1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Науката и националното се судираат во трката за вакцина

11 септември 2020

Во моментите кога научната заедница се приближува до пронаоѓање на вакцина, нејзините напори се значајно ослабени од трката меѓу државите, за што причинител не се само економските мотивации, туку и политичко-стратешките.

USA Coronavirus Impfstoff-Test (picture-alliance/AP Photo/H. Pennink)
Фотографија: H. Pennink/AP Photo/picture-alliance

Бурна недела во светот на науката и во трката за пронаоѓање на вакцина за Ковид 19. Водечкиот кандидат, или коњ во трката, АстраЗенека ја стопираше клиничката студија за вакцина против коронавирусот, затоа што кај едно од тест-лицата настапиле здравствени проблеми.

Но, не треба да се избрзува со заклучоци или да се губи доверба. Независна истрага треба да утврди дали здравствените проблеми на лицето кое го примило серумот се предизвикани од него или од нешто друго. Веќе еден аларм поврзан со вакцината од Оксфорд се покажа како лажен, затоа што несаканите појави не биле поврзани со тестирањето на вакцината. Според Фајненшел Тајмс можно е масовното тестирање, или третата и последна фаза да продолжи за не повеќе од една недела.

Како и да е, трката продолжува, меѓу натпреварувачите е густо и полека се приближуваме кон финишот. Според последните податоци од научниот магазин Nature, во трка се 321 можни вакцини, 32 вакцини веќе се експериментираат врз луѓе, 7 се во третата и последна фаза, и веќе имаме прелиминарни научни податоци од првата клиничка фаза за 5 вакцини. Едната е на американската Модерна, две се кинески, една е на сега привремено стопираната вакцина на Оксфорд, и конечно, податоци имаме и за мистериозната руска вакцина.

Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна

01:24

This browser does not support the video element.

Всушност, во оваа бурна недела, можеби најважната вест е дека токму руската вакцина сѐ помалку е мистериозна, а сѐ повеќе научно објаснета и оправдана. Дочекана со скептицизам, и за тоа пишував пред неполн месец, според еден од најкредибилните медицински списанија „Лансет“,можно е руската вакцина да функционира и да произведува имунитет. Охрабрувачките наоди сепак мора да се измерат со реалноста на ограничената димензија на досега спроведените тестирања, кои речиси во сите случаи, освен кај АстраЗенека, се направени на помалку од илјада лица, а во руските и кинеските случаи, само врз млади и здрави луѓе, најчесто војници. Во рускиот случај податоците се базираат врз тестови на само 76 лица.

Фигуративно кажано, засега знаеме дека овие вакцини кои се експериментираат се како авиони кои се способни да летаат, но не знаемеколку далеку можат да летаат и дали можат да не однесат до посакуваната дестинација, ниту пак колку луѓе можат да транспортираат. Односно, сѐ уште не знаеме дали овие вакцини се ефикасни и безбедни. За да дојдеме до такви сознанија, потребни се најмалку по 30 илјади тестови за секоја вакцина, врз хетерогена популација на најмалку 4 континенти, и на тестовите од ваква пропорција мошне веројатно е дека допрва ќе се појават несакани ефекти.

Експерименталната вакцина, или авионот-вакцина, треба да е во состојба да лета барем 6 месеци. Засега не знаеме колку трае имунолошката меморија и евентуалнатазаштита од вирусот, и дали ранливите категории навистина може да бидат заштитени, ниту пак дали развиваат добар имунолошки одговор. Како и да е, и по третата фаза, која важи за последна, всушност следат продолжетоци, да употребиме уште една спортска метафора. По третата фаза следува најголемиот процес на набљудување, кога од десетици илјадници тестирани лица ќе мора да се премине на десетици милиони тестови.

Оттука, ситуацијата е надежна, но неопходно е внимание и трпение. Една работа е кристално јасна во оваа френетична трка за вакцината, а тоа е дека добри резултати можат да се постигнат единствено преку ригорозен научен метод. И токму појавата на несакани ефекти, кои допрва ќе следуваат, се интегрален дел од секој ригорозен научен метод.

Здравствен национализам

Постојат и други несакани ефекти кои излегуваат од стриктно научното и кои ризикуваат сериозно да ја загрозат потрагата по ефикасна и безбедна вакцина. Верувам ќе погодите, проблемот како и секогаш лежи во политиката, односно во тоа што денес можеме да го опишеме како здравствен национализам и војна помеѓу тајните служби и хакерите во крадење на научните тајни или откритија.

Корона вирусот веќе ја покажа сета неподготвеност на меѓународната заедница пред појавата на една ваква пандемија, но сега ризикуваме националната себичност да ги загрози и стадиумите на производство и дистрибуција на евентуалната вакцина или вакцини. Прашањето е дали ќе се развие една зајакната меѓународна соработка на полето на здравството, или секоја поголема и помоќна земја ќе продолжи меѓусебно да се натпреварува во трката по вакцината?!

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Со други зборови, токму во моментите кога научната заедница дефинитивно и одлучно се приближува до пронаоѓање на ефикасна и безбедна вакцина, нивните напори се значајно ослабени од натпреварот или трката помеѓу државите, за што причинител не се само економските мотивации, туку и политичко-стратешките.

Тоа што загрижува е отсуството на речиси каква било координација меѓу големите фармаколошки компании или национални институти, слабиот кредибилитет наСветската здравствена организација, односно, пристапот во потрагата по вакцина кој е националистички и суверенистички. Не случајно оваа тенденција веќе се опишува како здравствена Студена војна.

Како потврда на таквото сценарио се напорите на трите најголеми светски сили,САД, Кина

и Русија. Кај сите може да се забележи националното форсирање на тестирања со цел да се престигне противникот. Прва беше Кина во август месец, кога објави дека произвела сопствена вакцина и дека е безбедна и гарантира имунолошки одговор. Веднаш потоа следуваше спектакуларната објава на Путин за пронајдокот на истражувачкиот центар Гамалеја во Москва, и нималку случајно вакцината беше крстена Спутник, евоцирајќи ја вселенската трка со САД од времето на Студената војна. Конечно и Американскиот центар за заразни болести од Атланта побара формално од сите 50 држави да се подготват за дистрибуција на потенцијална вакцина на почетокот од месец ноември, односно, на сами 48 часа пред почетокот на претседателските избори.

Единствениот исклучок и навистина изненадувачки потег следуваше од американската Биг Фарма, односно од главните американски фармаколошки компании, на кои потоа им се приклучија и европските, дека нема да дозволат политички или изборни забрзувања во потрага по вакцината.

Деветте водечки компании кои работат на вакцина - АстраЗенека, Пфајзер, Џонсон&Џонсон, Мерк, Модерна, Новавакс, Санофи, БиоНТех и ГлаксоСмитКлајн, оваа недела се обврзаа дека ќе се држат до научните безбедносни стандарди за своите експериментални серуми, независно од тоа колкава е итноста од сузбивање на пандемијата на коронавирус и политичкиот притисок.

Ваквиот невообичаен чекор се презема поради тоа што пред се во САД би можело да има политички притисок за итна дозвола за првата вакцинапред претседателските избори на 3 ноември.

Но, тоа што важи за западниот свет и западните компании не важи и за Истокот.

Токму дента кога пристигна лошата вест за моменталното стопирање на вакцината на АстраЗенека, пристигна и веста дека Русија потпишала договор со Мексико за производство на милиони дози од вакцината Спутник.

Впрочем, брзината, одлучноста и масовните маневри, низ историјата, од Сталинград до Берлин, како големите победи на Црвената армија, отсекогаш биле главните карактеристики на рускиот пробив. Воената доктрина денеска се трансформира во здравствена, и Москва планира да ја спроведе истата стратегија во најважниот предизвик на денешнината: да победи во трката за вакцината и да си обезбеди светска доминација.

Како што рековме, додека сѐ уште траат тестовите, а оние масовните во Русија и Кина почнаа пред десетина дена, Кремљ работи на одржување на предноста и се подготвува за процесот на производство со цел да си обезбеди маневарски простор доколку вакцината се покаже навистина ефикасна и безбедна. Тука лежи и главниот руски проблем, односно, делува дека Русија нема лабораториски капацитети за масовно производство на вакцината. Затоа, токму овие денови ја започнаа втората фаза на својата здравствена офанзива: интернационализација на вакцината Спутник.

Други колумни од авторот:

Случај Навални: Меркел го дисциплинира Путин

Судирот меѓу Турција и Грција и новата реалност во Средоземјето

Путин не може без Белорусија, но може без Лукашенко

Почнаа во својот двор, од Казакстан, некогашната советска република, со договор да произведат 5 милиони дози. Неделава започна прекуокеанската фаза со Мексико каде е потпишан договор за производство на 32 милиони дози. Следниот чекор е уште поамбициозен, и навестува и одредени геостратешки и геополитички потреси доколку се случи. На мета на Кремљ е Индија, една од најпогодените земји од вирусот, која во исто време има најголеми фармацевтски структури за масовно производство на вакцини.

Индија нуди двојна поволност за руската вакцина. Прво, поради високите бројки на заразеност кои и понатаму растат е одлично место за спроведување тестови, нешто слично како што АстраЗенека го одбра Бразил за своите тестови. А како второ, Индија има индустриски капацитети да дестилира милиони дози во многу кратко време. Понудата до Њу Делхи беше испратена оваа недела и делува дека е мошне примамлива. Според индиските медиуми, неколку компании веќе го прифатиле рускиот предлог, меѓу кои и водечката фармаколошка компанија Серум Институтот. Индија всушност е еден од светските лидери во производство на вакцини, има цел регион посветен на таа технологија и Институтот Серум важи за светски шампион во производство на противотрови со преку 20 различни серуми, милијарда и половина дози годишно, кои ги извезува во 165 земји низ светот.

Планот на Москва е јасен - набрзина да се произведат 300 милиони дози во Индија, и така да се освои победата во трката за вакцината.

Каде е Европа во целата приказна? Европската Комисија оваа недела постигна нов договор со Пфајзер – БиоНТех, нејзин шести по ред трговски преддоговор за обезбедување 300 милиони дози, по договорите со АстраЗенека, Санофи – ГлаксоСмитКлајн, Џонсон&Џонсон, КјурВак и Модерна. Сѐ на сѐ, европскиот континент има резервирано околу милијарда и пол дози. Токму од овие идни достапни вакцини се очекува да се набават и вакцините за Македонија.

Дотогаш добро е да се потсетиме дека дури и кога одредена вакцина или вакцини ќе бидат произведени, тоа не значи дека и автоматски ќе бидат достапни сите неопходни дози. Тоа значи дека пристигнувањето на одредена вакцина не коинцидира со исчезнувањето на одредена епидемија.

За крај и најдобрата вест во овие тешки времиња: По децении вакцинирање, Африка веќе нема „диви“ случаи на полио, а со тоа е искорената и детската парализа.

Уште една потврда дека научниот метод и пристап го бараат своето неопходно време и дека ослободени од политиката и себичните национални интереси, или поточно потпомогнати, а не закочени, преку меѓународна соработка и солидарност, секогаш испорачуваат напредок и резултати.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми