Најкратката ноќ - од два стана - три
31 март 2013„Подмолната кражба“ се случува за време на спиење: додека човек задоволно грчи и во сонот се свртува за 180 степени, часовникот „скока“, од два часот станува три..
Тактот на промената во сметањето на времето во Германија го дава Атомскиот часовник во Физикално-техничкиот сојузен уред во Брауншвајг. Преку посебен емитер се пренесуваат сигналите на кои часовниците со радиски прием на сигнал автоматски се приспособуваат на новото време.
Основа за промена на времето е пропис кој важи во рамките на целата Европа. Според него, средноевропското летно време во сите земји членки на ЕУ, но и во најголем дел од другите држави, започнува во последната недела во март и завршува во последната недела во октомври. Тогаш часовниците ќе бидат вратени еден час наназад.
Летното сметање на времето во Германија беше воведено во 1980-та година заради заштеда на енергија. Критичарите меѓутоа предупредуваат - ефектите од ваквата заштеда на енергија се речиси занемарливи. Освен тоа, последица на промената на времето е изместување на „внатрешниот часовник“ кај почувствителните луѓе, што преодно доведува до замор и пореметување на сонот.
На многумина им се потребни повеќе денови додека да го „фатат новиот ритам“. Според најнова анкета на германскиот државен завод за осигурување, ДАК, 70 проценти од испитаниците се изјасниле за укинување на промената во сметањето на времето. Потешко погодени од промената се жените - 30 проценти, речиси секоја трета има здравствени проблеми поврзани со „новото време“, додека кај мажите тој процент е 18.
Испитаниците се жалат на проблеми во концентрацијата, дури и депресивни расположенија.
„Часот помалку го пореметува хормоналниот статус. Наутро станувањето е тешко, се чувствува замор, а навечер се јавуваат проблеми со пораното одење во кревет. Организмот многу полека се навикнува на новиот временски режим“, вели д-р Валтрауд Фарер од ДАК.