Најскапиот зеленчук на светот
28 ноември 2011
Растенијата создаваат одредени материи кои ги штитат луѓето од болести. Флавиноидите се едни од тие „чудотворните“ супстанции. Тие се наоѓаат во сите растенија, па така и во оние кои ги јадеме: овошјето, зеленчукот и зачините. На флавиноидите им се припишуваат антиоксидантски својства, што значи дека штитат од т.н. слободни радикали, кои пак се одговорни за создавање на многу болести помеѓу другото и рак и срцеви заболувања.
100.000 евра за боца земен гас
Но, делувањето на антиоксидантите врз слободните радикали се´ уште не е во целост разјаснето. Науката се´ уште е поделена околу ефектот на флавиноидите. За да одговорат на тоа прашање, научниците од Универзитетот во Бон и Истражувачкиот центар во Јилих се обидуваат да одгледуваат зеленчук кој е посебен, како по својствата, така и според цената. Во процесот на одгледување научниците зеленчукот, кој сам по себе содржи големи количества флавиноиди, како што е спанаќот, магдоносот и нането, го „ полевале“ со јаглероден диоксид, кој кај растенијата го подобрува растењето. Но, јаглеродниот диоксид со кој научниците ги хранеле своите растенија не е обичен јаглероден диоксид, кој во најголем дел се наоѓа во атмосферата, туку диоксид кој го содржи многу реткиот изотоп 13Ц. „И овој тежок јаглерод се наоѓа во атмосферата, но е многу поредок”, објаснува Ингар Јанцик од Истражувачкиот институт во Јилих. И тоа влијае на цената: боца со јаглероден диоксид со изотоп 13Ц, која содржи 4.000 литри. чини околу 100.000 евра.
Растенија во борба против заболувања од рак
Но, со што научниците го оправдуваат овој скап процес? Како што објаснува Маике Глајхенхаген од Универзитетот во Бон, целиот тој труд е потребен за флавиноидите да се „обележат“ со изотопот 13Ц, за да може да се следат во текот на натамошните експерименти.
Така означените флавиноиди би биле измешани меѓу нормалните продукти кои лицата подложени на тестирање ќе ги конзумираат во рамки на експериментот. Потоа ќе биде можно да се утврди во кои органи завршуваат флавиноидите и како тие влијаат врз работата на тие органи. Првите резултати ќе бидат познати во средината на 2012 година.
Експериментите ќе помогнат да се утврдат процесите на влегување на флавиноидите во човековиот организам. Втор чекор на патот до сознанието за користа на овие материи би било утврдувањето на нивното влијание против заболувања, како на пример рак, за во иднина целно да се користат за превенција.
Автор: Јудит Хартл / Светлана Брик
Редактор: Горан Чутаноски