1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Најавени санкции против Русија

ЕМФ | АРД
22 февруари 2022

Испраќањето руски трупи во Украина наиде на остри критики од страна на меѓународната заедница. САД оценуваат дека потегот на Москва е чекор кон широка инвазија. Санкции против Русија се очекуваат многу бргу.

USA | UN Sicherheitsrat zur Ukraine
Фотографија: Evan Schneider/United Nations/AP Photo/picture alliance

Обединетите Нации ја критикуваат наредбата за испраќање руски трупи на истокот на Украина како прекршување на Повелбата на ОН. На итната седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк се слушнаа остри зборови на осуда на потегот на Русија.

„Наредните часови и денови ќе бидат одлучувачки. Ризикот од поголем конфликт е реален и мора да се спречи по секоја цена“, оцени помошничката на генералниот секретар на ОН за политички прашања, Розмари ДиКарло.

САД сметаат дека наредбата за испраќање руски трупи е прв чекор кон широка инвазија. „Путин сака светот да се врати назад во времето, во времето пред Обединетите Нации, во времето кога со светот владееја империи. Но, светот се придвижи нанапред. Ова не е 1919, туку 2022“, рече американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.

„Русија постојано тврдеше дека не учествува во конфликтот (во Украина н.з.). Денеска покажа дека отсекогаш била вклучена“, оцени германската амбасадорка во ОН, Антје Лендертсе. Таа рече дека Германија заедно со сојузниците ќе преземе „одлучни и соодветни мерки“ како реакција на прекршувањето на меѓународното право од страна на Русија.

Велика Британија зборува за закана од хуманитарна катастрофа. „Инвазија во Украина ги разуздува силите на војна, на смрт и на уништување на луѓето во Украина. Хуманитарните последици за цивилите кои бегаат пред борбите ќе бидат ужасни“, оцени британската амбасадорка во ОН, Барбара Вудворд.

Кина повика на воздржаност. „Сите засегнати страни мора да бидат воздржани и да избегнуваат сѐ што може поттикнува нови тензии“, рече на седницата на Советот за безбедност, кинескиот амбасадор во ОН, Жанг Џун.

Русија го обвини украинското раководство за ескалацијата на ситуацијата. Според Русија, Киев имал „воени планови“ и ќе ги гаѓал и провоцирал Луганск и Доњецк. Такво нешто, по признавањето од страна на Москва, би можело да има „исклучително опасни последици“, рече рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небенсја. „Немаме намера да дозволиме ново крвопролевање во Донбас“, рече тој. Според Небенсја, одбивањето на Киев да преговара директно со сепаратистите покажало дека Украина не сака да го исполни договорот од Минск. За да се спречи војна Украина сега мора да биде принудена да прекине со своите провокации, рече рускиот амбасадор.

Конфликтот околу Украина од 2013 година до денес

„Еклатантно кршење на меѓународното право“

Уште пред итната седница на Советот за безбедност на ОН, голем број политичари ги критикуваа постапките на Русија. Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, чекорот на Москва го оцени како „еклатантно кршење на меѓународното право“ и „сериозен удар врз сите дипломатски напори за мирно и политички решавање на актуелниот конфликт“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор остро ги осудија постапките на рускиот претседател Путин. „Сите тројца соговорници се согласија дека овој едностран чекор на Русија е јасно прекршување на Договорот од Минск“, изјави портпаролот на сојузната влада, Штефен Хебештрајт. Овој чекор „нема да остане без одговор“.

- повеќе: На Западот му е потребна сплотеност– за украинската криза, но и пошироко

Најавени санкции

Денеска се очекува завршување на подготовителниот процес за санкции против Русија од страна на ЕУ. Како што соопшти актуелното француско претседателство со Советот на ЕУ во текот на ноќта, претпладнево во Брисел ќе има состанок на постојаните претставници на земјите од ЕУ. Притоа треба да се заврши подготвителниот процес за казнените меркии. За нив потоа би можел да одлучува Советот на министри, а можна е и писмена одлука.

Какви санкции ќе бидат наметнати, засега не е јасно. Сепак, се смета дека е веројатно оти во визир ќе бидат пред сѐ лица. Со нетрпение се чека дали на листата на санкции на ЕУ ќе се најде и шефот на Кремљ, Владимир Путин. Американската влада исто така сака да објави нови мерки против Русија. „Утре ќе преземеме дополнителни активности за да ја повикаме Русија на одговорност за ова јасно прекршување на меѓународното право и суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина (...)“, изјави вчера висок претставник на Белата куќа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми