1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Нацистичкото минато на германските милијардери

26 март 2019

Семејството Рајман, кое располага со околу 33 милијарди евра имот, е второ според богатство во Германија. Историчарите конечно го расветлија мрачното поглавие на овој познат германски индустриски клан.

Industriellen-Familie Reimann - JAB-Holding
Фотографија: Imago/M. Segerer

Можеби никогаш не сте чуле за германската претприемачка династија Рајман, но сигурно во рацете веќе сте имале некој од производите на глобално познатите марки, чиј (ко)сопственик е таа: „Калгон“ или кафе „Јакобс“, на пример. Речиси 80 години по почетокот на Втората светска војна, семејството Рајман (со својот глобален холдинг ЈАБ) конечно се соочи со своето минато. Нацистичко минато.

Како што покажуваат истражувањата на весникот „Билд ам зонтаг“, во фабриките и во приватната вила на Алберт Рајман постариот и Алберт Рајман помладиот во Лудвигсхафен очигледно во текот на владеењето на националсоцијалистите имало случаи на насилство и злоупотреба на присилни работници. Весникот пишува дека овие двајца претприемачи биле убедени националсоцијалисти и антисемити, кои прилично профитирале од Втората светска војна.

Наследниците сакаат разјаснување

Наследниците на семејството Рајман, според сопствени наводи, пред три години ангажирале еден независен историчар за во целост да го расчисти нацистичкото поглавие во историјата на фирмата, наводите во меѓувреме се потврдени. Семејството соопшти дека чувствува олеснување што сега сето тоа е обелоденето.

Петер Харф, шеф на холдингот ЈАБФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Петер Харф, личност од доверба на семејството Рајман и шеф на холдингот ЈАБ, за „Билд“ изјавил: „ Рајман постариот и Рајман помладиот сносат вина, двајцата го прекршиле законот, тие всушност требало да одат во затвор“.

Историчарот Паул Еркер од Универзитетот во Минхен пред неколку недели на децата на Рајман (ги има четири), едниот внук, како и на Петер Харф им ги претставил резултатите од досегашното истражување. „Останавме без зборови од искажувањата на професорот Еркер. Се срамевме и бевме бледи како крпа. Тука нема ништо за разубавување, тие злосторства се одвратни“.

Донација од десет милиони евра

Претприемачите најавија донација од десет милиони евра на соодветна организација. Резултатите од истражувањето за нацистичката историја на фирмата би требало да бидат претставени идната година. Корените на династијата Рајман водат до 19 век, кога Јохан Адам Бенкизер и Карл Лудвиг Рајман во Лудвигсхафен отвориле хемиска фабрика. Семејството и денес има сопственички удел во глобалниот концерн Рекит Бенкизер, кој заработува пари со секојдневните потрошувачки производи како „Кукидент". Во портфолиото е и американскиот козметички концерн Коти, чии најпознати брендови се марките парфеми „Келвин Клајн“ и „Гучи“.

Како растела империјата?

Во изминатите години холдингот ЈАБ вложи милијарди евра во нови аквизиции на пазарот на прехранбени производи. Семејството е активно и на пазарот на кафе и преку холдингот ЈАБ ги контролира гигантите во тој сегмент и брендовите „Јакобс“, „Тасимо“ или „Сенсео“, односно синџирите како „Питс кофи“ или „Стамптаун кофи ростерс“.

Благодарение на таа експанзија, ЈАБ во меѓувреме на американскиот пазар му стана главен конкурент на „Нестле“. Империјата во САД е проширена со купување на производителот на безалкохолни пијалоци „Др Пепер Снепл“ со марките „Швепс“ и „Севен ап“. Семејството Рајман во 2018 година, според проценките на „Менаџер магазин“, поседувало имот од околу 33 милијарди евра. На листата на најбогати Германци, Рајманови се на второ место.

Историчарот Кристофер КоперФотографија: picture-alliance/dpa/J. Carstensen

Весникот „Билд ам зонтаг“ во текстот за нацистичкото минато на семејството се повикува на досега необјавени документи од неколку германски архиви. Тие, како што се тврди, покажуваат и дека семејството Рајман уште во 1931 година донирало пари на СС. На Хајнрих Химлер, човекот кој како лидер на СС го организирал холокаустот, Алберт помладиот на 1 мај 1937 година му напишал: „Ние сме веќе сто години старо, чисто ариевско семејно претпријатие. Сопствениците се безусловни приврзеници на расната теорија“.

Не само следбеници, туку и истомисленици и извршители

Историчарот од Универизтот Билефелд, Кристофер Копер, човек кој според наводите на „Билд“ ги анализирал откриените документи, вели: „Таткото и синот очигледно не биле политички опортунисти, туку убедени националсоцијалисти“. Однесувањето на Рајманови  покажува недостиг на сочувство, како и согласност со националсоцијалистичката расна идеологија, нагласува Копер.

Повеќе:

Мојот татко нацист

Се зголемува бројот на милионери во Германија

Семејството Рајман нерадо се појавува во јавност. Во врска со прашањето зошто поглавието од сопствената историја меѓу 1933 и 1945 година го обелоденуваат дури сега, Копер истакнува дека фирмата во текот на нацистичкото владеење работела под друго име. Шефот на холдингот ЈАБ додава дека децата на Рајман на почетокот на овој милениум почнале да ги прекопуваат и читаат документите на својот татко. На почетокот на 2014 година донесле одлука конечно да ја расветлат историјата на семејството Рајман, во целост и тоа независно.

хаз/кле(дпа,ап,афп)

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми