1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО ќе помогне во изградба на оружени сили на Косово

Улрике Босе22 февруари 2008

ЕУ и НАТО и натаму неизбежни за стабилизација на Косово. Германија заедно со НАТО ќе помогне за итна изградба на оружени сили на Косово. Министрите за одбрана на земјите на НАТО се состанаа на Брдо кај Крањ во Словенија

Германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг на средбата во Крањ допатува директно од посетата на КосовоФотографија: picture-alliance/ dpa
Заштитните трупи за Косово Кфор, предводени од НАТО, можат да спречат сериозни безбедносни проблеми, оцени германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг. „Ситуацијата е под контрола, посебно со подршката на Кфор “, рече тој на маргините на средбата во Крањ, каде дојде по посетата на Косово. Ангажманот на 16-те илјади војници на Кфор и натаму е неопходен, оцени тој, имајќи ги предвид и нападите врз граничните премини на северот на Косово, кои полицијата не можеше самата да ги обезбеди. Ситуацијата слично ја оцени и претседателот на Воениот комитет на НАТО, францускиот генерал Анри Бантеже: „Донесени се сите мерки за контрола на ситуацијата, а кооперацијата меѓу ЕУ и НАТО функционира извонредно“.
Косово во иднина само да се грижи за сопствената безбедност
Покрај мисијата на ЕУ, со која треба да се воспостави правна држава на Косово и да се обучат косовски полицајци, германскиот министер Јунг смета дека НАТО мора да се погрижи и за изградба на косовски безбедносни сили. Германија и другите земји на НАТО, според Јунг, ќе го дадат својот придонес во тоа. „Од мој агол на гледање, сега се потребни тие Косово секјурити форс, треба да уследи изградба на вооружени сили за Косово самото да може да се грижи за безбедноста и да не биде веќе зависно од подршката од НАТО“. Јунг е свесен дека не ќе може бргу да уследи повлекување на трупите на НАТО. Тие, како што вели, ќе останат подолго отколку што предвиде Марти Ахтисари во неговиот план за независност на Косово: „Ахтисари предвиде за тоа шест месеци. Јас сметам дека таму ќе ни е потребно повеќе време, но и натаму треба да остане како наше залагање перспективата Косово да биде самото во состојба да се погрижи за својата безбедност“. Не се размислува ни за замена на Кфор со некаква воена мисија на ЕУ. На средбата позитивно е оценета состојбата во Босна и Херцеговина, каде за безбедноста се грижи ЕУ со својата мисија АЛТЕА. Единствена беше оцената дека не треба да се страхува од прелевање на можни безредија од Косово во Босна и Херцеговина.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми