1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Најголемата љубов – Велигден и христијаните

20 април 2020

Ќе дојде време, кога повторно ќе го славиме празникот на празниците со радост, обединети во љубовта еден за друг. Без страв и трепет од можната зараза. Колумна на Кица Колбе.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

„Никој нема поголема љубов од оној кој го дава животот за своите пријатели. Вие сте моите пријатели кога го чините тоа што ви заповедав.” (Јoван, 15, 13-14) Овие зборови на Христос сведочат не само за Неговата жртва на љубовта. Тие се и мерата за однесувањето на христијаните. Тие веруваат дека  со смртта на Крстот и со Воскресението, Христос ја победи смртта и го обнови сето творение. Секоја  недела христијаните го празнуваат тоа ново творение. Го празнуваат Осмиот ден, новиот ден, денот без заод, денот невечерен. Јадрото на христијанската литургија  е  чинот на евхаристијата – благодарноста за Христовата жртва на љубовта. Учеството на христијанинот во неа како мистичен чин и настан кој веќе се случува во есхатолошкото време. Понекогаш ми се чини дека православните христијани во Македонија ја заборавија таа проста вистина, која ја знаеше народната мудрост од песните. „Сека недела Велигден“, се пее во една од нив. Ние, кога сме христијани, сведочиме за Велигден секој ден. Црквата е  „небо на земјата“, таа е мистичната збраност во Телото Христово.  Таа не разделува, таа обединува. Затоа што во обединетоста на верниците во името на Христа веќе е дојдено Царството небеско. Тоа е меѓу нас, но и постојано доаѓа. Христијанската литургија е време вон времето на овој свет, иако се одигрува во овој свет и во ова време. Таа е веќе дел од вечноста. Се‘ што се случува во литургијата е  мистично и  веќе се одигрува во „есхатонот“, во времето што треба да  настапи откако ќе се случи Второто доаѓање на Христа во сета Негова слава. Црквата е Новиот Ерусалим, кој свети и блеска на Велигден. 

Христос, всушност, го прогласи крајот на сите религии. Тој не создаде нов  култ, туку нов живот и преобразба. Трагедијата на христијанството е што во овие два милениума и тоа често се разбира како религиски култ. Тоа  ја затемнува таа толку важна димензија, без која не може да се разбере значењето на Велигден. Името Велигден за празникот Пасха го прикрива дури и за христијаните значењето на овој празник. Пасха е  празникот на кој Евреите го слават Исходот од Египетското ропство. Тој го означува преминот на Евреите преку Црвеното море, кога Мојсеј чудесно го разделува морето. Христовата Пасха е ослободување на човекот од ропството во смртта. Христос со својата смрт „поминува низ смртта“ и „преминува“ низ неа, победувајќи ја. Затоа што смртта не може да го држи заробен Творецот и Изворот на животот. Тоа го славиме со поздравниот спев на Велигден – дека Христос со смртта, смртта ја победи и на тие што се во гробовите живот им дарува. И покрај велигденската радост, христијаните  не би смееле да заборават дека  Велигден  е паметење на смртта и на Воскресението Христово.  Во евхаристијата секоја недела  христијаните го примаат тој живот,  „кој во смртта и низ смртта, ја победува смртта.“  Сите ние ќе умреме еден ден. Но кога умираме со Христа, ние воскреснуваме заедно со Него. Тоа, всушност, е ветувањето и радоста на Велигден.

Други колумни од авторката:

-Копнеж по неделен ручек со фамилијата

-Ние, скопските гимназијалци родени 1951/52

-Сѐ може да биде и поинаку!

Што е мерката за тоа дали сме навистина Христови кога се нарекуваме христијани? Мерата е во  зборовите Христови: „Кој ме љуби тој ќе се придржува за моите заповеди.“ ( Јован, 14, 21) Мерата е љубовта за ближниот. Кој не е само христијанинот, не е само православниот, туку секој човек. Туѓинецот исто толку, колку и своеродниот. Неверникот или иноверникот исто толку, колку и својот православен соверник. Зборовите Христови за најголемата љубов, ни‘ го даваат патоказот. Приказната за милосрдниот Самарјанин  ни‘ покажува како треба да се однесува христијанинот. Тој, пред се‘, дели се‘ со ближниот. Тој сочувствува со него и ги лекува неговите рани тогаш,  кога сите други го забораваат. Ако нема поголема љубов од таа на тој што го дава животот за својот пријател, тогаш како треба да се однесува христијаниниот кога светот се наоѓа во голема неволја? Кога неговите сограѓани и тој самиот се изложени на опасноста да се заразат, па  затоа се изолираат? Тој во такво време треба да утешува и крепи со своите постапки  и со своите зборови. Треба да биде со сите што страдаат. Треба да биде пример за одговорност. Треба да биде солидарен  со ближниот и во неговиот страв.

Како треба да се слави радоста на Пасха, на Воскресението Христово, кога државата воведува контрола на движењето? Одговорот, ни‘ е даден во Христовите зборови дека не треба да одиме во храмот, ако братот ни‘ е лут за нешто, ако знаеме дека претходно не сме сме измириле со него. Можеме ли како христијани да пристапиме во време на пандемија со чисто срце и скрушен дух  пред свештеникот и да ја примиме светата причест, кога знаеме дека тоа не‘ разделува од ближните, од оние кои не ја познаваат христијанската вера и стравуваат за својот живот? Нели е поголема жртва на љубовта  кога христијаните  ги носат „тегобите“ на ближниот, како што од  нив бара апостол Павле? Нели  би било подобро да останеме дома и на сите Велигденски празници, затворени во молитвата  во своите домови, кога знаеме дека нашето одење во црквите ги плаши и реално ги загрозува сограѓаните? Нели така христијанинот би му покажал секому дека тој   има нешто по што  се разликува од другите -  како „ново творение“? Имено, дека тој сака и може да се жртвува за ближниот. Дека тој е првиот што мисли на заедницата. Дека  тој е свесен за тоа дека неговото одење во црква во услови на епидемија, кое  кај другите предизвикува оправдан страв од ширење на заразата, би го одделило од ближните. И затоа тој порадо останува дома, во изолација. Оти верува дека ќе има време кога  ќе го празнува Велигден, без  да предизвикува страв кај другите. Велигден без радост е незамислив. Велигден без делење на трпезата со ближните  беше и за мене досега незамислив. Но, сепак,  вчера го прославивме Велигден сами со сопругот. Во срцата ни‘ беа сите од кои сме изолирани, за наше и нивно добро. Затоа овој Велигден долго ќе го паметам.

Повеќе:

-Бигорски: Манастир или многу повеќе од тоа

-Најтажниот ден и најдолгиот карантин

Длабоко во моето паметење на детството е закотвена сликата за Велигден како празник на радоста и светлината. А моето детство не беше обично детство. Тоа се одвиваше во егејското гето. Бегалството е живот во постојана вонредна состојба. Велигден во бегалското гето  се празнуваше во срцата, тивко и скромно, без помпезност. На тоа мислам деновиве. Бегалските одаи на Велигден беа отворени за секого што ќе дојдеше да честита. И се‘ се делеше со него! И така беше на  сите три дена од празникот. Особено затоа што татко ми славеше именден токму на овој ден, на вториот ден на Велигден. На споменот на него ја посветувам оваа  посебна колумна. Ќе дојде време, кога пак ќе го славиме празникот на празниците со радост, обединети во љубовта еден за друг. Без страв и трепет од можната зараза. Само во силата на таа надеж и во сочувството еден за друг ќе ја истрпиме полесно изолацијата. Христос воскресна, навистина воскресна!

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми