Најмалку 93.000 жртви во војната во Сирија
13 јуни 2013Обединетите нации поднесоа нов биланс за жртвите од војната во Сирија. Според светската организација од избувнувањето на бунтот против властодржецот Башар ел Асад на средината на март 2011 година убиени биле најмалку 93.000 луѓе. Ова е „минималниот број на жртви“, изјави високата комесарката за човекови права на ОН, Нави Пилај (на насловната фотографија)во Женева. Организациите за човекови права веќе извесен период говорат дека во Сирија животот го загубиле 94.000 луѓе. Секој месец во меѓувреме се регистрираат меѓу 5.000 и 6.000 смртни жртви, се вели од Женева.
Повеќето жртви од минатиот ноември се од околината на главниот град Дамаск како и од милионската метропола Алепо. Оваа екстремно висока стапка на смртност ја рефлектира и драматично влошената состојба во земјата, рече Пилај. Таа укажа на тоа дека меѓу смртните жртви има 6.500 деца. Според Пилај постоеле добро докажани случаи за измачување и убиство на деца како и масакар на цели семејства, вклучително и на бебиња.
Координаторката на ОН за итна помош Валери Амос упати молба до Германија за поголема поддршка во сирискиот конфликт. Неопходна е не само хуманитарна помош за бегалците, туку и економска поддршка за Јордан, Турција и Либан, реча Амос за радиото „Дојчландфунк“ во Келн.