Најдобриот сладолед на светот се продава во Дортмунд
6 август 2014Ивано Фелтрин во својата слаткарница во Дортмунд, во која продава сладолед што доби светска награда. Тајна за вкусот всушност воопшто и нема - клучот е во свежите состојки, како ванила стапчиња екстра донесени од Мадагаскар. Тие се заштитени во студена метална кутија. По отворањето просторијата веднаш се исполнува со свеж мирис на ванила.
„Ова е ванилата. Ова е, така да кажам, моето богатство. Ванилата е цвеќе, таа е вид на орхидеја“, вели Фелтрин.
За ништо да не биде загубено, 47-годишниот Фелтрин внимателно ја вади срцевината. Малку кора од портокал, свежо млеко и јајца се загреваат на 85 Целзиусови степени. Сладоледот од ванила, кој му е омилен и на Ивано Фелтрин, веќе 50 години е продажен хит во Дортмунд.
„Ванилата е нешто посебно. И млекото, свежото сварено млеко, е потсетување на детството, на баба ми и дедо ми“, вели Фелтрин.
Една тура од 60 литри сладолед е доволна за два дена. Сладоледот со ванила го освои пехарот за светски шампион на меѓународниот саем за сладолед во Италија. Жири-комисијата го пофали „совршениот и свеж вкус“. Ивано Фелтрин уште како дете сакал да стане сладоледџија.
„Ова сето е направено со љубов. Тоа ни е во крвта, да бидеш сладоледџија ти е во крвта. Кај нас секој прави сладолед“, објаснува Фелтрин.
Италијанецот за сладоледот користи само одбрани состојки. Ореви и лимони од Италија, боровинки од Полска и манго од Индија. Десет месеци, по седум дена во неделата, тој е во слаткарницата - сладоледот, вели, му е животот. Ивано Фелтрин дури и сонува сладолед. Неговата најнова идеја е сладолед „колбаси и пржени компирчиња“ - креација од сладолед со ореви и ванила, со слатка павлака и овошје - омаж на Рурската област.
„Има убав вкус на ванила“, вели една жена.
„Вкусно. Нема забелешка“, додава еден маж.
Веќе петта генерација во семејната фирма прави италијански сладолед. Тоа им е како дел од татковината - во Дортмунд.