1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најдоброто од Македонија - за Берлин!

Силвера Падори-Кленке22 август 2014

Германско-македонското друштво синоќа се прости од македонската амбасадорка Утевска-Глигоровска, на која ѝ е доделено почесното членство. Едновремено е побарано што поскоро пополнување на испразнетото место во Берлин.

Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Претседателството на Германско-македонското друштво (на насловната фотографија) синоќа одржа средба по повод заминувањето на македонската амбасадорка во Берлин Корнелија Утевска-Глигоровска од функцијата, која официјално ќе ја извршува до 30 август. За досегашната заедничка работа, на Утевска-Глигоровска, која по службена должност беше вицепретседател на Друштвото, ѝ е доделено почесното членство. Таа и во иднина, по враќањето во Скопје, ќе биде своевиден мост и ќе се ангажира за афирмирање на Македонија преку соработката меѓу двете друштва од Скопје и Берлин.

Изминативе четири години во Берлин, амбасадорката ги оквалификува како „убаво, но не и лесно време, секако од аспект на очекувањата кои се имаат од Германија“. Таа едновремено забележа дека регионот и Македонија во иднина треба да добијат поголема поддршка од Германија, зашто факт е дека во изминативе години не биле во фокусот на политички Берлин.

И претседателот на Друштвото Валтер Колбо јасно кажа дека „ангажманот на германската политика во Друштвото и околу Македонија е недоволен. Жешките точки во светот се на други места. Но, посакуваме добра и што поскора замена на испразнетата амбасадорска позиција“.

Мора да има „македонски газда“ во Берлин

Случувањата во македонската дипломатија и јулското повлекување на предложениот и прифатениот наследник на Утевска-Глигоровска, дипломатот од кариера Ненад Колев, членовите на Германско-македонското друштво го коментираат од свој аспект.

„Како што не бива куќа без газда, така не бива ни дипломатско претставништво на една земја без амбасадор. И тоа особено кога е во прашање Берлин, кој за Македонија е без дискусија најважна дипломатска престолнина во Европа. Сметам дека ова мора што поскоро да се реши. Можеби навидум не е голем проблем, зашто во амбасадата има заменик или вршител на должност, но во актуелниот миг и европскиот пат кој го минува Македонија, ова мора што поскоро да се реши“, вели за Дојче веле, членот на Друштвото Павле Кузмановски.

„Дознав дека дипломатот што требаше да биде амбасадор на Македонија во Германија се повлекол. Не би навлегувала во одговорот зошто е така зашто не ги знам неговите причини. Но, факт е дека такви работи се случуваат. Треба, меѓутоа да се знае дека Германија и Македонија имаат традиционално мошне добри билатерални односи. Ајде овој настан да го гледаме позитивно и да кажеме дека македонската влада сака да го пополни местото со најдобриот, најквалитетниот кадар што воопшто егзистира во земјата. Ова зашто како кажав Германија не е само голем трговски партнер на Македонија, туку и многу, многу пповеќе. Затоа се надевам дека во Берлин ќе пристигне најдоброто од Македонија“, коментира и д-р Бетина Штреве, членка на претседателството на Германско-македонското друштво.

„Ова прашање, изборот на амбасадор во Берлин е внатрешна работа на Македонија. Но, сепак сметам дека не смее да се дозволи голем вакуум меѓу две персонални промени. Берлин можеби не е врвот на светот, но е мошне значаен европско-дипломатски и политички центар. Затоа, мој совет е местото да биде пополнети што поскоро, односно уште во текот на 2014 година“, вели претседателот на Друштвото Валтер Колбо.

Разделба, почесно членство и обврски за иднината! Претседателот на Германско-македонското друштво Валтер Колбо со почесниот член Корнелија Утевска-ГлигоровскаФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Дека станува збор за значајна дипломатско-политичка позиција не се сомнева ниту д-р Херберт Заутер. Со еден збор сите се согласни дека светот е немирен. Наоколу секаде врие од конфликти (Украина, Ирак, Сирија, Газа...) и во една ваква ситуација важно е Македонија да има свое дипломатско лице во германската престолнина.

Заеднички ангажман за надминување на бариерите!

„Регинот по конфликтите од деведесетите можеби е помирен, но е далеку од стабилен. Проблемите сами по себе не се решаваат. Од самитот во Солун во 2003-та и определбата за перспективите на Западен Балкан речиси ништо не е направено. За мене е разочарувачки што Македонија, која ги исполни задачите, поради познатиот спор со името со Грција не оди напред. Факт е дека интересите на политиката не се тука“, вели и Матијас Дорнфелд од претседатлството на Друштвото, кој е дециден дека поради тоа е важно да се одржи споната меѓу германската политика, Друштвото и Македонија преку првиот дипломат.

За поголемата активност на Друштвото како велат повеќето членови, покрај подмладокот е значајно да се обезбеди подобра операционализација во работењето. Зашто идеи има, но затајува нивното реализирање. Во оваа насока, како вели и секретарот на Друштвото, Шинаси Деребеј битни се два моменти: привлекување на што поголем број млади Македонци кои пристигнуваат на студии и работа во Берлин и натамошно посилно поврзување со активната германска политика. Во услови кога нема никаква евиденција колку Македонци во моментов се во престолнината, поврзувањето со нив би се обезбедило преку социјалните мрежи и за ова членството само ќе се погрижи. Вториот момент, пак, посилното поврзување со германската политика - останува обврска која зависи и од македонската влада - по распишаниот конкурс, што поскоро да го одбере кандидатот кој го смета за најподготвен за Берлин.

Неизвесно е до кога македонската резиденција на „Кралската алеја“ во Берлин - ќе биде без амбасадор!Фотографија: DW/Padori
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми