1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка грешка на Путин

Андреј Гурков
14 март 2020

Рускиот претседател го поништи дилот со ОПЕК и така среде кризата со коронавирусот дополнително ја дестабилизира светската економија. Русија за тоа ќе мора да го плати цехот, смета Андреј Гурков

Russland Ölpumpen in Tatarstan
Фотографија: picture-alliance/TASS/Y. Aleyev

Владимир Путин направи историска грешка. На првите две места на соодветната листа се, недостижните, анексијата на Крим и хибридната војна против Украина. А за останатите места на врвот сѐ уште се води борба. Претенденти, меѓу останатите, се војната во Сирија, пензиската реформа и измената на уставот за да остане на власт додека е жив. Сега се јави уште еден претендент со добри изгледи: крахот на пазарот на нафта и со тоа во врска и драстичниот пад на вредноста на рубљата. Ова е директна последица за излегувањето на Русија од договорот со ОПЕК меѓу нафтениот картел и повеќето останати земји кои извезуваат нафта за намалување на експлоатација. Во Русија таква одлука смее да донесе само претседателот. И затоа не можеше да избере полош момент.

Чуварите на стабилноста го дестабилизираат светскиот пазар

Ова не треба да биде одбрана за „диловите“ со ОПЕК. Во оваа организација има одбивно многу реакционерни монархии, корумпирани псевдодемократии и идеализирани режими. Од друга страна, ОПЕК е типичен картел кој настојува да ги одржи центе високи на штета на потрошувачите. Во земјите со пазарна економија и со демократија приватните фирми за такво нешто најригорозно се казнуваат. Русија така не се прослави кога на крајот на 2016 година го склучи со ОПЕК споменатиот договор, кој потоа постојано се продолжуваше. Но, кога веќе еднаш склопи таков договор, во никој случај не требаше сега да го „минира“.

Бидејќи, во ситуација во која на светските пазари на акции, суровини и девизи, владее најголема нервоза поради сѐ полошите економски последици од пандемијата Корона, секоја дестабилизирачка работа може да повлече со себе панични реакции. Бидејќи, во ситуација во која поради Ковид-19 драстично опаѓа светската побарувачка за енергија, Владимир Путин, кој во Русија се инсценира себе си како чувар на стабилноста, не му падна на ум ништо попаметно туку дополнително да го дестабилизира ионака несигурниот глобален пазар на нафта со влез во војна со цени.

Андреј Гурков, автор на коментарот

Погрешно време за крах со Саудиска Арабија 

Бидејќи, бескомпромисното одбивање на Русија да се сложи со заедничкото договорено понатамошно намалување на експлоатацијата на нафта, на 6 март доведе до распаѓање на комплетниот договор. Дури ни ограничувањата во експлоатација на нафтата кои важеа над 3 години, не се продолжени. Од април секој може да црпи толку нафта колку што може и сака. Русија фактички своите партнери, среде падот на цената на нафтата ширум светот, ги остави на цедило.

Повеќе:

-Думата го истапка патот за натамошно претседателствување на Путин

-Путин си отвори врата за нов претседателски мандат

-Руска Дума: Уставните измени во брза постапка

Тука не станува збор за тоа членовите на картелот кои се насанкани дека треба да се жалат. Но, станува јасно зошто Саудиска Арабија, клучната земја во ОПЕК, сега зададе толку брутален удар. Кралството на 8 март најави дека значително ќе ја зголеми експлоатацијата на нафта и ќе даде енормни попусти за своите клиенти, особено на оние на европскиот пазар кој е многу важен за Русија.

Американските фирми за фрекинг му се на Путин трн во око

Тоа всушност би требало да ги радува земјите од ЕУ бидејќи за нив евтината нафта е практично програм на конјуктура. Но, инвеститорите се во паника и гледаат да се ослободат од акциите на бројни европски компании. Бидејќи, тие гледаат што во Владимир Путин, кој како и натаму да ја потценува пандемијата од корона, не сака да види: колапс на пазарот на нафта сега би бил контрапродуктивен, па и крајно штетен, бидејќи води кон натамошна макроекономска дестабилизација. Тој светската економија уште повеќе ја исфрла од рамнотежа и банкротот на фирми и запирање на исплатите ги прави уште поверојатни. Но, Кремљ ионака декларативно сака некои да банкротираат. За руската индустрија за нафта американските фирми за експлоатација на гас за фрекинг се сѐ поголема конкуренција. Затоа банкротот на таквите фирми за Москва би биле добредојдени - како, всушност, и поголеми проблеми со буџетот кај другиот мегаконкурент Саудиска Арабија.

Москва ја потцени опасноста од глобална рецесија

Она што Кремљ изгледа не го искалкулира: во ситуација во која светската економија е на пат кон рецесија, банкротот на презадолжените американски фирми можат многу брзо да ги занишаат банките кои ги финансирале. И тука би биле на пат во глобална финансиска криза како во 2008 година. Која, како и тогаш, би имала тешки последици и за Русија. Првиот потрес во форма на девалвација на рубљата Русија веќе го почувствува. Тоа повторно ќе ја подгрее инфлацијата која само што се најде под контрола, и тешко ќе ја погоди руската економија која е многу зависна од увоз и ќе доведе до натамошен пад на платите и на стандардот кај руското население. Можеби војната за цената на нафтата која Владимир Путин без нужда ја започна среде пандемија, веќе за неколку месеци ќе се најде на некое од првите места на листата на негови стратешко погрешни одлуки.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми