1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kosovo Serbien Grenzstreit

29 јули 2011

Најновите конфликти на границата меѓу Србија и Косово покажаа дека регионот е далеку од траен мир. Националистите од обете страни очигледно не сакаат да дозволат да се најде мирно решение.

Фотографија: DW

Насилството на границата доаѓа во најлош можен момент за српскиот претседател Борис Тадиќ. Пред само неколку дена нему му појде од рака да собере многу важни поени за посакуваниот кандидатски статус во ЕУ преку екстрадицијата на последниот осомничени воен злосторник од Србија, Горан Хаџиќ. Добриот впечаток од оваа акција на српската полиција сега го засенија нередите на границата со Косово.

Спорот околу царините, печатите и другите симболи на Косово ја враќаат во свеста на меѓународната заедница вистината за нерешениот проблем со Косово. Тој покажува дека конфликтот околу статусот на новата држава е далеку од изнаоѓање заеднички прифатливо решение. Од друга страна, токму мирниот соживот на соседните земји на Балканот е важен предуслов за членство во ЕУ. Брисел секако нема да си дозволи уште една отворена рана како што е Кипар. Особено не во време кога ионака има полни раце работа при справувањето со должничката криза во Унијата.

Авторот на коментарот, Верица Спасовска

Сликите со запалените зданија на царината на границата со Косово паѓаат среде интензивните настојувања на Тадиќ да ја прикаже Србија како доверлив партнер и носител на стабилноста на Балканот. Негативниот развој на настаните ја слабее и неговата позиција кај избирачите во Србија, но и пред меѓународната заедница. Од таа причина Тадиќ не би можел да биде заинтересиран за ескалација на насилството на Косово.

Насилството го поттикнуваат оние сили во српското општество, кои најмногу профитираат од „де факто“ поделбата на Косово. Тоа се националистите, кои ваквата посебна положба на северниот дел од Косово каде живеат Срби ја ползуваат за шверц и други криминални акти. Но, поттик на конфликтот му даде и српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кој отвоерно побара поделба на Косово. Белград очигледно си зацртал како стратешка цел да го задржи статус-квото со поделбата на Косово, за подоцна да може да го искористи тоа како карта во понатамошниот политички покер.

Но, исто така не се неверојатни ни хипотезите дека конфликтот го испровоцирал косовскиот премиер Хашим Тачи и тоа од внатрешно-политички причини. За разлика од Белград, кој беше награден за подготвеноста на преговори со Косово и тоа со натамошно приближување кон ЕУ, официјална Приштина не доби никаква награда во таа насока. Можно е во таквата ситуација Тачи да сакал да демонстрира сила. Но, таквите еднострани потези се опасно играње со огин. ЕУ очекува напротив од нејзините партнери и идни членки да водат доверлива политика.

Ескалацијата на насилство на Косово покажува колку е кршлив мирот во регионот и дека меѓународната заедница мора уште долги години да биде таму присутна и да ја гарантира безбедноста. Исто така таа треба да ја поддржува и изградбата на правната држава. Во секој случај на обете страни, како на Белград, така и на Приштина, може да им се препорача да бараат и да најдат мирно решение за конфликтот. Секое играње со огин претставува назадување на патот кон ЕУ.

Автор: Верица Спасовска / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми