1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО ќе ја развива „острицата“ кон Русија

Б. Ригерт/Б. Георгиевски4 септември 2014

Застрашувањето е повторно во мода. НАТО планира да ги засили трупите на источната граница. Од претстојниот самит ќе и’ биде порачано на Русија да не помислува на авантури во Европа.

Фотографија: Reuters

И овој дводневен самит на НАТО, кој почнува денеска (04.09), еден ден ќе се нарекува историски, велат дипломатите на воениот сојуз во текот на подготовките за состанокот. „Историски“ затоа што НАТО повторно во целост ќе ги промени своите приоритети поради кризата во Украина и курсот на конфронтација со Русија.

Во последните 13 години Сојузот беше насочен кон мисијата во Авганистан и кризните жаришта вон подрачјето на земјите-членки на НАТО. Но, сега повторно се работи за одбрана на европските земји.

Новата фаза на НАТО

„Се подготвуваме за следната фаза на НАТО“, вели командантот на НАТО за Европа, американскиот генерал Филип Бридлав. „Од армија со мисии во странство се претвораме во армија во состојба на зголемена будност. Единиците стационирани во странство ќе ги вратиме дома и на тој начин ќе заштедиме средства. Тие средства ќе ги вложиме во подобра обука и тренинг“.

Воена вежба на НАТО во Литванија, април 2014Фотографија: AFP/Getty Images

Генералниот секретар Андерс Фог Расмусен изминатите недели заземаше сѐ поостар став кон Русија. „Ние не сме наивни, ниту ќе се залажуваме со илузии. Мораме да се соочиме со фактот дека Русија нас не смета за противник. Кон тоа и ќе се прилагодиме“, рече Расмусен.

28 претседатели на држави и влади во Њупорт ќе одлучат да ги засилат трупите за брза реакција и веројатно ќе донесат одлука за изградба на пет магацини за оружје и опрема на првите линии, во Полска и во Балтичките земји. Освен тоа, ќе биде воспоставена и своевидна „острица“ на силите за брза интервенција, кои постојано ќе бидат во состојба на зголемена борбена готовност, најави Расмусен.

„Острицата“ ќе ја сочинуваат само неколку стотици војници кои би биле подготвени на акција во само два или три дена. Тие ќе бидат следени од повеќе илјади војници за брзо распоредување, составени од единици со војници од повеќе земји.

Почитување на договорот НАТО-Русија

Балтичките земји и Полска досега бараа единиците на Алијансата да бидат трајно стационирани на нивна територија. Естонскиот претседател Томас Хендрик Илвес се пожали дека „ќе постојат земји од втора класа“ доколку и во источните држави не бидат формирани трајни упоришта на НАТО. Сепак, такво нешто засега не се прифаќа, а и Расмусен повтори дека Алијансата мора да се придржува до договорот со Русија од 1997 година. Во него, НАТО се обврза дека нема да стационира бројни воени единици во земјите од поранешниот Советски блок. Сепак, Расмусен додава дека Русија, со своето агресивно однесување кон Украина и анексијата на Крим, воопшто и не го почитува тој договор.

Естонскиот претседател Хендрик ИлвесФотографија: picture-alliance/dpa

На последниот самит на врвот на НАТО во Лисабон во 2010 година присуствуваше и рускиот претседател. На највисоко ниво се одржа состанок на Советот НАТО-Русија. Но, тоа денес делува непоимливо. Рускиот претседател овојпат воопшто не е поканет. На новинарско прашање дали Русите ќе бидат изненадени поради тоа, Расмусен со насмевка одговори: „Не, не верувам“.

Украинскиот претседател Петро Порошенко е поканет, но нема многу на што да се надева. Украина не е членка на НАТО и во догледно време нема ни да биде. Мнозинството земји ја отфрлаат и можноста за испорака на оружје на Киев. „Помагаме во обуката и реформата на оружените сили, но ќе ги браниме само земјите-членки“, изјави еден висок претставник на НАТО во Брисел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми