1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Натпревар во троплук

26 февруари 2020

И покрај најавите на партиите за позитивна кампања, повеќе фактори, кои не се нужно поврзани еден со друг, ќе направат на изборите на 12-ти април сепак да доминира негативната кампања. Колумна на Петар Арсовски.

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Видов еден твит: состојбата на готовност за коронавирусот во Македонија се подигна од „не дај боже“ на „помрдни се од место“.  Ми изгледа како многу точна констатација на состојбите, не само за коронавирусот. Откако се изрезиливме со оние сироти посетители од Кореа кои беа фрапирани, не знаејќи каде дошле да промовираат толеранција, излезе дека тие не биле најголемата закана по нас, туку сепак ние самите. Мислам дека истото ќе ни се повтори на повеќе општествени состојби во периодот кој доаѓа.

Мислам дека и покрај најавите на партиите за позитивна кампања, тешко овој изборен циклус ќе го поминеме во мирна и релаксирана атмосфера.  Мислам дека повеќе фактори, кои не се нужно поврзани еден со друг, ќе направат на овие избори сепак да доминира негативната кампања.

Првата причина е вкупниот светски тренд на зголемување на негативната кампања општо во политичката комуникација.  Некои истражувања (Хајмлих) покажуваат дека дури над 70% од гласачите идентификуваат дека негативната политичка комуникација е во пораст.  Истовремено, анализите покажуваат дека негативниот наратив (пораки насочени да одземат гласови од противникот, како најопшта дефиниција на негативната кампања), од просечно 27% е пораснат на над 46% во периодот од последните пет години само во САД. Ваквиот тренд, според најголемиот дел на споредбените анализи, се должи на три посериозни фактори: прво, поедноставување на политичката комуникација.  Брзото темпо на медиумите заедно со трендот на намалување на содржината која може да се пренесе, прават политичките пораки да се кондензираат во тонски парчиња, во слогани, да се поедностават и „зипуваат“ во малите трошки информации за кои сеуште можеме да задржиме интерес во денешно време. Вториот голем фактор е персонализацијата на политиката: врзување на политичките со личните ставови, вредности, квалитети.  И тоа е логично - гласачите немаат време да ја читаат целата програма, ниту пак можат да претпостават во каква ситуација ќе се најдат политичарите во текот на нивниот мандат, па изборот се сведува на довербаво одлучувањето, а тоа е секако лична категорија. Доказ е и зголемувањето на интересот на јавноста за приватните животи на политичарите, што претставува еден вид ментален индикатор за нивната професионална вредност.  Третиот фактор, кој истовремено е и втората главна причина зошто ќе доминира негативната кампања кај нас е поедноставен да се напише но потежок да се објасни: негативната кампања функционира, и затоа се користи.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Други колумни од авторот:

-Срамотизам и Македонизам

-Година на незавршени работи

-За комплексите

Токму така: негативната кампања функционира, и тоа доста ефикасно. Таа функционира и во комуниколошка, и во политичка смисла.  На пример, истражувањата покажуваат дека негативната порака има двојно повеќе шанси да биде забележена и запомнета.  Не само тоа: негативните пораки се поатрактивни и имаат посилен и побрз ефект врз гласачите. На пример, ако една политика има и добри и лоши страни, доколку најнапред ги рекламирате лошите страни, потоа кај истата публика ни добрите не поминуваат, а ако почнете со позитивна комуникација па потоа воведете негативна, после негативната порака добрите аргументи исчезнуваат од меморијата на респондентите.  Тоа значи дека сме можеби ментално устроени да се фокусираме на негативните аспекти, но факт е дека тие се поефикасни во комуникацијата.  Потоа, негативната кампања функционира и политички.  Во амбиенти на биполарна политичка поделеност (како нашиов), негативната комуникација ги прави сопствените поддржувачи покомпактни, а неопределените поцинични, апатични.  Дури и кај поддржувачите на противникот, негативните пораки продираат и создаваат сомнеж и имаат влијание на однесувањето на гласачите.

Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Тоа во нашиов контекст значи дека двете големи партии имаат интерес да одржат силна негативна кампања. Најнапред, за СДСМ најголемо влијание на изборниот резултат ќе имаат оние гласачи кои гласале за нив во 2016 и 2017, а сега можеби се чувствуваат разочарани од брзината на имплементација на некои политики.  За нив, тешко е сега, при крајот на мандатот, да се поправи впечатокот за испорака, па кампањата се сведува на аргументација на тврдењето каде ситуацијата со ВМРО-ДПМНЕ би била полоша, односно поттикнување на страв од уназадување во евроатлантските интеграции и правда, што е секако тема за негативна кампања.

За ВМРО-ДПМНЕ, исто така, има логика за концентрирање на негативна кампања.  Нивните поддржувачи се поделени во широк политички дијапазон, од национални радикали, до десни еурофили.  Сепак, што поблиску до центарот, тоа помала поддршката за „патриотските“ политики на антагонизам кон ЕУ, НАТО, и Договорот од Преспа.  И сега, ВМРО-ДПМНЕ се соочува со дилема: дали, преку позитивна и помалку национална кампања, да се обиде да се доближи до тие гласачи, што би одело на сметка на нивните тврди поддржувачи.  Мислам дека одговорот е јасен: тие нема да ги загрозат сигурните гласачи во некаков гамбит за несигурните, па оттаму, мислам дека и таму треба да очекуваме потврда позиција насочена кон националните чувства, што во превод значи негативна кампања кон предавниците.

На крајот, високиоте политички тензии, кои доаѓаат од високиот влог на двајцата лидери во оваа кампања, кои де факто се борат за сопствената политичка иднина, како и биполарната поделеност околу иднината на државата (за или против компромис како влог во ЕУ и НАТО), прават партиите сеуште да се доживуваат една со друга како непријатели, а не само политички опоненти.  Во таква атмосфера на штабско навивање, пинг-понг прес конференции, лични напади, бомби и меѓусебни обвинувања, тешко е дека остатокот од кампањата ќе помине без негативна кампања.  Значи, како што рековме на почеток, нивото на готовност е „помрдни се од место“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми