1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО ќе го преиспита односот кон Русија

Александар Методијев/ројтерс/афп/миа/макфакс22 март 2014

Германија смета дека е направен чекор за деескалација на кризата во Украина. САД велат дека посетата на Обама на Европа ќе ја покаже изолацијата на Русија. ЕУ, пак, одлучи да ја зголеми помошта за Украина.

Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, пред неговата денешна посета на Украина, изјави дека одлуката на ОБСЕ да испрати набљудувачка мисија во Украина е чекор во насока на деескалирање на кризата во земјата.

„Ова не е крај на кризата, но е чекор кој ни помага во нашите напори за деескалација“, рече Штајнмајер кратко по објавувањето на одлуката на ОБСЕ. Тој додаде дека „ситуацијата во Украина останува нестабилна“ и „затоа набљудувачите од ОБСЕ мораат да започнат со работата што е можно побргу“.

Штајнмајер денеска во украинскиот главен град се сретна со привремениот претседател Олександар Турчинов и преодниот владин премиер Арсениј Јацењук. Штајнмајер отпатува и во украинскиот град Доњецк, кој се наоѓа на истокот на земјата, за таму да има дополнителни разговори.

Франк-Валтер Штајнмајер се надева на деескалација на состојбата во УкраинаФотографија: picture-alliance/dpa

Руското Министерство за надворешни работи преку соопштение изрази надеж дека одлуката на ОБСЕ да испрати набљудувачка мисија ќе помогне за решавање на, како што оваа институција ја нарекува, „внатрешната украинска криза“.

Размена на остри зборови

Во меѓувреме продолжува размената на остри зборови. Руското МНР ја нарече „одвоена од реалноста“ вчерашната одлука на ЕУ да воведе дополнителни санкции за 12 Руси и Украинци, поради отцепувањето на полуостровот Крим. ЕУ, пак, како што информираше премиерот Јацењук, одлучи да ја зголеми макрофинансиската помош за Украина за милијарда евра. По враќањето од Брисел, Јацењук рече дека украинската Влада подготвува заедничка седница со „клучните еврокомесари“, која треба да „се оддржи за неколку недели“.

Закана за Русија стигна и од САД. Посетата на претседателот Барак Обама на Европа идната недела, ќе ја покаже изолацијата на Русија, смета Белата куќа. Според советничката за национална безбедност на претседателот, Сузан Рајс, за целиот свет ќе стане очигледно дека Русија е сѐ повеќе и повеќе изолирана на меѓународната сцена и оти меѓународната заедница, на чело со САД, ќе ги поддржи Украинците и нивната Влада и цврсто има намера да ја натера Русија да плати висока цена.

Арсениј Јацењук објави дека Украина ќе добие дополнителни пари од ЕУФотографија: Reuters

Во НАТО, пак, сметаат дека Русија повеќе не се однесува како партнер, туку како противник на НАТО. Ова вчера го изнесе генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен.

„Морам да кажам дека забележуваме оти Русија повеќе не се однесува како партнер, туку како противник“, рече Расмусен на форум што во Брисел го организираше германскиот Маршалов фонд. Расмусен изјави дека „руската агресија“ на Украина е најголемата криза од падот на Берлинскиот ѕид и дека визијата за цела и мирна Европа е доведена под знак прашалник.

„Русија преку ноќ се обидува да воведе нови правила и нови поделби“, а таквото однесување е „непримерно за 21 век“, рече Расмусен. Тој оцени дека припојувањето на Крим кон Русија не е изолиран инцидент, туку дел од трендот во руската надворешна политика.

Барак Обама доаѓа на европска турнеја за да ја покаже изолацијата на РусијаФотографија: Reuters

„Прво ги имавме Осетија и Абхазија, а сега Крим“, рече Расмусен, потсетувајќи на руската поддршка на отцепените грузиски области. Генералниот секретар на НАТО рече дека Алијансата мора да се спротивстави на оваа закана така што ќе ја зајакне одбраната на своите граници, воено ќе ја поддржи Украина и ќе го преиспита својот однос кон Русија. Расмусен најави и засилена соработка на НАТО со украинската војска, за да се зајакнат нејзините одбранбени способности.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми