТО во руско-украинската војна?

16 март 2022

Никој не знае колку Кремљ може да e блиску до употреба на хемиско или нуклеарно оружје во инвазијата врз Украина. Такви напади би можеле да ги заматат границите. Дали перцепцијата за безбедност на НАТО се менува?

НАТО ја исклучи можноста да се вклучи во воените дејствија во Украина
НАТО ја исклучи можноста да се вклучи во воените дејствија во УкраинаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров бара меѓународна „истрага“ за наводите на неговата влада дека Украина има лаборатории за биолошко и хемиско оружје. Тоа не е неочекувано.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференција во вторникот (15.03.2022) употреби остри зборови за да се осврне на, како што рече, „апсурдните тврдења на Москва“.

„Ги видовме како ја обвинуваат Украина и сојузниците на НАТО [за] производство и развој на хемиско оружје и тоа е апсолутна лага“, рече тој. „И затоа, сме малку загрижени дека е можно тие всушност да го планираат тоа“. Во неделата, Столтенберг за германскиот весник „Велт ам Зонтаг“ изјави дека хемиски напад „би бил воено злосторство“.

Хемиско оружје: „Менувач на играта“

Дали тоа би било доволно за да се убеди НАТО да се вклучи? Полскиот претседател Анджеј Дуда отворено зборуваше за таков предизвик. „Ако [рускиот претседател Владимир Путин] употреби какво било оружје за масовно уништување, тогаш ова ќе ја промени играта“, изјави тој за Би-Би-Си на 13 март.

„Сигурно, северноатлантската алијанса  и нејзините лидери, предводени од СА ќе мора да седнат на маса и  навистина ќе мора сериозно да размислат што да прават бидејќи тогаш тоа почнува да биде опасно“, рече Дуда.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг: „Употреба на хемиско оружје од страна на Русија би било воено злосторство“Фотографија: Kenzo Tribouillard/AFP

Кога ДВ во вторникот го праша Столтенберг дали таквата акција ќе ја промени позицијата на НАТО, шефот на Алијансата пак изјави: „Претседателот на САД и другите сојузници, исто така, многу јасно ставија до знаење дека ако Русија употреби хемиско оружје, ќе плати висока цена“, рече тој.

„Но, нема да шпекулирам за каков било воен одговор од страна на НАТО, освен што ќе кажам многу јасно дека главната одговорност на НАТО е да се погрижи да ги брани и заштити сите сојузници“, додаде тој.

Нуклеарна нервоза

Освен хемиското оружје, расте загриженоста дека Русија може да употреби нуклеарно оружје или да предизвика радиоактивна несреќа во една од четирите нуклеарни централи во Украина, меѓу нив и најголемата во Европа- Запорожје, која беше сцена на борби на почетокот на инвазијата.

Високото ниво на неизвесност и нестабилност наведе група меѓународни експерти и поранешни политичари, вклучително и поранешниот руски министер за надворешни работи Игор Иванов, да дадат заедничка изјава, предупредувајќи од потенцијалот за „катастрофални последици“.

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

01:54

This browser does not support the video element.

Експертите и политичарите собрани во Евроатлантската лидерска група за безбедност велат дека првиот и најсуштински чекор кон намалување на ризиците од последователна несреќа, грешка или погрешна пресметка е прекин на огнот за ставање крај на неприфатливата и неоправдана загуба на човечки животи.

„Тековниот конфликт во Украина драматично ги зголемува таквите ризици“, пишуваат тие. „Престрелката во нуклеарната централа Запорожје во Украина беше најновиот потсетник за тоа како нуклеарна катастрофа брзо може да излезе на површина во 'маглата на војната'“. Тие повикуваат на итен прекин на огнот и продолжување на „дијалогот, дипломатијата и преговорите“.

Светло црвената линија на НАТО

Секој светски лидер кој разговарал со Владимир Путин заклучил дека рускиот претседател нема планови да ја запре војната, и прашањето сè уште се враќа на тоа како НАТО би одговорил на ескалалирачката закана од употреба на оружје што може да изврши масовно уништување и во и надвор од Украина.

Иан Бонд, директор за надворешна политика во Центарот за европски реформи, за ДВ вели, дека иако таквото сценарио е неверојатно, не е невозможно. Со оглед на реториката на Столтенберг, Бонд вели оти е веројатно „дека Русите прават работи што сугерираат дека се подготвуваат да извршат таков напад некаде“.

Но, тоа  „некаде“ е она што ја прави целата разлика според сегашниот став на Алијансата. „НАТО, со право или погрешно, ја повлече оваа светло црвена линија со која вели дека нема да ја браниме украинската почва, но ќе ја браниме територијата на НАТО“, вели тој.

Досега Русија во војната во Украина употребува само конвенционално оружјеФотографија: Evgeniy Maloletka/AP Photo/picture alliance

„Тоа речиси го покани Путин да ја премине 'црвената линија'. Мислам дека Путин смета: Добро, тие велат дека нема да го направат тоа за ние да можеме да ја надминеме таа линија. Можеби ќе можеме дури малку да преминеме преку таа линија и тие сепак можеби нема да бидат настроени да влезат во борба со мене'“.

Додека Бонд нагласува дека потенцијалната употреба на хемиско оружје од страна на Путин - особено на територијата на НАТО - засега останува малку веројатна, тој верува дека е во интерес на Алијансата да не елаборира како ќе одговори. НАТО нема хемиско оружје, нагласува тој, но „можеби сака да остави одредена двосмисленост за тоа дали, ако биде нападнат со оружје за масовно уништување, може да одговори со сопствено оружје за масовно уништување, кое не би било хемиско, туку нуклеарено“.

Да се говори гласно и да се носи голем стап

Вероника Вичова, заменик-директор на Центарот за европски вредности за безбедносна политика со седиште во Прага, за ДВ изјави дека не се согласува со таа стратегија - не со нејзиното извршување, туку со нејзината комуникација. Таа верува дека НАТО треба отворено да признае дека е можно да има напад со оружје за масовно уништување не само врз Украина, туку и врз некоја членка на Алијансата.

„Требаше веќе да постојат сценарија и тие требаше да се соопштат не само внатрешно, туку и до Русија“, рече таа. „Треба да има изјава од НАТО во која се вели: „Ако ова се случи, ова е она што ќе го направиме ние“.

81-годишниот учител Пјотр во одбрана на Украина

01:34

This browser does not support the video element.

Вичова вели дека Западот се залажува себеси ако верува дека оставањето нешто на имагинацијата може да спречи ескалација на конфликтот. „Путин веќе покажува дека не му треба вистинска провокација“, рече таа. „Тој едноставно прави што сака“.

Таа истакнува дека поголема грижа ѝ задава моралот на Украинците кои секојдневно умираат бранејќи ја својата земја. „А пораката од НАТО, која во основа се потпира само на нив за да ја продолжи борбатабуквално само испраќа порака - 'Еј, ние всушност нема да направиме премногу за да ви помогнеме'“, изјави Вичова за ДВ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми