Најдобрата менза на светот
25 ноември 2013Кога сакаат да јадат убаво, гурманите вообичаено одат во ресторанот на Салваторе Тоскано. Тој меѓутоа застан и зад витрините во кантината на универзитетот Слоу фуд (Slow Food) во Бра и ги послужуваше студентите од цел свет. Во универзитетот постои веројатно најдобрата менза на светот, во која на смени готват врвни готвачи, меѓу кои и вистински легенди.
„Да, ова е добра можност да се проба нешто од врвните готвачи, за чии јадења вообичаено плаќаш стотици евра. Сето тоа по цена од 6 или 10 евра“, вели Меги.
Еден од студентите Германци додава:
„Може да се пробаат различни регионални јадења и генерално се добива многу добра слика за италијанската кујна.“
Кај Салваторе има тоскански специјалитети, на пример риволита, односно супа со зеленчук и зелен грав. Сите состојки потекнуваат од регионот, а едно мени треба да чини под 5 евра.
Зошто еден врвен готвач би го правел тоа? Салваторе Тоскано вели:
„Не може да се одбие, ова е фантастичен предизвик - да се зготват добри јадења по екстремно ниски цени.“
Uниверзитетот Слу фуд (Slow food) постои од 2005 година. Темите јадење и пиење се третираат чисто академски, а од годинава има и практична нагледна настава во мензата.
Карло Петрини, основач на организацијата Слу Фуд, оценува:
„Да се работи со состојки кои чинат помалку од 5 евра е многу интересна вежба, особено кога се работи за готвачи со меѓународен углед.“
А, студентите кои овде се за да учат што е квалитетно, во никој случај не се едноставна публика. Тоа Салваторе го знае, па вели:
„Многу се љубопитни, но се разбира, има и критика.“
Акцијата покажува дека доброто јадење не мора да е скапо. А, и каде на друго место од шефот на кантината се добива автограм?