Комисијата на ЕУ: На Балканот нема примерни
10 ноември 2015Во извештајот за напредокот на Турција Комисијата на ЕУ искажува изненадувачки остра критика. На земјата севкупно и’ се забележува за „забавување“ на процесот на политички реформи во споредба со минатата година.
Турција назадува во имплементирањето на основните демократски права како што се слободата на искажување на мислење и слободата на организирање собири. Се забележува „растечка нетолеранција спрема јавни протести и рестриктивна интерпретација на правото на јавен собир“. Комисијата на ЕУ во извештајот нотира „негативен тренд кај респектирањето на владеењето на правото и кај основните права“.
Освен тоа, констатирани се недостатоци во борбата против корупцијата, за која се вели дека е широко распространета, а истовремено опаѓа бројката на истраги, кривичен прогон и осуди. Првенствено се поштедени високите кругови. Турција тапка во место во изградбата на независен правосуден систем. „Од 2014. година нема напредок. Независноста на правосудството и почитувањето на принципот на триделба на власта се поткопани, а судиите и државните обвинители беа под силен политички притисок“, се вели во извештајот.
Комисијата на ЕУ изразува „забележителна загриженост“ поради состојбата со медиумите и укажува на „тековните и нови процеси против новинари, автори и корисници на социјалните мрежи, заплашувањето на новинарите и на медиумските фирми, како и постапувањето на властите при ограничувањето на медиумската слобода“.
Во извештајот има критики и поради „застојот“ во решавањето на курдското прашање и „сериозна загриженост“ поради најновата ескалација на насилство на истокот и југоистокот на Турција.
Изрична пофалба е искажана за „забележителните напори“ на Анкара кај приемот на бегалци од Сирија, како и кај нивната интеграција. Иако констатира дека заштитата на човековите права „значително се подобри во изминатите години“, Комисијата вели и дека остануваат големи недостатоци и се бара посебно ефикасно да се гарантираат правата на жените, децата, хомосексуалците и да се обезбеди интеграција на малцинствата како Ромите.
Комисијата на ЕУ ги жигосува и дефицитите во предизборната кампања спроти изборите од 1. ноември.
Извештаите за напредокот вообичаено се објавуваат во октомври, а Комисијата на ЕУ се најде под притисок оти објавувањето го одложи за по изборите. Со тоа, според критичарите, и’ даде поддршка на исламистичко-конзервативната партија АКП на претседателот Ердоган, за Анкара за возврат да и излезе во пресрет во поглед на бегалците.
Турција е кандидат за прием во ЕУ од 1999. година. Во преговорите започнати во 2005. досега, барем привремено, е затворена само една од вкупно 35 глави.
Србија продолжува да напредува
Европската комисија оценува дека „Србија продолжи да напредува кога се во прашање политичките и економските мерила“. Комисијата бара „да се заврсти и да биде постојана програмата за економски и структурни реформи, вклучително и реформата на државната управа и на економското управување“. Од Србија се бара и „да ја засили уверливоста и предвидливоста на секторот на владеење на правото, вклучително и можноста за практикување на слободата на изразување“. Земјата мора во наредните години да обезбеди услови за целосно реализирање на слободата на јавно искажување на мислење. Укажано е на случаите на закани и насилство врз новинарите и на многу малиот број на истраги, судења и пресуди за тие случаи. Забележано е дека воопшто не напредувала истрагата за убиството на двајца влијателни новинари. Наведено е дека на програмите на јавните сервиси главно се присутни државни функционери од владеачките партии и аналитичари - истомисленици, а многу е мало присуството на претставници на опозицијата и на критички или независни аналитичари.
„Србија е умерено подготвена во развивањето функционално пазарно стопанство“, е оценето во извештајот и е наведено дека „српската економија се опоравува од рецесијата“.
Комисијата на ЕУ „очекува (Србија - н.з.) и натаму да биде посветена на нормализацијата на односите со Косово преку натамошна примена на сите спогодби“ постигнати во дијалогот со Косово.
Косово уште е на почетокот на патот
Косово постигна напредок, а Спогодбата за стабилизација и асоцијација е пресвртница на неговиот пат кон европска иднина. Но, во примената на европските стандарди во повеќето области Косово е на самиот почеток на патот, оцени Комисијата на ЕУ.
Кај политичките критериуми е нотирано дека земјата исполни два важни услова - парламентот ги усвои уставните амандмани за да се овозможи формирање на специјален суд и ја потврди приврзаноста кон нормализацијата на односите со Србија. Но, мора да се најде решение за насилната опструкција на работата на парламентот од страна на опозицијата.
„Многу независни институции и регулаторни тела не се оперативни“, мора да се подобри одговорноста и ефикасноста на јавната управа. Правосудството е подложно на мешање од политиката, нужно мора да се унапреди борбата против корупцијата и организираниот криминал. Комисијата бара Косово да продолжи да ја спроведува првата програма за економски реформи, а како проблеми се наведени високата невработеност, слабата производна база, недоволната меѓународна конкурентност, преголемото мешање на политиката во економијата.
Црна Гора напредува во преговорите за членство
„Европската комисија заклучи дека Црна Гора продолжи да напредува во примената на политичките и економските мерила, ја подобри својата способност да ги исполнува обврските за членство во ЕУ“, се вели во извештајот. Напредокот во преговорите за пристапување кон ЕУ, со отворање на осум преговарачки глави, е постигнат „благодарение на напредокот во владеењето на правото и јакнењето на законските и институционалните рамки“. Но, „она што е постигнато во сузбивањето на корупцијата и организираниот криминал и натаму е со ограничен дострел, посебно на високо ниво“, па еврокомесарот Јоханес Хан побара акцент да се стави врз примена на законите. „Црногорскиот правосуден систем е умерено подготвен“, земјата „достигна одреден степен на подготвеност за битка против корупцијата“.
Комисијата на ЕУ „изразува загриженост“ поради состојбата со слободата за јавно искажување на мислење, иако „нападите врз медиумите се намалени во изминатиот период“.
Во врска со неодамнешните протести, Комисијата на ЕУ „очекува добро да бидат истражени сите инциденти и наводи за претерана употреба на сила“, а „сите политички партии мораат да се вклучат во конструктивен политички дијалог во парламентот“.
БиХ повторно на реформски пат
Според Европската комисија, Босна и Херцеговина е повторно на реформски пат и почна да ги решава преостанатите приоритети на патот кон приклучување кон ЕУ. Тоа се покажало со усвојувањето на реформската агенда во јули годинава. Но, потребен е и конкретен напредок во спроведувањето на таа агенда, што е услов за ЕУ да ја разгледа молбата на БиХ за членство во ЕУ.
Исто така ќе биде потребно јакнење на јавната управа, подобрување на соработката на сите нивоа и воспоставување на ефикасен механизам за координација по прашањата во врска со ЕУ, за БиХ да биде во состојба да преземе конкретни наредни чекори на патот на интеграција во ЕУ. Од БиХ се очекуваат и позитивни поместувања во спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, вклучително и прилагодувањата по пристапувањето на Хрватска кон ЕУ.
Албанија - стабилен напредок со одредени слабости
Албанија постигнува стабилен напредок во примената на реформите, но за да почне преговори за пристапување кон ЕУ треба да ја заврши реформата за да се обезбеди владеење на правото. Европската комисија бара истрагите за корупција и криминал „на сите нивоа“ да доведат до резултат и до изрекување пресуди.
ЕУ бара од Албанија поголема заштита на основните права и притоа го издвојува правото на сопственост.
Комисијата на ЕУ во извештајот за напредокот на Албанија оценува дека е од суштинско значење да се обезбеди дијалог меѓу политичките партии, бара натамошно унапредување на јавната администрација и воспоставување контрола врз трошењето на буџетски средства од страна на локалните органи на власта.
Од Албанија се бара и да изврши значителни промени во законодавството за негово прилагодување на европското право.