Највносна професија во БиХ - политичар
22 јануари 2013Да се биде политичар во БиХ е најисплатливо занимање, ако се суди според низата истражувања на имотните листови на челниците на босанските политички партии, кои ги направија новинарите на Федералната телевизија. Имотот на Милорад Додик (СНСД) наводно се проценува на околу четири милиони босански марки. Уште побогат е Драган Човиќ (ХДЗ БиХ), чиј имот во наведеното истражување се проценува на преку 6,5 милиони марки. Богатството на тајкунот и новопечениот политичар Фахрудин Радончиќ (СББ БиХ) се мери со стотици милиони марки, а вредноста на имотот на Златко Лагумџија е околу еден милион марки.
Норберт Мапес Нидек, автор на книгата „Балканска мафија“ и некогашен советник на Јасуши Акаши за поранешна Југославија, на прашањето што би се случило на Запад во случај на сомнително потекло на имотот, одговара дека политичарите прво „под таквиот притисок би морале да излезат во јавност и да одговорат на обвинувањата. Притоа, на Запад не постои обврска за објавување на имотот и неговото потекло. Но, тоа мора да го прават земјите во транзиција како што го прави Словенија. Овие денови словенечкиот премиер (Јанез Јанша,н.з.) и челникот на опозицијата (Зоран Јанковиќ, н.з.) се најдоа во незгодна ситуација и мораа да го објаснат потеклото на својот имот или на дел од него. Во држава како БиХ вакви обвинувања едноставно се губат. Проблемот е штро не постои судска инстанца која објективно ќе каже што е нелегално стекнато, а што не.“
Главен проблем - бавно и неефикасно судство
„Неефикасното судство е главна пречка во борбата против корупцијата во БиХ“, смета Мапес-Нидек. Босанскохерцеговското правосудство покрена неколку постапки против одделни политичари. За мито и корупција беше обвинет Драган Човиќ, претседателот на ХДЗ БиХ. Против Милорад Додик веќе со години се најавува подигнување обвинение, но тоа досега не се случи. Зошто?
„Во случајот Додик обвинувањата за неговата корупција се присутни повеќе од 10 години. Објавени се во многу весници и извешати на меѓународни организации, но се‘ помина без последици. Очигледно не постои функционално судство. Во БиХ постои механизам кој секое обвинување го префрлува на другата етничка група. Додик е способен секое обвинување да го претстави како напад врз Србите и Република Српска“, објаснува Мапес-Нидек.
Зошто судството не е во состојба да покрене процес против сомнителни политичари, објаснува Срѓан Благовчанин, претседател на Транспаренски интернешнл за БиХ:
„Првиот и основен проблем на судството во БиХ е што е под доминантна политичка контрола. Вториот е некомпетентноста на луѓето кои седат таму, непостоењето истражни екипи, недоволна соработка меѓу агенциите за спроведување на законите и правосудните институции. Сепак, главен проблем е политичката контрола, што произлегува од фактот дека правосудството се финансира од 14 различни буџети на 14 различни нивоа. Тоа значи дека секој министер за финансии од некој кантон има контрола над правосудството“.
Единствено решение е притисок од Брисел
Со оглед дека нема последици и дека не се водат судски процеси, во БиХ се создава општа слика за коруптивна култура, каде никој не знае што е вистина, а што лага. Кога еднаш ќе се создаде таква збрка, и политиката се развива во тој правец.
„На крајот доаѓа до целосна корупција во политичкиот систем воопшто“, смета Мапес-Нидек, истакнувајќи ja улогата на ОХР, бирото на Високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ:
„Улогата на меѓународните судии и тужители во голема мерка е позитивна, но не смее да се заборави на политичкиот интерeс на различните земји во ОХР. Ако е можно уценувањето на некој политичар и неговото обвинување, тоа практично ја олеснува работата на службениците на меѓународната заедница. Тие мафтаат со тие обвинувања и тоа значи дека за возврат бараат противуслуга. Тој механизам ќе биде присутен се‘ додека не се укине протекторатот. Се разбира дека укинувањето на ОХР ќе ја вложи состојбата, но нема да има војна. Прво мора да биде полошо, за да дојде подоброто“.
Благовчанин вели дека ОХР го користи фактот за корумпираноста на босанските политичари, уценувајќи ги со политички прогон. Тој додава дека од ОХР во последно време воопшто не се мешаат во компликуваната ситаиција во БиХ. Состојбата може да ја промени само силен притисок од Брисел, истакнува Срѓан Благовчанин, претседателот на Транспаренски интернешнл за БиХ.
„Видовме на примерот од Хрватска дека силен и фокусиран протисок врз владата и политичарите во земјата може да доведе до исчекор во борбата против корупцијата. Јас единствена надеж за БиХ гледам на краткорочен и среднорочен рок во притисокот од Брисел“.
Но, Марилуизе Бек, пратеник од Партијата на зелените во Германија, и задолжена за Југоисточна Европа, длабоко е уверена дека се‘опфатен процес на ослободување од корупцијата не може да дојде однадвор, односно од Брисел, туку дури кога ќе се создаде демократска основа, вистински независни медиуми, контрола од страна на јавноста, силни институции на цивилното општество и силни судски институции. За најновото истражување на Федералната телевизија на БиХ таа вели:
„Досега сето тоа е на ниво на медиумски истражувања. Јас од Германија не можам да го утврдам степенот на нивната точност. Сега е прашање дали ЕУ во рамките на јакнењето на институциите на правосудството ќе ги преземе тие случаи врз себе“.