1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголем современ германски мислител

18 јуни 2009

Тој стави печат врз јавните дебати во Германија како ретко кој. Јирген Хабермас важи за еден од најголемите современи филозофи во земјата, со светска читачка публика. Денеска (18.06.2009) тој слави 80-ти роденден.

Јирген ХабермасФотографија: dpa

Кога Јирген Хабермас во октомври 2001 година ја доби „Мировната награда на германските книжари“, во историската Павлова црква во Франкфурт беа присутни многу познати личности: покрај тогашниот германски претседател, Јоханес Рау, седеа и екс-канцеларот Герхард Шредер и поранешниот министер за надворешни работи, Јошка Фишер. А филозофот, кој од детство се бори со говорна мана, во својот поздравен говор ги начна најтешките теми на денешнината, онака како што е познато од него.

Ова беше само една од многубројните награди која ја доби Хабермас во текот на својот живот, но една од најважните.

Хабермас важи за најзначаен германски современ филозоф. Епитет кој со право го носи, смета Штефан Милер-Дом, социолог и автор: „Хабермас го прифаќа речиси секое мисловно струење, го проверува, па се обидува да го приспособи и го продолжува натаму. Тоа е генијално: таа отвореност за прием и за натамошно развивање на мислите.“

Јавноста-животна преокупација

Хабермас е роден во 1929 година во Диселдорф. По студиите, меѓу другото филозофија, историја и психологија, тој рано се свртил кон т.н. „Франкфуртска школа“, влијателна група на социјално-критички научници. Неговото име се прочу во 1962 година со делото „Структурните промени на јавноста“. Во него тој го обработува прашањето кое ќе го следи целиот негов живот: како функционира јавноста или подобро, како би требало да функционира: „Тој поаѓа од тоа дека јавноста, па и онаа која ја создаваат медиумите, претставува значајна претпоставка и услов за демократија.“

Хабермас во 1970 годинаФотографија: picture-alliance / akg

Како главно дело на Хабермас важи двотомната „Теорија на комуникативното делување“. Тема: теоретскиот дискурс, размената на аргументи. Во една реченица е тешко да се сублимираат околу илјада страници од делото, вели Милер-Дом, но сепак се обидува: „Би рекол, главна теза е претставувањето на обидот, од што се состои разумот. Хабермас се обидува да покаже дека разумот се состои од користењето на разумот. Значи дека можеме да и‘ веруваме на логиката на подобрите аргумети.“

Хабермас поминува животен пат на акадамик, но секогаш се истакнува и со вмешување во јавните дискусии. Најпознат е неговиот придонес кон т.н. „историски спор“ во 1968 година, дебата околу толкувањето на германското минато: „Неговата позиција беше дека националсоцијализмот не треба да се минимизира, да се претставува како наивна појава, туку дека мора да постои соочување со германската историја. Секоја форма на релативизирање е ненаместо.“

Спорот на историчарите меѓутоа е само еден од многуте примери. Хабермас учествуваше и во дебатите за биоетиката, гентехниката, за заливската војна и за заканувачката доминација на пазарите. И со 80 години Хабермас важи се‘ уште за неуморен писател, а на тоа, барем како што вели Милер-Дом, не му се гледа скор крај: „Имам впечаток дека уште можеме да сметаме на Хабермас.“


Автор: Филип Билски / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми