1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наумов: Одлуката на ДИК е политички диригирана

Костадин Делимитов1 декември 2015

СДСМ не запира и ќе ги искористи сите законски инструменти за заштита на интересите на граѓаните. ДИК треба да се оправда за скандалозната одлука, а банките да бидат внимателни, предупредува Наумов.

Фотографија: DW/K. Delimitov

Наместо новиот состав на ДИК, членовите на комисијата во заминување го укинаа ветото на заменик министерот за финансии Кире Наумов и отворија пат Владата да се задолжи на домашниот пазар за нови 100 милиони евра. Одлуката падна и покрај предупредувањата дека споровите на министрите и замениците согласно Законските измени ќе треба да ги решава новиот состав на ДИК, кој се чека да биде именуван. Некој ќе треба да одговори врз кој закон падна ваквата одлука, вели за Дојче веле заменик министерот Наумов, кој предупредува дека нема да се откаже од блокада на новите задолжувања!

ДВ: Господине Наумов, Државната изборна комисија во состав на заминување сепак го ослободи патот за задолжувањето кое се обидовте да го спречите со правото на вето. Како ја оценувате ваквата одлука?

Наумов: „Одлуката на ДИК е уште една во низата политички диригирани одлуки на штета на граѓаните. Внимавајте, актуелниот состав на комисијата чијшто законски мандат истече на 08.11.2015 година, на само неполни 24 часа пред изборот на нов состав на Државната изборна комисија, носи ваква одлука. Ваквиот развој е за нас очекуван и воден од политичкиот интерес на власта. Прашањето кое сега ќе треба да го објаснат од ДИК е по која правна логика или законски акт ја донесоа ваквата одлука? Како може правото на вето на дополнителниот заменик министер да биде почитувано кога се работи за задолжување на меѓународен план, а да не важи за задолжувањето кај домашните банки? Истовремено и банките како најголеми доверители сега мораат да имаат во предвид дека денешната и сите наредни аукции на државни хартии од вредност, коишто немаат согласност од дополнителниот заменик министер за финансии, ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување, од аспект на нивно третирање како законски јавен долг“.

ДВ: Банките да бидат внимателни, ДИК да објасни, но што ќе правите сега Вие, паѓаат ли во вода со ваквата одлука вашите предупредувања?

Наумов: „Напротив, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе ги искористи сите законски инструменти за заштита на интересите на граѓаните. Повторно предупредувам дека секое задолжување, поголемо од износот потребен за враќање на доспеани долгови по основ на државни хартии од вредност во наредните закажани аукции, СДСМ ќе го третира како можност за злоупотреба на средства за изборни манипулации, лично од страна на премиерот Никола Груевски. Потенцираме дека до следната аукција на државни хартии од вредност, закажана на 15.12.2015 година, доспеваат за враќање 61 милион евра. Расипничките и недомаќински политики на Никола Груевски ја доведоа државата во ситуација да мора да се задолжува за да обезбеди пари за плати, пензии, социјална помош,капитални инвестиции. Неговата и реакцијата на Ставрески по ветото само ја потврдија состојбата на јавните финансии во овој момент. Односно го потврдија тоа што СДСМ и опозицијата веќе подолг период го предупредуваат. Оваа влада со своето работење и трошење ја загрози редовната исплата на плати и пензии. Доколку не се задолжува нема средства за исплата на истите. Тоа беше предизвикот пред кој бевме соочени кога одлучувавме дали да го блокираме задолжување со еврообврницата во целост и со тоа да ја извадиме на виделина вистинска слика за економската ситуација во моментов. Но, тоа ќе значеше дека пензионерите, примателите на социјална помош, вработените во јавниот сектор, земјоделците, кои во огромен дел чесно си ги заработуваат овие средства, односно плати, ќе останеа без своите примања, што секако ќе беше потврда за се она што го тврдевме во изминатиот период. Тоа ќе беше и потврда колку СДСМ беше во право кога се обиде да го блокира задолжувањето од 90 милиони евра во 2012 година, што беше основната причина за настаните на 24.12.2012 и насилното исфрлање на нашите пратеници од собранието. Но, свесни за тоа во каква ситуација ќе се најдеа стотици илјади семејства одлучивме да го преполовиме износот од 500 милиони евра. Пресметавме дека сумата од 250 милиони ќе биде доволна за сите буџетски исплати, а исто така и да се врати евробврзницата од 150 милиони евра која доспева на 8 декември. Дотолку повеќе што и самиот министер за финансии изјави дека тие средства ќе бидат доволни за редовно функционирање на буџетот“.

ДВ: Сепак Власта успеа во намерите, барем во делот со ДИК. Очигледно дека притисокот бил огромен. Но немаше ли простор да се скрати од некоја друга ставка?

Наумов: „Ние не дозволуваме нови задолжувања. Во календарот на Министерството за финансии до крајот на годината се предвидени три аукции на државни на државни хартии од вредност, и тоа на 01.12, 15.12. и на 22.12.2015 година. Во периодот помеѓу првата и втората аукција врз основа на доспеаност на државни записи, државата треба да врати 60,73 милиони евра. Потенцирам, до втората предвидена аукција на 15.12.2015 за враќање доспеваат нешто помалку од 61 милион евра, а не како што изјавува министерот Ставрески 80 милиони евра. Никој не очекува долговите да се враќаат наеднаш. Но, секако не сакаме да дозволиме ново задолжување во нето износ од 40 милиони евра. Заради тоа го искористив правото од член 46 и член 47 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија и изразив несогласување да овие задолжувања може да имаат важност доколку се одобрени и потпишани само од Министерот за финансии. Сумите со кои во иднина би се задолжувале несомнено се финансиски прашања поврзани со организацијата на изборите и токму поради тоа мора да бидат одобрени со двоен потпис. Исто онака како што беше одобрено и издавањето на четврата еврробврзница. Повторувам, не смее да има разлика во процедурите помеѓу задолжување на странски и на домашен пазар. Средствата без разлика од каде потекнуваат може да се искористат во предизборни манипулации, како многупати досега. Во неколку изборни циклуци мисиите на ОБСЕ/ОДИХР упатија сериозни забелешки за злоупотреба на државните ресурси во изборни цели и тек на кампања“.

ДВ: Ако е точно дека Македонија е се уште умерено задолжена, тогаш зошто е проблем според вас динамиката на овој процес и инсистирате тоа да запре, дали можеби откривте дека некој навистина сака да троши за “чоколада, а нема ниту за леб“?

Зоран СтаврескиФотографија: MIA

Наумов: „Да беше Македонија навистина ниско до умерено задолжена земја, како што милува особено премиерот да истакне, зарем мислите дека ќе бевме сведоци на вакви реакции. Овие реакции всушност ја исфрлаат на виделина вистинската слика на македонската економија. Повторно ќе кажам. Став на СДСМ е во наредниот период да не се дозволи нови нето задолжувања. Ние сметаме, а тоа го потврди и министерот Ставрески, дека со новата евроообврзница се обезбеди средства за редовна исплата на плати, пензии и останати редовни трансфери од буџетот. Зошто им се тогаш дополнителни 40 милиони евра ново задолжување“?

ДВ: Но власта се повикува на оценките на Еуростат и ве обвинува дека свесно сакате да предизвикате криза заради политички причини?

Наумов: „Ниту сакаме, ниту предизвикуваме криза од политички причини. Оваа влада , на чело со Груевски, која непрекинато владее полни 9 години е единствениот виновник за состојбата во која се наоѓаме. Помина времето кога непречено можеа да бараат дежурни виновници за нивните одлуки. Тоа веќе не поминува. СДСМ и здружената опозиција тоа нема да го дозволат“.

ДВ: Имате ли увид во податоците, дали можете и со сигурност да потврдите колку навистина изнесува јавниот долг?

