040909 EU NATO Angriff Kundus
5 септември 2009Бомбата експлодирала на работ од улицата по која минувал конвој на германските војници, на шест километри североисточно од Кундус. Повредени се тројца војници. Според гувернерот на провинцијата Кундус, Мохамад Омар, нападот го предизвикал атентатор-самоубиец, кој се кренал во воздух со возилото. Вчера, во напад на НАТО врз две цистерни грабнати од страна на талибанците, кој следеше по барање на Бундесверот, загинаа десетици луѓе. Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг ја брани наредбата на Бундесверот за воздушен напад на НАТО. Тој за првиот канал на германската телевизија изјави дека талибанците повеќепати се заканиле оти ќе извршат напади врз германските трупи. Поради многу сериозната состојба и опасност од претстојни напади е дадена наредба за воздушен напад врз цистерните, грабнати од страна на талибанците. Според министерството за одбрана во Берлин, во воздушниот напад вчера загинале околу педесет бунтовници. Авганистански извори зборуваат за околу деведесет мртви, меѓу кои и голем број цивили. Покрај експерти на НАТО, случајот ќе го истражува и тим на ОН. Министрите за надворешни работи на ЕУ реагираат со жалење. ги пренесува нивните реакции.
Расмусен: Се обврзавме да ги штитиме Авганистанците
Кај министрите за надворешни работи на ЕУ, собрани во Стокхолм, може да се забележи нерасположеност, но и трогнатост поради бомбардирањето во Северен Агванистан. Шеф-дипломатот на ЕУ, Хавиер Солана, случајот го нарече - драматичен. Изјави дека му е жал поради жртвите и нивните семејства.
Шокиран е и британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Милибанд, кој истовремено ја зауздува лутината проади големиот број мртви, иако се` уште не е јасно дали жртвите се исклучително талибански бунтовници, или, како што тврдат авганистанските власти, меѓу жртвите има и деца и други цивили:
„Ова е решавачки момент за зближување на трупите на НАТО и авганистанското население. Инциденти како овој сосема очигледно, не придонесуваат за такво нешто. Затоа, мора јасно да кажеме што се случило и мора да гарантираме дека другпат нема да дојде до такво нешто.“
Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во Брисел најави истрага за воздушниот напад. Алијасата во Кундус испрати експерти кои би требало детално да го испитаат случајот:
„Авганистанците мора да знаат дека се обврзавме да ги заштитуваме. Затоа ќе спроведеме истрага за околностите во кои се случил нападот и сосема ќе го разјасниме.“
Дебатата повторно разгорена
Дебатата околу стратегијата на меѓународната заедница во Авганистан сега веројатно ќе добие нова „храна“ и тоа не само во Германија. Шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билт, нагласи дека во изминатите недели имало помал број жртви и дека новиот курс почнал да дава плодови. И изборите во Авганистан минале многу помирно и подемократски отколку очекуваното, што според Европејците се добри знаци. Истовремено, тие не премолчуваат дека не е доволно направено во намерата - одговорноста за безбедноста во земјата да се препушти на Авганистанците. Обуката на авганистанските безбендосни сили се одвива бавно. Тоа, пред се`, важи за полицијата. А токму за тоа е одговорна ЕУ - не многу славна страница во европската надворешна политика.
Автор: Петер Хајлбрунер / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Трајче Тосев