Најмалку 18 загинати во ракетен напад во Одеса
1 јули 2022Воениот гувернер на регионот Одеса, Максим Марченко, на Телеграм напиша дека во рускиот ракетен напад загинале најмалку 18 луѓе, а повредени се најмалку 39-мина.
Цел на нападот, кој се случил рано изутринава во општината Серхијивка, биле една повеќекатница и простор за рекреација, јавија украинските медиуми. Воената управа соопшти дека паднале три ракети, испукани од руски Ту-22 бомбардери над Црното Море. Меѓу загинатите, како што се вели, има и две деца. Серхијивка се наоѓа во регионот Одеса, на 50 километри јужно од пристанишниот град.
Русија во изминатите две недели го зголеми двојно бројот на ракетни напади и, според украински извори, притоа во повеќе од половината од нападите употребила непрецизни ракети од советско време. Такви ракети, како што се вели, биле употребени и во понеделинкот, при рускиот напад врз трговскиот центар во градот Кременчук, во кој загинаа најмалку 19 луѓе. Русија демантира дека нападнала трговски центар и тврди дека нападот бил насочен против магацин за оружје. Од почетокот на руската инвазија врз Украина се убиени илјадници цивили. Русија ги негира украинските обвинувања дека напаѓа цивилни цели.