Наумов: „Износот на јавниот долг што Министерството за финансии го објавува е согласно нецелосната дефиниција за јавен долг што, дополнително преку амандманска интервенција, е формулирана во законот за јавен долг. Со сегашната делумна формулација, и без скриените трошоци, за кои имаат увид само премиерот и министерот за финансии, ние сме веќе на прагот на високозадолжена држава. Но реалната состојба со јавниот долг е за неколку процентни поени повисока од тоа што официјално се соопштува. Во рамките на управување со јавниот долг, по изборите во април 2016 година, ќе донесеме среднорочна фискална стратегија, со која секоја година ќе го намалуваме буџетскиот дефицит. Тоа ќе го направиме со зголемен економски раст, преку мерките во нашата програма и со домаќинско располагање на јавните пари, односно со кратење на сите буџетски ставки што оваа влада ги злоупотребува, а тоа воопшто не се мали средства“.

ДВ: Еден од клучните предизвици е дефицитот кој никако да се усогласи со проектираното во секој буџет. И среднорочната фискална стратегија постојано се корегира, односно наспроти препораките тој не се намалува. Освен ветото, кое еве се прави се` за да не ви помине, имате ли друг механизам да влијаете на запирање на трендот на зголемување на задолжувањето?

Не е само нивото на дефицитот што не одговара со проектираните параметри при предлагањето и усвојувањето на буџетот. Владата на Груевски во изминатиот период ниту еднаш не успеа да го предвиди ни растот на БДП. Се проектираа стапки на раст од 4%, а годината сме ја завршувале со пад на БДП. Севкупно тоа е доказ за неодговорно и недомаќинско работење. Во однос на ингеренциите , согласно закон, преку преполовувањето на износот на четвртата еврообврзница на дело покажав како во наредните 5 месеци ќе ги користам сите можни механизми, за оневозможување на сите обиди за задолжување, со кои Груевски предизборно би манипулирал. Во тој контекст е и изразеното несогласување за процедурите околу задолжувањата на домашниот пазар кои ги објаснив. Што се однесува до тоа како во иднина планираме да ги намалиме буџетските трошења во „Визијата за Македонија“ јасно кажуваме дека ќе го намалиме бројот на министри. Идната влада на СДСМ ќе брои максимум 20 министри, а не 26 како што е сега. Во Германија, на пример, на пет милиони граѓани имате еден министер. Во Македонија имаме еден министер на 81.000 граѓани. Ние немаме точен податок колку советници има премиерот, но според одредени информации, таа бројка изнесува 100. Ако е така зошто му се толку министри. Поврзано со ова, тенденција ќе биде и бројката на пратеници да се намали и наместо 123, да изнесува меѓу 90 и 100. Покрај ова, основен приоритет и цел е да создадеме економски амбиент во кој домашните, посебено мали и средни претпријатија, ќе бидат креатори на нови работни места и ќе бидат примамливо место за вработување на младите. А не како до сега преку вработувања во јавната администрација, власта да купува гласови“.

ДВ: Транспарентноста на буџетските трошења е една од главните забелешки. Предложивте закон за отчетност на месечно ниво но власта побегна од тоа правдајќи се дека тоа е неизводливо, дали сега кога сте „внатре“ јавноста може да биде мирна дека парите ќе се трошат домаќински?

Наумов: „На Македонија и се потребно системски решенија. Недозволиво е за прашања кои ги засегаат сите граѓани, да се потпираме на личните карактеристики на одредена личност. Па дури и да се поставени најодговорните луѓе на соодветни позиции. Токму затоа СДСМ ги предложи предлог законските мерки во Собранието на РМ за буџетска транспарентност , но ВМРО-ДПМНЕ експресно го одби. Јасно е зошто сеуште актуелниот премиер ја избегнува отчетноста. Затоа веднаш после изборите , уште во првите 100 дена од новата влада предводена од СДСМ, ние повторно ќе поднесеме и усвоиме законски мерки за транспарентност на буџетските трошења“.

ДВ: Како е да се работи со Зоран Ставрески, имате ли контакти со него, какви се меѓучовечките односи во министерството?

Наумов: „Зоран Ставрески е министер за финансии, јас сум дополнителен заменик министер за финансии. Ингеренциите и на двете функции се регулирани во законот за влада. Контактите се во рамките на функциите што ги извршуваме“.

ДВ: Може ли наскоро да ве видиме со Ставрески заедно да промовирате некој проект?

„Доколку прифати некои од предлозите на „Визијата за Македонија“ во делот на економијата и финансиите што ги нудиме, зошто да не“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми